Нека не те буни насловот на нашата денешна колумна, драг читателу. Тој неизбежно се јавува со трагедијата во Кочани што ја зави во црно Македонија, која по некоја проколнатичка црна магија не може да живее без болка и трагедии. Прекрасната Македонија во која Господ од горе ја истурил на почетокот од создавањето својата вреќа со дијаманти. Во неа, но и во душата на Македонците, кои во Новиот завет апостол Павле ги препознал како богоугоден христолик народ на кој треба да се угледаат другите европски народи. Но, како што гледаме, тоа ѝ ги боде очите на бездушната цивилизација во која сме фрлени не по своја волја и која во циклуси нè ништи.
Долга приказна, која везден и саноќ ја раскажувам како река без брегови, како Шехерезада. Ама додека таа го избегне мечот на крвникот, Македонците не успеаја во тоа и во Преспа 2018 им беше пресечена главата. Ама и потоа, глеј чудо, тие и обезглавени чекорат низ една цивилизација смалени од неа до форматот на она синапово зрно за кое говори Исус. Зрното на верата со која може и планината да се фрли во море. Со длабока рана тие и понатаму прават свадби, пеат свадбарски песни и играат свадбарски ора. Една неверојатно витална хиерогамиска антропологија. Да. А, парадоксално, сепак како и понатаму да нема излез од лавиринтот на нашата проколнатичка историска судбина. Лавиринтот во кој слепо го следиме лажниот гнил конец на лажната и гнила европска Аријадна, што нè води за жал само во челуста на чудовиштето на цивилизацијата, разјапена за нас.
Така, драг читателу. А трагедијата што ни се случи во Кочани само, макар и откосо, индиректно ја доосветлува македонската ситуација како ситуација на болката и раната на семејствата што ги загубија во трагедијата најмилите како сеопшта колективна македонска болка и рана. Оти на Македонија во нејзината континуална историска гибел, толку скусена и демолирана, ѝ е потребен секој еден живот како скапоцен камен во прстенот на Создателот. Особено животот на младите души што се разгрануваат во нови поколенија. А што се случи во Кочани, колку многу драгоцени животи во цутот на младоста згаснаа и колку многу микропоколенија со нив ги снема во народот кој, колку што може, само во несреќи се обновува и само во несреќи трае и истрајува. Народот што живее само со рани и само со нив се лекува, како што и сега со нив се лекуваат семејствата завиени во црно по она што се случи во Кочани. И тоа се, ако се сеќаваш на старозаветниот пророк Исаија, драг читателу, Исусови рани. Оние, како што вели тој, што Исус ги доби за ние да бидеме излекувани со нив. А тие и таквите рани долго и предолго, од Беласица 1014 наваму, ги имаат и чувствуваат како историска и метафизичка судбина Македонците.
Така. Но сега таа рана што ја зададе и отвори настанот во Кочани, што пече со интимна болка не ни е дојдена, драг читателу, од надворешен туку од домашен, внатрешен непријател. Дојдена ни е како слика на распаднатиот и целосно морално атрофиран систем загрозен од корисните идиоти што работат за туѓи интереси и од ништодушите, коруптивните бактерии со кои е полна власта од 1990 година наваму, размножени до ниво на задушлива смрдеа низ сите институции и кафкијански канцеларии на системот. Тие опасни бактерии се појавија како сеопшта пандемија во новата македонска Република по распадот на Југославија. Тие дојдоа со глупаво и некритички сфатената, ама во полза на бактериите, адорација на профитабилната западна, европска идеологија на капитализмот.
Ние сме страдале во историјата како ниеден друг народ, но сега трагичниот настан во Кочани не е од тој аспект чисто историски и метафизички, дојден од непријател отстрана. Таа трагедија првин интимно семејна од аспект на жртвите и нивните родители е и општомакедонска. Таа е од внатрешно потекло, резултат на гнилата држава и нејзиниот докрај аморален систем на сите нивоа на корумпираните институции. Тоа во Кочани беше лимб, инферно, хијатус, отворена бездна во која тоне тој во сè расипан систем што го убива чесниот човек, сè што е невино и чесно, а крева на површина сè што е расипано, корумпирано и безбожно и што гази по живи трупови за профит. И само за профит, оти тие идиоти и психопати во умот за ништо друго и не знаат. А патот кон него им е поплочен со златни плочки на морално расипаниот и распаднат систем. Еден неверојатен суров дарвинизам и пред да се појави кај нас таканаречениот дарвинистички „слободен пазар“ на капиталот. Сѐ почна со таканаречената транзиција по распадот на Југославија во нашата новопоставена Република божем со западен демократски терк. Во неа сè што беше градено со труд во самоуправниот југословенски социјализам стана прав и пепел. И така, драг читателу, пред наши очи се појави сликата на македонската транзициска Хирошима, во која за миг исчезнаа топтан и работниците и фабриките. Нив ги купија по цена од едно чоколадо или кутија локум некои пробисвети, и така се создаде нова елитна тајкунска класа на богаташи, збогатени без труд за 24 часа. Феудална класа на феудалци. Така се создаде еден алхемиски врзан систем меѓу политиката и новопечените економски моќници на транзицискиот грабеж, кој се вклопи „идеално“ во новомакедонскиот систем по Југославија, продолжувајќи со несмален интензитет и понатаму континуално да трае сè до денес. Во транзицијата на Црвенковски за првпат се сретнавме и со поимот докапитализација, а тоа да ти значело доразграбување на сето она што пред тоа го создал трудољубивиот работник во фабрика или селанецот на нива. И тој специфичен дарвинизам како македонски транзициски изум трае и трае, а сите чекаме во јанѕа да му дојде крајот додека грабежот и соголувањето на народот продолжуваат со ништодушите, кои создадоа како тврдина невиден систем на корупција и толчење и соголување до гола кожа на народот. Онаа кожа што му ја покажува Свети Вартоломеј на Христос на фреската „Страшниот суд“ на Микеланџело во Сикстина.
Е, тоа е, драг читателу. И, имено, и трагедијата во Кочани сега посебно со силно инфернално светло ја доосветлува сликата на расипаниот систем создаден од нашите политички и коруптивни алхемичари од сите видови. Оти се изнагледавме за овие три децении и нешто (не)суверенитет, (не)самостојност и (не)слобода на ништодуши и идиоти што нè туркаа(т) сите нас глупавите чесни и работливи, нежни и неотпорни на суровоста, кон бездна. Оти всушност тие немаа чувство ни за грев ни за срам, основните прасупстанции уште од почетокот на создавањето на светот врз кои се темели човековиот морал. Оној што толку многу со една филозофска метафизика го боготвореше и Емануел Кант.
Моралот што тој го дефинира како априори императив на човековото постоење во светлото на божественото. Императивот што тој го соопшти како екстатична молитва: „Ѕвезденото небо над мене, моралниот закон во мене“. Да. Но за нашите дарвинистички ништодушни суштества на коруптивниот систем тој закон и таа императивна молитва не важат. Тие суштества по сè изгледа ја преспале долгомилениумската еволуција на Дарвин и сè уште не мрднале надвор од Галапагос, иако се со дебели фотелји, во убави костуми и со убави вратоврски на својот крокодилски врат, здебелени како нилски коњи од грабежот. Дебелогази грдосии како оние со кои Јахве го плашеше најправедниот меѓу праведните Јов во Стариот завет. Тие суштества за да ни го одвлечат вниманието од нивниот закржлавен еволуциски раст и Галапагос ја кријат опашката под задникот во панталоните, ама народот е севид и ја гледа неа.
Нивниот ум без трошка божествена ситуација, пријатели не на Бог туку на сатаната, направија од оваа прекрасна земја и народ ужасно место за живот. Место што сега конечно е именувано како такво со „дискотеката на смртта“ во Кочани или поарно со „дискотеката на системот смрт“. Така, драг читателу, оти, имено, како на Македонија и на Македонците да им се паднале во распоредот на нештата тие размножени бактерии за да ја потврдат и илустрираат мрачната песимистичка визија на Артур Шопенхауер дека овој свет на планетата Земја е најнегостољубивиот и најлошиот од сите можни светови што постојат во универзумот. Филозофот со мефистофелски профил, карактеристичен и за целата западна цивилизација откако нејзиниот архетипски лик Фауст си ја продаде душата на Мефистофел (ѓаволот). А Македонија во сè сега ја потврдува и илустрира (хипо)тезата на сепак сјајниот германски филозоф од кого учел и Ниче, иако потоа саркастично го негира. Ако е, пак, за утеха, Македонија сепак не е единствено такво осамено место во светот. Има и други такви, и во Африка, и во Азија, и во Јужна Америка. И таму има „дискотеки на смртта“. И тие се слично како кај нас државни „дискотеки на системот на смртта“. Дискотеки – смрт. Настанот-инферно во Кочани, за жал, ни го отвори умот за таков поглед на нештата кои не ги гледавме и покрај сè додека дивееше системската корупција во сите институции на државата, пред сè во политичката и судската врхушка прегрнати во цврста корупциска прегратка.
Така, драг читателу, а ти ми велиш дека веќе сум фатил да ридам, преколнувам и колнам сè што е безбожно како старозаветниот пророк Еремија познат по таа онтолошка вистина и болка: пророк-поет на клетвата фрлена на безбожниците. Така, и уште ме прашуваш реторички како да се снебиваш со прашањето: „А зошто смртта не ги зема нив безбожниците, туку невините кои се богообразни и му се мили на Создателот?“ Навистина тешко и збунувачко прашање, кое е деликатна метафизичка шифра, парадокс што не може лесно да го сфатиме. Па, сепак, постои некој одговор што може да изгледа веродостојно. Имено, изгледа дека смртта понекогаш има естетски критериум и ги сака многу повеќе невините, чесните и храбрите од кукавиците и ништодушите. Ама сепак еден ден и нив ќе ги собере морално голи и презрени и од неа. Ќе го остават сето материјално богатство што го грабнале лакомо и нечесно од потта и сиромаштијата на другите и, како што вели Светото писмо, од прав создадени во прав ќе се вратат, а нивните души горе ќе бидат измерени на вагата на Правдата на страшниот суд, кој е неподмитлив и не е корумпиран како нашето судство и судии, што имаат изградено шуплив систем на „право“ и што не ја познава Правдата. Тоа судство и неговите корумпирани судии ја убиле неа, а со тоа и надежта дека ќе самне и ќе светнат во долгата ноќ, како што би рекол Рацин, „белите мугри“ по кои доаѓа „силно светнатиот ден“.
Не, драг читателу, оти како што ти е познато, кај нас ене веќе повеќе од три децении од лажното осамостојување не се случи тоа. Кај нас за сето тоа време, сè до денес, корумпираниот судски систем што треба да дели Правда, ама неговото „право“ не ја познава неа, личи на системот на судниците во прозата на Кафка. Судниците со самрачни ходници низ чиј лавиринт талка од врата до врата невиниот Јозеф К., кој не знае зошто е осуден, за на крајот да заврши недалеку од нив во каменоломот каде што е убиен во ноќта со полна месечина.
Така. Тоа е сликата на Македонија ужасна што ја создаде корумпираниот систем на партиски, коруптивен и секаков друг вид на канибализам. Системот што е целосно разјаден однатре од политичките и секаквите други бактерии штетни за чесниот народ. Така со нив се стаса на 16 март и до „дискотеката на смртта“ во Кочани како слика на „системот на смртта“ во кој живееме, драг читателу, еве повеќе од три децении веќе. Така тој систем ја уништи Македонија прекрасна. Ја потемне сета раскошна убавина на нејзиниот сончев пејзаж и на пејзажот на душата на народот, кому му е избришана насмевката и убиена ведрината. Македонија прекрасна која политичките и секаквите други коруптивни бездушни души ја направија, како што би рекол пак Шопенхауер, најлош свет од сите можни светови што постојат, најлошо место за живеење од кое ни се селат младите и чекорат како стампедо низ него белата чума и корупцијата, почнувајќи од власта и судството во врвот, па до пониските ешалони на поситни корупционери-бактерии кои се залепени за нив според законот: слично со слично се привлекува. Ист е нивниот магнет. Таква е актуелната ситуација, која актуелната власт се колне дека ќе ја расчисти и среди и дека ќе го отвори прозорецот на „системот на смртта“ кон убавите виножитни пејзажи на Македонија прекрасна. Македонија прекрасна која според сè што ѝ дал Господ, без да штеди, може да биде не најлошото туку најубавото место од сите можни места за живеење, како што го замислуваше тоа за планетата Земја, спротивно од Шопенхауер, еден друг Германец утопист, големиот филозоф, математичар и хуманист Лајбниц. Свет низ кој чекори подрака со Човекот и Господ Светлината и нема ноќ. Само бескраен, како што го сонуваше него македонскиот утопист Рацин, „силно светнат Ден“.
Македонија прекрасна.