Македонофобија

Празник одбележуваме, ама не е време за славење. Не е ни чудно што средношколците, ама не само тие, поим немаат што одбележуваме на 8 септември… Всушност, одамна не сме имале ниту една добра причина да се чувствуваме добро, гордо или задоволно. Од празник до празник (кој и да е, ама особено меѓу Илинден, 8 Септември и 11 Октомври), нештата одат кон – размакедончување. Конечно да се ослободиме од стравот да ги кажеме нештата со вистинско име! За 33 години не само што не изградивме држава на цврсти темели туку и ги урнавме асномските. Од државичката направивме крчма во која секој патник намерник, а и сосед ненамерник, може да прави сметки на наш државен зијан, па уште и да изигрува жртва. Албанците страдаат од хронична амнезија за нивниот „придонес“ во крчмата и особено за лумперајките, ама и членовите на македонските „елити“ имаат меморија колку рипката во аквариумот – им трае едно крукче на власт. И потоа одново. Да се повикате на историчарите, со ретки исклучоци, и од нив фајде немате, бидејќи науката си ја дадоа на политиката, па уште и лицитираат со историски личности и настани. Тамам колку и новите генерации да се дозбунат тотално и да не знаат дали е вистина она што им се кажува дома за прадедовци и прабаби или за чукундедовци и чукунбаби…
Македонија веќе не е на Македонците, а македонски демос нема ни да има додека олигарсите се богатат на етничките дилови и содружништво во бизнисот на распродавање на државата. Доста ми е од политичка коректност, а веќе и кажував безброј пати дека рамковниот договор е еден од аглите на нашиот државен бермудски триаголник, кој нè влече удолу, никако угоре. Затоа и сега ќе пишувам само како Македонка. Зошто? Затоа што никој веќе не се ни осмелува да го стори тоа. Ако ја спомнат случајно својата припадност, веднаш почнуваат да се извинуваат, па додаваат Албанци, Роми, Срби, Турци, Власи (а наскоро и Бугари, Црногорци, Хрвати, Евреи)… Менталната матрица е толку деформирана што во свеста некаде чучи еден цензор што те опоменува дека не смееш да бидеш Македонец/Македонка во Македонија. Тоа било закана и навреда за сите други… Полека, комшии! Чекајте, браќа и сестри! Не може веќе така. Навираат стиховите на Балашевиќ „Не ломите ми багрење“: „Редот е ред. Полека, комшии! Не може само да се влезе, да се урива туѓото, убаво им велев. Не кршете ми ги багремите, без нив ќе ме оддуваат ветриштата, пуштете ги, мораат да ми чуваат една тајна златна како дукати“ (простете на лошиот превод, но убедена сум дека ја знаете песната и контроверзиите што се дигнаа околу неа, а Ѓоле беше распнуван на крст за кажаната вистина).

Ајде по ред! Додека Југославија се распаѓаше како кула од карти и тонеше во крв, нашите албански соседи начекаа момент да си го решат „албанското прашање“. Големо Косово или Република Илирида им беа на ум, а не одржувањето на заедничката татковина, која тргна по патот на независноста. Да, за нив 8 Септември ниту тогаш ниту сега има значење, бидејќи го бојкотираа најважниот момент од конституирањето на независната држава Македонија, надевајќи се на некакви нови граници. Истото тоа се случи и по два месеца, кога се гласаше Уставот од 1991 година – бојкот, напуштање на салата, под изговор дека не биле прифатени барањата на албанските политички актери (а кои водеа кон бинационална држава). Кога ни беше најтешко, кога Грците и Бугарите лобираа против нас, кога бевме под ембарга и неверојатни притисоци, тие агитираа кај светските центри на моќ, главно преку албанската дијаспора во САД и западните земји, да не ѝ се попушта на Македонија. Глигоров им додели државјанства на браќата од соседството, но и тоа не беше доволно. Во 1995 година имаше обид за формирање албанска паравојска, ама никој не одговараше за тоа. Оние што избегнуваа служење задолжителен воен рок (уште од ЈНА, а потоа и АРМ) беа амнестирани. Сагата за непочитувањето на одлуката на Уставниот суд за веењето на албанското знаме пред општините со албанско мнозинство ни е позната, но претходно беше формирањето на нелегалниот тетовски универзитет (ене го, жив и здрав и сè уште полн со незаконитости, кои ниту една инспекција не се сомелува да ги оправи). Во 1999 година Тетово и Гостивар станаа регрутни центри за младите Албанци што поитаа да им помогнат на борците на УЧК (додека цивилното косовско население беше прифатено во Македонија и Албанија).

За возврат, две години подоцна, косовската УЧК ја помогна македонската, па заедно војуваа против Македонија. Така барем беше објаснувањето дури и на некои истакнати албански писатели, интелектуалци и активисти од Македонија: УЧК не пукала врз Македонците, туку врз македонската држава! Како и да е, таа година Албанците го добија со војна она што одеше многу бавно за време на мир (да не се лажеме, мерките за поголема интеграција на Албанците во институциите и т.н. позитивна дискриминација почнаа уште пред војната, исто како и неколку други мерки за зголемување на правата на малцинските групи). Така, албанското малцинство се ослободи од навредливата дефиниција за себе и стана конститутивен народ барабар со Македонците. Сите други се сметаат за малцинства, а македонскиот народ од народ стана „заедница“ божем еднаква со албанската. Велам божем, бидејќи 2001 година ја отвори ширум портата на диктатурата на малцинството врз мнозинството. Таа диктатура не е класична, но е многу конкретна. Освен федералните елементи што се вметнаа со уставните амандмани (дефинирани од странци и усвоени под принуда, со нишан на чело), „рамката“ почна да се деформира по желба на толкувачите, т.е. помалата заедница, која беше и остана под отворена заштита на Калето. САД на Албанците гледаат како на стратегиски партнер во неговата целина, без оглед каде живеат во регионот, па така и ги третираат – како корисен актер за американските стратегиски интереси. Секогаш кога Македонците ќе се побунеа за својот идентитет, име, историја – камшикарот беа Албанците, кои ќе се заканеа со „дестабилизација“.
Ве потсетува ова на нешто? Па, да! Ништо не е сменето, иако владејачката коалиција (и особено ВМРО-ДПМНЕ) се обидува прстот да го сврти само кон ДУИ, мижејќи пред сите аздиси и ексцеси на Влен. Пак за мир во куќа и сласта на власта… По скандалозното однесување на Африм Гаши, спикер на Собранието со мандат од само неколку месеци, во нормална држава владејачкото мнозинство тивко ќе го принудеше на повлекување, особено по заканата со оружје среде аеродром, објект на т.н. критичка инфраструктура, од страна на неговото обезбедување. За свадбата и кршењето на прописите за влез и излез од државната граница и да не зборувам! Еднаш ми се случи на граничен премин, во една огромна колона што се движеше бавно, возилото пред мене да „заспие“ и да не пријде до шалтерот, па јас му свирнав. Полицајците само што не ме истепаа зошто било забрането свирење на граничен премин! Да беше свадбена колона, може ќе ми простеа… Но, не! Влен е јавнат на хубрисот и ароганцијата на ДУИ, па како добри ученици што долго чекале да се качат од магаре на коњ, сега чинат сè што ќе им се посака. Но, овие инциденти – паметете ми го зборот – наскоро ќе бидат мачкина кашлица, бидејќи барањата ќе скокнат до небо. А Мицкоски има слаби колена, а генералите и професорите на Знам (на кои нема кој да им пише) имаат нешто друго слабо, па затоа го бранат неодбранливото.
Во пресрет на празникот, бевме сведоци на интерпелација поднесена од Левица и поддржана од СДС (освен пратеникот Албанец – ним лојалноста кон крвта им е поважна од Уставот). Ако ја тргнете маглата на нападите и кукањата за албанофобија и фашизам, на чистина остана македонофобијата – кај Македонците! Сè додека не им зајакнат колената и ’рбетите, македонските политичари ќе се плашат и од странците и од Албанците и од самите себе. Со такви вождови, амбисот не ни бега. А за жал, уплашениот народ си ги гласа и уште непријатели бара кај оние што бескомпромисно се борат и ја зборуваат вистината в очи! Среќен, несреќен, празник е, ден кога 99 отсто од Македонците што излегоа на тој референдум на 8 септември 1991 година кажаа дека се за самостојна и независна држава Македонија, т.е. го потврдија континуитетот на АСНОМ. Растурикуќите ќе наздравуваат со шампањско, иако деградираа сè, вклучувајќи ја и самопочитта кај Македонецот, кој стана гостин во својата татковина. Македонецот не е горд. Тој страда од македонофобијата, односно се плаши да се цени и сака самиот себе од страв дека тоа ќе биде наречено албанофобија. Претседателката уште ужива во летните радости и културно-уметничките дешавки; можеби некој патетичен говор ќе одржи – но не очекувајте да стори нешто „субверзивно“. Нејзиниот миг бидна – и помина, за навек. Македонецот е горд. Понижен е, згазен, со болката и сеќавањата на смачканото племе на Конески.