Во светот на лажните вести и дезинформациите, секој е самопрогласен експерт. Популарноста и самопромоцијата ги заменија знаењето и искуството како индикатори за стручност. Како резултат на тоа, луѓето ги продаваат своите лични мислења како стручни совети во сите области, од надворешната политика и финансиите до спортот, убавината и забавата. Кога подобро ќе размислиме, владеењето на самонаречените „државотворни“ е во сенка на огромен неуспех на експертизата. Довербата во власта сиве „историски“ години на промашувања широко го отвора прашањето за вистинското место на специјализирана експертиза во нашата политика и ја разоткрива тензијата помеѓу експертското расудување и јавното расудување што се појави на видно место во приказната за македонската демократија. Како и многу други работи во последниве години македонското општество не е управувано од акредитирани и академски сертифицирани експерти што веруваат дека, со оглед на разбирливоста на светот и неограничениот капацитет на човечкиот разум, методите на науката треба да се прошират за да ги опфатат сите аспекти на животот, вклучувајќи ги и уредувањето и управувањето со социјалните и политичките работи. Се разбира, овој вид технократска рационалност во македонската мисла и политика беше заменет со принципот дека ефективното извршување на јавната функција, како и експертизата, не бара посебна интелигенција или обука, осигурувајќи власта да развие паразитска класа на корумпирани државни службеници и експерти што се издвојуваат од народот и кои направија сѐ да имаат монополски контрола на специјализираното знаење. Кога се потсмевате на професиите во Македонија и ги сведувате на механизми на социјална контрола – алатки за консолидација на моќта и кооптирање на знаењето, крахот на државата и неуспехот на една политика се неминовни. Затоа државата стана расадник на експерти по потреба кои се далеку од непристрасни баратели на вистината врзани со интегритетот на нивната тема и нивните професионални знаења.
Со други зборови, „заедниците на компетентните“ во Македонија се сведе на заедници на самозадоволни или заедници на усогласени. Поточно, заедница на некомпетентни. Она што го опишува Шилер го опишува како ситуација што е направена интелектуално и морално опасна не поради самиот експертски консензус, туку поради нелегитимниот начин на кој постојниот консензус бил постигнат и зачуван. Ова е точната слика на денешната експертска Македонија, во која експертското мислење стана бескорисно. Секако, доколку не е на линија со наративот на власта. Со вакво сценарио власта си поигрува со прашањата од голем јавен интерес, за кои експертите по службена должност и мрзливите новинари изјавуваат дека „сите експерти се согласни“ и „дебатата е завршена“ и дека оние што не се согласуваат се опоненти и противници на власта. Сега и проруски ботови и антизападни елементи што се против ЕУ и НАТО. Ништо не го нагризува духот на знаењето и експертизата во барањето вистина повеќе од овој силеџиски догматизам на власта. Со ваквиот начин на функционирање, власта ризикува да го поткопа кредибилитетот на целата пирамида на стручно знаење. Ако веќе не го направи тоа.
Македонската демократијата е уморна, одмаздничка, самозалажувачка, параноична, несмасна и крајно неефективна. Поголемиот дел од времето живее во лагите на власта и нејзините експерти. Од една страна гледаме експерти замолчени или маргинализирани доколку нудат ставови што отстапуваат од прифатениот наратив на власта. Од друга, лажни експерти што продаваат „прифатени“ наративи остануваат слободни да се впуштат во бесрамни невистини на кои се очекува да им веруваме. Отстапувањето од вистината е намерно и тактичко. Секако во корист на власта. Иако надворешно изгледаат како експерти, оние што ни се продаваат за такви немаат никакво научно знаење, заднина или интегритет, што е потребно за да се сметаат за вистински експерт. Тие имаат тенденција да шират глупости и да креираат заблуди, секако во корист на власта. Но, во овој момент, лажните експерти и неуспешната експертиза се вкоренети во нашиот социјален пејзаж – и сè уште не сме развиле сигурен начин да се справиме со тоа. Или, едноставно, не сакаме сѐ додека се во линија со власта. Затоа, здрава доза на скептицизам може многу да помогне, како во спречувањето на порастот на повеќе лажни експерти така и во намалувањето на штетата од неуспешната експертиза.
Би било разумно да запомниме дека во општество каде што „експертите“ се дузина, нивните совети честопати прават повеќе штета отколку корист. За доброто на нашиот колективен разум, време е да го рестартираме приматот на вистината во државава. Затоа, смирете се политички наивните: следниот пат кога некој самодоволен експерт ќе тврди дека неговото политичко мислење и експертиза се логични и засновани на информации и докази, тој најверојатно не нуди ништо повеќе од постхок-рационализација на верувањата за кои дури и тој веројатно не го знае потеклото. Малку знаење е очигледно опасна работа. Понекогаш фалсификатите ги забележуваме предоцна. Иако се очигледни. Но, барем во едно сум сигурен слушајќи ги самопрогласените експерти по потреба – дека со нивната експертиза во моментов лагата ќе продолжи да живее во Македонија, непречено.
Проф. Звонимир Јанкулоски