Македонски академици (2)

Современиот Мисирков во ликот и делото на Љупчо Коцарев

На мое големо задоволство, лично од почитуваниот професор д-р Љупчо Коцарев, поранешен претседател на МАНУ, ја добив новата негова книга „За македонските работи“, во издание на „Матица македонска“, Скопје 2021 година. Во книгата на современиот Мисирков има есеи, обраќања, беседи и слова од 2020 и 2021 година. Во книгата се истакнуваат повеќе прашања, дилеми и решенија, односно актуелни прашања за образованието, македонскиот јазик, идентитетот, македонизмот, негирањата на македонскиот јазик од страна на т.н. Договор за добрососедство, пријателство, ама и за негирањето на македонскиот јазик, македонскиот народ, историја и слично од страна на Бугарија… Симбиозата на оваа книга на современиот Мисирков е синхронизирана и заемна со заложбата што му била мисионерска задача и на Крсте Петков Мисирков во периодот од минатиот век преку книгата „За македонцките работи“, објавена во Софија во 1903 година, каде што ги обработува положбата на македонскиот народ, актуелните тогашни политички и етнографски состојби на Македонија и пошироко. Најзначаен дел е последната глава од книгата наречена „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик“, во кој Мисирков јасно дава предлог за оформување литературен стандарден македонски јазик заснован врз централните говори. Од поголемо значење е и тоа што Мисирков користи азбука што е база на денешната македонска кирилска азбука.
Кога се обидувам да пишувам за книгата на академик Љупчо Коцарев, „За македонските работи“, мора да ги истакнам за пошироката читателска публика делото и ликот на Љупчо Коцарев. Поранешниот претседател на МАНУ е редовен професор на УКИМ-Скопје и истражувач во рангот на редовен професор на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего од 1998 година до денес. Бил дел од академскиот тим на Универзитетот Калифорнија (Беркли). Автор е на над двесте научни студии објавени во педесетина списанија во природно-математичките науки, техничко-технолошките, општествените и хуманистичките науки. Изумител на шест патенти, одобрени и патентирани во Америка и во Европа. Неговите истражувања се финансирани од повеќе научни агенции во Америка и во Германија, како и од индустријата во развиените земји. Добитник е на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката. Спаѓа во редот на водечките два процента светски научници од сите научни области на сите времиња, во согласност со тимот на Универзитетот Стенфорд во САД (2020, 2021).
Во самата книга се поставени три дела: „Македонскиот дел од пеколот и од рајот: Како понатаму?“. Во овој дел ќе се осврнам на некои секвенци од беседите, говорите, гледањата пишувани од почитуваниот автор.

Мои избори и секвенци:
„Доколку образованието и издаваштвото продолжат да се уништуваат со ваква динамика во глобални рамки, 21 век може да претставува почеток на уште еден среден век. Образованието обезбедува критички интелектуални капацитети, знаења и начини за анализа потребни за значајни општествено-политички одлуки. Науките, уметностите и образованието, сите заедно, би требало, во духот на невидливиот колеџ, со помош на споделување, општествени принципи и етички норми, да станат потпирач на вистинските интелектуални и граѓански промени. Се надевам, а јас ќе направам сѐ што е во моја моќ, МАНУ да игра клучна улога во потрагата по излез од заробеноста на современиот свет, овде и пошироко“.
„Опстојбата на македонската општественост се должи исклучиво на образованието, на континуираното духовно и културно просветување, од првиот Светиклиментов универзитет, преку македонската преродба во 19 век, до обновувањето на МПЦ и формирањето на УКИМ и МАНУ. Иако македонската државност е остварена во средината на минатиот век, пред околу 75 години, денес 30 години независна Македонија, сведоци сме на почетоците на распродавање, откажување, негирање (од повеќе македонски институции) на сѐ што е поврзано со Македонија. Во врска со тоа, професорот Андоновски пишува: Затоа, придавката е сѐ’. Живот без придавки е живот без својства. Кој се откажал од придавките, се откажал од придавките ’македонски/а/о’, кои опстојувале повеќе векови, денес оркестрирано и синхронизирано се негираат од повеќето македонски институции…“
„Реформите во образованието. Стожерот на секое општество, образованието во Македонија веќе подолго време е подложено на постепено деградирање, уништување, за денес, за жал, да може да се констатира дека образованието е претворено во пепел, пеплосано… Во Македонија реформите во образованието се толкуваат многу повеќе како средство за постигнување определени политички цели отколку како механизам за негување на демократските општествени односи, промоција на граѓанското општество, интелектуалноста и колективниот одговор на кризите коишто се длабоко вкоренети во нашите економски, социјални и политички системи…“
„Образованието е во криза. Образовните системи се комплексни системи во кои реформите треба да се прават внимателно, водејќи сметка не само за определениот степен на општествениот развој во земјата туку и за образовните системи во соседството и пошироко во светот. Во моментов, образовниот систем во Македонија го тресат голем број скандали, од обелоденувањето на квазинаучни трудови и препишување, трудови што се целосно плагијати, фалсификат дипломи, до непотребните заеми од Светската банка за небулозни, беспредметни и некорисни проекти. Всушност, образовниот систем во Македонија само ја отсликува македонската политичка стварност. Така, во многу сегменти од образованието, сведоци сме на неспособност, беззаконие, неорганизираност, корупција, малверзација, злоупотреба, сервилност, дефетизам, недостиг од контрола, непотизам и задоволување на партиските интереси. Образованието во Македонија е во криза, а деградацијата на образованието, е застрашувачка…“

„Загрижен сум за леснотијата со која, во некои случаи, не секогаш, се пристапува во толкувањето на рамковната позиција на Република Македонија во однос на процесот за стабилизација и асоцијација на Македонија и Албанија. Еве два цитата, преводи на дел од документот објавен на веб-страницата на Владата на Република Бугарија (https//www.gov.bg/bg//novini/ramkova pozisia).
Дел од текстот за Македонија: Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена на уставен јазик во Република (С) Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешна југословенска република по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавање од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. ’македонски јазик’, одвоен од бугарскиот.
Дел од текстот за Албанија: Очекуваме усвојување на подзаконски акти за спроведување на законот за малцинства, очекувајќи максимално да бидат загарантирани правата на бугарското национално малцинство, вклучувајќи го и изучувањето, без административни бариери, на литературниот бугарски како мајчин јазик во региони традиционално населени од нив, како што се Голо Брдо, Гора, Преспа, Корча, Кукуш, Елбасан, но и секаде на друго место во Албанија каде што живеат во моментов.
Ваквите тврдења не ја одразуваат вистината. Зар да ги заборавиме Ѓорѓија Пулевски (автор на книгите „Речник од три јазика“ од 1875 година и „Словенско-населенска македонска слогница речовска од 1875 година), Коста Групче и Наум Евро (автори на „Македонски буквар“ од 1888), Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски, Ватрослав Облак (автор на книгата ’Makedonische Studien’/’Македонски студии’, издадена во 1896 година во Виена)… Според Облак, македонскиот јазик што се говорел на просторите на Македонија на кои живееле македонските Словени, посебно во солунскиот регион, е токму тој јазик којшто преку кирилометодиевските преводи на Светите книги ги внел Словените во христијанскиот свет.
…Свеста на духовната смрт (негирањето на просторниот и временскиот континуум на македонскиот јазик) не треба, повторно парадоксално да нѐ поттикне да го бараме значењето на нашето духовно постоење, живеење. ’Јазикот е наша татковина’. Нашето битисување, нашето духовно постоење, може да се оправда само преку повеќевековното постоење на македонскиот јазик, не само на територијата на денешна Република Македонија туку и пошироко.

’Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите’. На Балкан, во ЕУ и пошироко, денес, па дури и по илјада години, тоа треба да го правиме само рамноправно и достоинствено.“
Понатаму во книгата се наведуваат: „Предизвици во науката“ и „Интервјуа“. А на крајот на книгата е поставен „Македонскиот манифест“… При крајот на предговорот, како што вели авторот: „…Книгата е за Македонија, па оттука моја единствена желба е и во Македонија и во книгава да ’стапите како во драг и пречеклив дом, како во куќа на пријател кому му ги носите како подарок вашата приврзаност, љубов и љубопитство, а таа’ – и Македонија и книгава – ви ’дарува сеќавање на неа, препознавање на самите нас дека сме биле во неа и дека уште сме’“ (Матеја Матевски).
МАКЕДОНИЈО, НАШ СВЕТИЛНИК! МАКЕДОНИЈА НАША ИКОНА!

Крај

(Извадок од книгата „Македонска општествена стварност“од Ѓорѓи Илиевски)

Авторот е виш просветен инспектор во пензија