Некогаш… Многу одамна… Пред сѐ… Си живееше еден… Едикојси… така, така, еднаш… му текна (како на сон): потресна мисла… откровение… апокалипса како ненадејно сеќавање – среќа!
Го облева, но тој се сепнува (опитен е!)… Заборавил: порачувајќи кафе „у првиот скопски кафич“ (отворен е од Мите битолчанецот во новиот блок на новиот градски ѕид со име „Џули“ во 1971 г.) да прати СМС за паркинг… брзо… која зона беше?… зарем ќе му плаќаш казна… Добро, здивни… а да си каснеше благичко… аплоудирај-даунлоудирај… во мрежа си: сдсвмродуи и да… а… таа потресната мисла?… благовест, вест, вести, ести… исти… се случи ли таа мисла!
Сеќавањето се избриша… има… само нејасно чувство: како нешто да си сонувал, а не се сеќаваш на ништо од сонот… како да си видел свест зад усвоената секојдневност… случајно неконтролиран прозорец кон реалноста… имаше радост?… но…
Должни сме да бидеме разумни. Должни сме да не бидеме наивни.
Досега никој не се спасил: прво страдаш, потем заминуваш и пак така…
Знаеш: секој што кажува поинаку има намера да оствари профит за својот џеб
(сети се на страницата од Букварот под „Џ“ – ЏИН, ЏУЏЕ, ЏАМИЈА, ЏЕП), а правописот налага со „Б“!… тука да си повнимаваш…
Ти си во депресија, ама не си глуп. Знаеш: ОВОЈ СВЕТ МУ ПРИПАЃА НА АНГЕЛОТ КОЈ СЕ ОДЗИВА НА: зошто прашуваш за моето име иако Јаков упорно хистеричен бара: Кажи, кажи, кажи го! Кое е твоето име…
Должни сме да бидеме активни. Должни сме да не бидеме реактивни…
Ангелот: Зошто прашуваш за името, спокојно си ја тера неговата…
Види, времето не ги лечи раните… само ги покрива причините…
Види: на секој чекор има аптеки…
Сети се: не е така посекаде на свет… и: ако сакаш да знаеш не прашувај туку суштествувај… учествувај… БИДИ.
Види: знаењето без дејствување има само ограничено дејство..
Потем: си збунет.
Збунката се создава ако почнеш да одгатнуваш што сакал авторот да каже. Вистинските автори ни сами не знаат што сакале да кажат. Тие се само одбрани (не по своја волја) за преку нив да се испрати порака. ПАТ…
Пат на Патот….
По Патот неколкумина едикојси стигнале в пустиња… вода никаде… соспа од ситен песок во плунката… лавиринт… совршен… денови… и ноќи…
Ене: неколку кактуси… нека си починат..
Испраќаат извидник: Јаков од Октиси… можеби ќе најде излез…
Јаков извидува… Јаков се враќа… хистерично опишува: оаза, палми, рајска градина и езеро… водата кристално чиста… ТАМУ… потоа починува…
Сите едикојси се скрајнуваат… едни веднаш… тргаат…
Другите земаат предвид… сѐ… свикуваат седница… заседаваат и одлучуваат дека оазата е фатаморгана и дека е далеку пореално да останат (кактуси, кактуси, но сепак е некоја сигурност).
Едните што тргнале по патот наоѓаат влажен песок и една скоро палма… ако длабиш во влажниот песок се појавува вода… ако потоа почекаш се бистри донекаде… но после треба да се повторува процесот… заседаваат… решаваат дека ја нашле оазата иако не е според описот на Јаков, а тој… веќе не е меѓу нив… да потврди (?) или… да одрече (?)…
Верувам…
Некој сепак верник (правоверен) продолжил со потрагата и…
Верувам дека ја нашол оазата од описот…
Нема податок во приказната за таков исход…арно ама:
Оази според описот на Јаков не се илузија и навистина постојат и постои потребна и доволна статистичка веројатност да бидат откриени дури и од едикојси. Тоа што во приказната недостига среќен крај е само популарен начин што локално се смета за поуметнички според стандардите на ЕУ (таму сакаме да влеземе). Понатаму треба да се земе дека оваа приказна е истргана од заборавена торба со сите последици… и конечно традицијата најдобро знае што треба да се подвлекува во наративот. Но… нашето наследство никогаш не нѐ оставило без методологија во вакви парадоксални случаи.
Да се обидеме со древниот научен александриски метод за доближување до неизреченото. Македонскиот јазик го именува тој пристап со глаголската именка созерцание… Еве (неопходна е концентрација, а за верниците молитва):
Јаков од Октиси се бори со Ангелот на службената историја (Ангелот е висок комесар – олеснител претставник на мултинационалната корпорација ЕУ)… Препорака: види го акварелот потпишан од Пол Кле…
Јаков… со боречки зафат го счеканува и грбакнува на земја Ангелот…
Ангелот моли: Пушти ме!
Јаков: Не… Ќе те пуштам ако и само ако кажеш зошто постојано го доведуваш во прашање моето име…
Ангелот на историјата: Затоа што твоето име го доведува во прашање моето. Јас не знам со сигурност кое е моето… има многу имиња! Потсетник: „Европејците до 19 век одбрале дека потекнуваат од Тројанците“ (прошири за ова кај Албертино Дифузо Волтера)… потоа измислиле друго уште понепостојно во 20 век и на почетокот на 21 век, дека сѐ што постоело е всушност непостојно древно име, кое треба да се слави како потекло… (ако можете да разберете што сака да каже авторот)…
Јаков: Ако не знаеш – истражи… и остави го моето име на мира! Зар не гледаш дека вака живееш во затвор?
Ангелот: Затвор? Вака ми е удобно… и… Види, во затворов и не е толку лошо. Види, за нас смислата на животот е продуктивен живот в затвор… и искрено се надевам на претседателска позиција… и… види ваму: зарем вие не сте кандидати за влез!? Доброволно… нели? Овде користиме само 4 отсто од човековите моќи… и не се зема никаков процент од Дух или Душа. Тие не се пресметливи и не можат да се средат во број… и… ако нема број нема ни профит!
Овде закон е: COGITO ERGO SUM… А РЕНЕ секогаш бил и ќе биде посветен христијанин.
Јаков (повеќе како за себе): Зошто тогаш не рекол – CREDO ERGO SUM…
… или… и тоа сте го приспособиле на затворските потреби…
Вангел Божиноски