Македонија во дивиот цвет на Блејк и во срчата на Чехов

Ѕвездите се во лош распоред, Македонија се губи, исчезнува, ѝ ја гаснат ламбата на Светиот Дух, драг читателу. Да. Ама јас не верувам дека докрај ќе го догаснат, до последната искра нејзиното пламенче, оти сигурен сум дека сепак Љубовта и Вистината на крајот ќе седнат на престолот на суровиот свет. Сигурен сум како и мојот руски пријател Достоевски „убавината ќе го спаси светот“ и во нејзиното огледало насекаде, и во најмалите нешта ја барам на изворот откровенската праслика на Македонија, сега во исчезнување како што го замислила тоа цивилизацијата со крвнички нож над неа. Убавината. Оти како што вели Плотин (кого некои наши интелектуалци го мешаат со Платон) „душата никогаш не би ја видела убавината ако не е убава“, исто како што и „окото“ не би го видело сонцето да не станало слично на него.“ Да. И Македонците секогаш внатрешното око го навигирале кон сонцето (затоа им го крадат сончевото знаме), а душата кон Убавината, што е, парадоксално, една од причините за нивна ликвидација од цивилизацијата што се плаши од неа. Цивилизацијата, која многу повеќе ја засака темнината од светлината, населувајќи ги барокно своите велелепни катедрали со демони од подземниот свет на нејзината темна душа. Катедралите за кои Шпенглер рече дека се прекрасна камена музика, ама во чија темна и студена утроба Бог никогаш не влегол. Е, токму таа и таквата демонски моќна цивилизација, драг читателу, нас за свое задоволство и завист нè толчела и усмртувала чекор по чекор, столетие по столетие, доведувајќи нè на крајот пред големата преспанска гробница (17 јуни 2018) и положувајќи нè во неа со една нејзина темна празнична церемонија од секакви политички накази, создавани во дувлото на сатаната, а не од глината на Адам со која беа зачнати од Бог Македонците.
Така. И Македонија е сега столчена до таа мера што нејзината некогаш голема слика од Пела до Индија на исток и до египетските пирамиди на југ е целосно здробена на атоми, на кванти разлетани de profundis во нашата меморија, па и јас ја барам неа во нив и во малите нешта секаде кај што одам физички и имагинарно. Сега, во овој есеј во таа смисла се сосредоточувам од многуте такви микроогледала за нејзин одраз и израз, како што најавив на почетокот на текстот и во насловот, на дивиот цвет на мојот омилен раноромантичарски англиски поет Вилијам Блејк, патем и голем сликар и визионер, и на срчата на фасцинантниот руски гениј Антон Павлович Чехов, која е длабоко херметичка семантичка шифра што ја сугерира и рефлектира по аналогија сликата на Македонија. Без да бил свесен тој. И кај дивиот цвет на Блејк, пак, и кај срчата на Чехов станува збор за архетипскиот симболизам на огледалото во кое се огледува Целината на универзумот како супституција на лицето на Бог, или големата слика на сепостоењето. Одраз на макрокосмосот во микрокосмосот чиј основен топос е човековото битие сместено во нашиот случај во метафорите на цветот на Блејк и срчата на Чехов. Иако поетите и филозофите на суфизмот овој пролет го посматраат од обратна перспектива, третирајќи ја големата слика на универзумот како макрокосмос, а битието како микрокосмос со што јас и ти, драг читателу, ќе се сложиме без маглива филозофска расправа, имено затоа што и Македонија целосно е залегната во божествениот универзум на нашето битие. Длабоко внатре во нас, каде што таа се огледува во дивиот цвет на Блејк и во срчата на Чехов.

А кај англискиот поет таа уште се одразува и во зрното песок, просторно, а временски како само еден саат во кој е собрана целата вечност. И целата таа херметичка филозофија на неверојатните аналогии некој филозоф како Хегел или Кант би ја објаснувал во неколку дебели томови, а на Блејк за неа му биле потребни само четири стиха. Еве ги нив: „Да го видиш светот во Зрно Песок, / Небото во Дивиот Цвет, / Да го држиш бескрајот на дланка / и Вечноста во само еден саат…“ Повеќе од сјајно, чиста квантна физика, квантна слика на простор-времето во која во секој еден квант се огледува сликата на Целината како слика на Бог, а се разбира и слика на нашето битие, индивидуално и колективно, во кое се случува тоа чудно Откровение. Во катренот на Блејк јас најмногу ја сосредоточив мојата фасцинација на „дивиот цвет“ во кој се огледува Небото, кое по аналогија го видов во свеста, или поарно, како што би рекол Јунг, во натсвеста како метафора на Македонија, убавината и невиноста како метафора во Македонија, убавината и невиноста во неа поради која таа од цивилизација е ставена во мртовечка гробница во Преспа 2018.
Знам, тоа е метафизика велиш, драг читателу, но метафизика на животот, барем во егзистенцијалното и историското искуство на Македонците, кои од Големата карпа на целината се сведени на атоми, ранети, а од нив на кванти. Не сум атомски и квантен физичар, ама искуственото и интуитивното спознание ме упатува и кон таа област макар и како поет. Па најпосле нели и Хајзенберг рече дека веќе со најновите откритија границите меѓу физиката и поезијата се укинати. Пред сè и затоа што на исто ниво функционира спознајниот и асоцијативниот систем и кај физичарот и кај поетот во нивните модерни откритија на имагинацијата. И двајцата тие се согласија дека изохипсите на материјалниот и живиот биолошки свет се бескрајно испреплетени. Доволно богат материјал и за физиката и за живото, како и за судбината на секоја жива ќелија и човечка индивидуа, а потоа и за секое племе, сè до планетарната судбина на нашиот свет, па и на вселената. Да. И нам ни е најблиско тоа да го илустрираме (нека нè наречат и егоисти) со судбината на нашето, како што го викаше Конески, „смачкано племе“. И такво, мало и смачкано тоа по аналогија на синџирот на асоцијациите се огледува и во малите и на изглед безначајни нешта, ама на кои Господ им посветува посебно внимание. Оти како што вели и суфи-поетот Махмуд Шабактари „Во секој атом се кријат стотини пламнати сонца“, а потоа и „ако повтеш да ја анализираш секоја прашинка, ќе откриеш илјадници Адами во неа“.

Да. И по „дивиот цвет“ на Блејк сега дојдовме и до мистичната срча на Антон Павлович Чехов. Срчата, која како симбол најдобро ја изразува метафизичката и егзистенцијалната историска ситуација на Македонија и на Македонците во канибалистичката цивилизација во која за несреќа се наоѓаат тие. Цивилизацијата чија психа, за жал, не напредувала во својата морална и етичка еволуција на милиметар повеќе од онаа на животните на Галапагос, островот на кој Дарвин свештеникот без бог сакаше да ја реши равенката на постоењето во светлото на канибалистичкиот феномен во кој доминираат предаторите, крупните риби што ги јадат ситните. Дарвин му ја потшепна, ако не се лажам, и на Ниче филозофијата на волјата за моќ, која потоа го обликува и неговиот натчовек. Да. Но во рамките на нашата тема, драг читателу, зборот ми е дека во таа сурова слика на канибализмот на Дарвиновата теорија, што се потруди да го истисне Бог од сликата на човекот и светот, се наоѓа меѓу западните и балканските предатори-канибали на цивилизацијата и некогаш моќната, а сега скусена до исчезнување и смртно ранета Македонија. Посебно почнувајќи од 1913 наваму, еве повеќе од едно столетие (!) таа е во устата на моќните западни и балкански канибали на цивилизацијата и не може да се отме од неа: парче по парче ја јадат со темна садистичка страст за нејзина конечна смрт.
Знам: дигресија до дигресија велиш, драг читателу, но тоа е, ако сакаш моја стилска слабост, ама и Аладинова ламба за доосветлување на темните места. Сепак, бидејќи гледам дека си нестрплив, еве нè најпосле in medias res кај магичната срча на Чехов, ненадминатиот мајстор на парадоксот. Но како дојдов јас до неа? Дојдов случајно, читајќи едно писмо од неговата епистоларија во кое неа тој ја спомнува во еден фасцинантен контекст на својата ars poetica, чисто во рамките на една естетска метафизика, но јас неа си ја приграбив како симбол по свое, пак како и дивиот цвет на Блејк, во контекст на сликата на Македонија и македонската судбина. Без разлика на чисто естетскиот нејзин симболизам кај рускиот писател, за кој сега ќе кажеме нешто врз основа на неговото писмо упатено до еден негов пријател. Имено, тој во него му објаснува нему како треба талентираниот писател да ракува со имагинацијата, користејќи го за тоа примерот со пејзажот како дескриптивен, но и како психолошки елемент посебно карактеристичен за руските писатели. Чехов тука се послужува како објаснение со можниот месечински пејзаж. Вели дека длабоко интелигентниот писател не треба да го користи него панорамно, широко, со полната месечина романтично блесната над ливади или шуми. Тоа, според него, е веќе поглед со телескоп, на кој тој му го спротивставува погледот со микроскоп. Да се потсетиме тука дека и Лорка во својот есеј за Гонгора зборува за поетот како човек што во едното око има телескоп, а во другото микроскоп. Но во нашиот случај со срчата, а и со сè друго Чехов како да е „дефектен“: и во двете очи има микроскоп. Примерот со срчата од неговото писмо со пријателот, имено, како естетски, но и како онтолошки концепт и истовремено, го потврдува тоа. Имено, тој вели дека правата работа не е да се опише спектакуларно полната месечина над ливади и шуми (тоа не е возбудливо), туку неа писателот да ја открие и види во една срча фрлена во јазот на воденицата.

Тоа. Е, сега веќе сфаќаш, драг читателу, дека во таа „безначајна“ срча на Чехов јас и ти ја препознаваме без отстапка сликата на Македонија. Тоа е срчата (дозволи да го користиме клучот на аналогијата) од нејзиното Големо културно-цивилизациско огледало во кое некогаш се огледуваше покрај сликата на светот и сликата на Бог. Таа и сега кога е искршено тоа се огледува во останатата срча од него. Само не им е дадено на сите да го видат тоа, посебно на нашите политички слепци, кои не поседуваат ни надворешно ни внатрешно око, целосно заглавени во сивиот простор на својата сива и неактивна мозочна маса како „архаични отпадоци“ (Фројд) од божјото создавање. Но да се вратиме на симболизмот на срчата, архетипален за новата, модерна историска ситуација на Македонците, посебно „модернизирана“ со идентитетската смрт во Преспа 2018. Згазена е од канибалистичката цивилизација интегралната голема слика на Македонија раситнета на срчи. Ништо не е оставено цело за да не крвави. Столчен ѝ е во срчи нејзе по Букурешт 1913 пиринскиот и егејскиот дел, одземено ѝ е морето. Ама и трите езера што ги имаше не куртулиле. И тие се испресечени со крвавата гранична, слична на касапски нож, линија. Сите три езера се испресечени со тој касапски грчки, но и на цивилизацијата (Западна, да не се крие) нож, сличен на оној со кој е заклан и Јозеф К. на Кафка по месечина на каменоломот во близината на судницата во која бил воден, иако невин, процесот против него. А каменоломот, драг читателу, еве ја судбината, пак е слика на разбиената целина, пак е слика на срчи од разбиеното Големо огледало при што е, по дефиниција, испокршено и лицето на Бог. А „Ако нема Бог“ рече мојот руски пријател Достоевски „сè е дозволено“. Дозволено е и усмртувањето на Македонија и Македонците во Преспа, ако воопшто и е тоа крај на нивната бескрајна смрт.
Е, тоа е, драг читателу, симболизмот на срчата од Големото македонско огледало столчено од новата римска цивилизација на Запад. Ама со тоа и нејзиното огледало е напукнато и ќе стане срчи, оти таа, таква каква што е, само ја забрзува ентропијата на која нема да ѝ побегне, а никогаш не успеала да ја сфати како што ја сфати неа Борхес, кој виде како крилото на ластовицата ја аби, допирајќи ја при секој прелет, пирамидата, за да на крајот по милијарди лета, по сончеви ери таа да стане прашина. Пирамидата (пак сме во златната мрежа на аналогиите), која ја симболизира сликата на моќна, но сепак распадлива цивилизација што повтела да нè распадне нас, мислејќи за себе дека е вечна, ама ете, парадоксално, повечно од неа е крилото на ластовицата што ја толчи неа како пирамида во прав. Нежното ластовичино крило, кое по аналогија се врзува за божјата честичка, најновото откритие на квантната физика, а во Големата слика на суровата евроамериканска цивилизација за Македонија столчена, срчата фрлена од западните варвари во јазот.

Срчата во која конечно, иако така „безначајна“ на крајот кога оваа канибалистичка, дарвинистичка цивилизација ќе ја снема во неа ќе се огледа сликата на Новата земја и Новото небо, која како што навести и Христос (кој пред Ајнштајн и Хокинг ја знаеше тајната) ќе ја создаде Господ по општата ентропија. Ентропијата што веќе страшно ја забрзува со својата материјална лакомост, во отсуство на дух и светлина, цивилизацијата што и нас нè ништи и убива убивајќи ја планетата. И како што гледаш и веќе стасаш, во таа антропија на сè и моќната цивилизација (за што говори нешто и старозаветниот пророк Даниел) пак ќе остане негибната срчата во јазот, македонската срча во која ќе блеснат како во некои индуистички митови на Бахават Гита илјадници сонца, сонцата што таа груба цивилизација ни ги крадела нам (сосе нашето знаме на кое тие светат и на преостанатите толчени и понижени од неа народи во светот).
Крај. Издржа, драг читателу, во мојата сурово реална и истовремено и метафизичка приказна за дивиот цвет на Блејк и за срчата на Чехов во кои се огледуваат небото и месечината. Цветот и срчата како зацелена рана што останале неуништени докрај од суровата цивилизација за да сведочат до нејзиниот крај за нејзината бездушна суровост, но и за невиноста, Љубовта и Убавината на столченото племе Македонија зад кое сепак стои Господ и има план за него, кога му порача преку Лука: „Не плаши се мое малечко стадо“. Племето на кое, впрочем, апостол Павле во Второто послание до солуњаните, како богоугодно и како светило во „расипан род“ (читај: Европа, му рече: „Вие сте од почетокот избрани за спасение на светот“). Спасение, кое по чудната божја замисла ќе дојде и од нашата крволочна смрт во преспа 2018. А тоа значи, драг читателу, дека во Господовиот план, парадоксално, македонската смрт како откровенска ќе биде со својата невиност, како закланите славеи во грлото на Рацин, искупување за бруталноста и гревовите на цивилизацијата во која до крајната математичка равенка, за жал, варварството се покажа помоќно од нејзиниот без споменик блескав дух на културата. Духот, кој, според божја дефиниција, сепак ќе го надживее варварството. Оти е, драг читателу, запамти, блиску Армагедон, што го отсонува апостол Јован на Патмос. Речи го ти и Армакедон. Нема да погрешиш.

ЕФТИМ КЛЕТНИКОВ