Македонија на Исток

Тоа е насловот на нашата денешна колумна, можеби за тебе збунувачки, драг читателу, оти освен за запад ние не знаеме за ни една друга страна. За ни една друга жива. Онаа северната со која нѐ одведоа на кланица и нѐ погребаа во Преспа е мртва и мртовечка, па неа ја исклучуваме. Истокот е туѓ за нас, оти со сите сили нѐ поклопи Западот на западната супрематистичка, ариевска цивилизација и нѐ направи луѓе со заробен ум и душа. Некого насловот на колумнава можеби ќе го потсети по аналогија на книгата на српскиот социјалист од 19 век Светозар Марковиќ, „Србија на Исток“. Човекот што духовно се напојувал од идеите на руските левичари во Царска Русија: Чернишевски, Доброљубов, Херцен и Писарев. А се напојувал, разбирливо, и од идеите на Маркс, кој исто така со едното око пророчки гледал на исток кон Русија како почва на својата визија за револуција на угнетените, што и се случи со Октомври 1917.
Светозар Марковиќ беше во некоја рака антиципатор на политиката на неговата денешна Србија со едната нога во Западот, а со другата во Истокот, Русија како моќен магнет што ја влече неа кон себе, разочарана од лицемерниот и сѐ уште колонијалистички систем на западниот, лаком за експлоатација на туѓи народи либералкапитализам. Русија, насила одвоена од европскиот Запад за кој копнеел Петар Велики, е турната кон Азија што е сега во фокусот на овој текст како компаративен елемент. Компаративен со колонијалистичкиот, рационалистички и профитабилен Запад на Европа, спореден со сѐ уште Истокот на мистична Азија, чија алхемија на нејзините древни архетипови е сѐ уште жива. За тоа сведочат најдобро кинеските архетипови/принципи Јин и Јанг не само на биолошка (машко/женско) туку воопшто и на космичка рамнотежа (добро и зло, микро и макро, човек и космос), спој на земното и небесното, формулата на Хермес Трисмегист, која веројатно тој по „патот на свилата“ (хипотеза) ја примил безмалку како готов производ од мистичната Кина. Кај Индусите, пак, кинеските Јин и Јанг се директно преведени во космичка перспектива со нивното Атман (индивидуалното Јас во основа трансцендентално, како што тврди Јунг), со Брахман (космичкото Јас, репрезент на космичката енергија во која се реализира принципот нирвана на Буда). Доста комплицирано за западната експериментална и материјалистичка, рационалистичка психа, која ги отфрли сите атрибути на божественото, драг читателу, и направи вистинска пустина од душата на нејзиниот човек, еднодимензионалниот човек на западната либералкапиталистичка цивилизација, како што го прецизно дефинира него Маркузе. Човекот што ја продаде поодамна душата на Мефистофел (ѓаволот) за материјална и сензуална наслада, испразнет од мистичното, тајната на божественото во себе што ја задржа сѐ до денес човекот на Азија за која сега, нормално, како репер ги земаме Кина и Индија. Таму сѐ уште го нема архетипот на апсолутно отуѓениот човек на западната либералкапиталистичката цивилизација, кого маестрално во само неколку крупни потези го портретира Албер Ками во својот кус роман-есеј „Странецот“ во ликот на Мерсо. Ками всушност со „Странецот“ едноставно и фасцинантно во неколку потега ја скицира сликата на апсурдот, со кој потоа се занимаваа експресионистите, на човекот на Западната цивилизација испразнет од Бог и Божественото. Поаѓајќи од истата егзистенцијална и филозофска позиција Сартр животот на таа цивилизација го дефинира ефектно in medias res како „мачнотија на постоењето“.

Во најкуси црти тоа е сликата на либералкапиталистичкиот Запад, чии главни претставници, според кои ја препознаваме неа, се нејзините моќни колонијалистички нации алчни за покорување туѓи народи и грабеж на нивните материјални, но и културни и духовни блага. Тоа е Европа на тие алчни нации, па така, во таа и таквата ужасна слика не се вклопуваат нациите и народите што не се такви (Чешка, Словачка, Унгарија, Србија, Македонија, па ни Големата Матушка Русија, која имала и сѐ уште има моќ за да биде таква ама ѝ недостига западен канибалистички нагон за експлоатација и грабеж). Азија (а тука во тој контекст е и Африка, прекрасната црна душа со безброј западни рани) во контекстот на темата на нашата денешна колумна, драг читателу, која е апсолутен контраст на западната рационалистичка и материјалистичка психа. За илустрација на тој антрополошки речиси непремостлив хијатус веќе ги зедовме како компаративен пример Кина и Индија. Еден клучен парадокс тука ја објаснува таа антрополошка и филозофска разлика. Имено, огромните, сега и со над милијарда жители, Кина и Индија никогаш во својата долга неколкумилениумска историја на постоење не биле колонијалистички сили. Напротив, биле колонизирани и понижувани, иако тие со својот спиритуален дух тоа и не го доживеале како понижение, туку како нешто што е зададено во космичкиот распоред на нештата и ќе помине. Но не како судбински проклетилак како што се сфаќа тоа на Запад, туку како нешто природно во универзалната слика на постоењето.
Западната психа е етноцентрична, без космополитски елан/витал, сурова егзистенцијалистичка, и како таква е по менталитет наследничка на психата на Римската Империја за разлика од азиската психа на Индија и Кина со ум и душа во кои е вглобена големата слика на универзумот. Тоа е мозаикот во кој не само сите народи, но и секој човек, па и секој инсект, пеперуга или пчела се рамноправно вклопени во таа источна, азиска слика на сеопштото постоење. На запад во Европа се ретки луѓето што ја имаат сфатено таа драгоценост на источната егзистенцијална филозофија. Можеби тоа најубаво го сфатија Јунг и Фром, кои жалат што Западот многу малку или скоро ништо не зел од Истокот. Од писателите што најмногу биле фасцинирани и гравитирале духовно и душевно (различно е духовно и душевно) кон Истокот би ги спомнал Рилке, Рудолф Каснер и Хесе.
Впрочем, во тој отворен космополитски азиски ум и душа, драг читателу, се вклопуваат и македонскиот ум и душа, различни од осаменото профитабилно его на Западот. Антиримско. Македонија е catena mundi, копчата на светот, куќа изградена на раскрсница меѓу Истокот и Западот. Македонија „куќа-цел свет“ во визијата на Рацин со космополитски дух наспроти етноцентричниот на Римската Империја, чија егоистична ментална слика, одбивајќи ја македонската космополитска, ја наследи речиси по генетска линија на сличност колонијалистичка Европа. Па, имајќи го тоа предвид, имено, и Светиот Дух и духот на Исус го испратија Павле во Македонија за од тука да ѝ ја пренесе на Европа Радосната вест за сеопшта љубов. Но таа не ја прими неа, освен што изгради велелепни катедрали, но во нив не вгнезди христијанството и Бог. Според сѐ што го направи како цивилизација таа, тој никогаш не влезе во нив.
Македонија и Македонците го имаат впиено уште во антиката сензибилитетот на Истокот. Александар тргнал кон него, а не кон европскиот запад, кој сѐ уште се давел во варварство и бил плен на Римската Империја што држела рамнотежа меѓу културата и варварството што било изразито сурово. Македонската душа била отворена за културолошки проткајувања со источната. Така, македонската народна песна е оплодена со лиризмот на персискиот суфизам на Руми, Хафиз и другите суфистички поети, нешто што бара посебно проучување. А тоа важи и за музиката со ориентален тонски колорит.

Од Истокот прво кај нас ни доаѓаат и тамбурата и другите жичени инструменти. Низ Македонија како фокусна точка меѓу Азија и Европа минува и славниот кинески „пат на свилата“. По него кај нас доаѓа и тајното злато на кинеската алхемија, која првин се проучува тука, а дури потоа оди на запад. Доказ за тоа е дека, имено, во Македонија италијанскиот монах Леонардо ди Пистоја, а по заповед на фирентинскиот благородник Козмо ди Медичи, се најдени книгите на Хермес Трисмегист, и потоа однесени во Фиренца, Италија. А нему потоа Европа, само да не е Македонија, му ја одредува татковината во Египет. Воопшто источниот дух преку Македонија се прелева и на Балканот пошироко. Темата на Истокот во таа смисла го интересира и Иво Андриќ во есејот „Ориентот прекрасно и ужасно чудо“, чудото што преку Македонија стасува и кај западните алхемичари. Тие го бараат каменот на мудроста lapis, кој во основа го симболизира Христос. Но тој камен архетип останува само во умот на западниот херметизам, оти е познато дека Западот само номинално го усвои Христос, но не и неговата наука за сеопштата љубов во човештвото, која, пак, од Македонија со апостол Павле му беше заветно препорачана нему. Се покажа дека нему му е помило паганството, кое и денес може да се види скулптурално на сводовите на неговите катедрали, и варварството, и покрај, рака на срце, сјајната култура. Да. Но Шекспир, кој страшно ја критикуваше западната ксенофобија, не беше моќен да го заузда европскиот Запад за варварство. Тој лаком за пљачкање на туѓи народи уништи дури и цели цивилизации со фасцинантни култури како што се тоа Маите, Ацтеките и Инките во Јужна Америка, а варварски погроми и пљачкосувања направи и во Божествената Африка, како и во некои азиски региони. Индија, на пример, ја пљачкосуваа Англосаксонците три столетија, а заедно со нив и Португалците. Итн.
Кога го имаме сето ова предвид, драг читателу, неизбежно е да заклучиме дека колонијалистичка Европа на нејзините моќни нации ја има целосно наследено етноцентричната и сурова ментална слика на Римјаните. Тие неа и натаму упорно ја негуваат и кога ја маскираат со некои божем хуманистички и космополитски превези каква што е, на пример, сега тоа ЕУ. Но залудно. Тие никогаш не се допреле до космополитизмот на македонската психа кон кој имаат анимозитет. Оттука фројдовски, несвесно нивниот анимозитет и кон Македонците, предавајќи им ја со насилнички политички декрет нивната историска меморија на Грците, чија ментална слика е исто така етноцентрична, далеку од Христовата наука на љубовта, за што сведочи и апостол Павле во неговите посланија, советувајќи ги да се угледаат на богољубивите Македонци со кои сакал да се пофали пред Господ. Впрочем кај Македонците по мемориска генетска линија денес избиваат на површина отворениот космополитски ум и визија наследени од античките предци. Тоа е евидентно кај Гоцевата визија за светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“ и кај Рацин со неговата „куќа-цел свет“.
Така стојат работите, драг читателу, но Гоцевата и Рациновата визија за космополитизам, сечовечка љубов и култура на човештвото никогаш не ѝ се посебно допаѓале на колонизаторска Европа, а ни денес не ѝ се допаѓаат. Напротив, таа одамна, уште од времето на нејзините темплари и крстоносци, го негува и го усовршува нагонот за угнетување и експлоатација на послабите, а кој значи усовршување на фашизмот како нејзин пронајдок. За тоа денес посебно и силно сведочи и насилничкиот идентитетски геноцид над Македонците со одземање на нивното генеричко име и негово предавање со целокупната неколкумилениумска културно-цивилизациска меморија на друг – Грците. И тоа европско варварство под шифрата ЕУ на вавилонската ороспија се случи во Преспа 2018 на крајно перверзен божем софистициран политички начин и ветување прием во Унијата во бриселскиот политбордел. Но тоа не се случи. Наместо тоа го добивме НАТО, за кое лично мислам дека е најголемата и политички најубаво софистицирана терористичка организација во светот. Нејзините резултати се добро познати на тој план. Од кого ќе нѐ брани таа, од братските Руси и другите словенски браќа ли? Или од Грците и Бугарите чиј геноцид кон нас што го наумиле и го спроведуваат со страшно темпо Брисел и Вашингтон штедро го поддржуваат.

А НАТО, кому на целата сиромаштија му истураме златници во џебот, е нивен. А? Што велиш, драг читателу? Туку, по сето ова најпосле дојдовме до поентата на нашата колумна со шифрираниот и сугестивен наслов „Македонија на Исток“. А што е нашата порака со него? Да ја отклучиме шифрата. Тоа е конечно да ѝ кажеме на бриселска Европа дека знаеме што ни се случило благодарение на неа – идентитетски геноцид, Преспа 2018. Тоа, пак, е под дефиниција фашизам, а фашизмот кон Македонците таа со Преспа по вторпат го демонстрира. Првиот пат тоа се случи само три години по Втората светска војна во 1948 година со англиските бомбардери полни со напалм-бомби и смрт во Егејска Македонија што ја чистеа од Македонците за тогаш (а и денес не се многу поинакви) грчките монархофашисти. За од Европа патолошки, едиповски омилената Елада. Геноцидниот проект Преспа 2018 се вклопува во истиот фашистички концепт. Ние доживеавме безброј распнувања и пониженија на таканаречениот „европски пат“ кон Брисел, кон ЕУ. А тој „пат“ благодарение и на нашата полтронска политика од 1990 сѐ до денес и нѐ доведе до Преспа 2018 да бидеме за потсмев европски идентитетски мртовци. Тоа е болно, страшно болно, огромна ментална болка. И пак и сега нашата политика е наследно папагалска: Европа па Европа, Америка па Америка, Запад па Запад! Се наполнивме како идиоти со западната русофобија, па и ксенофобија како заробеници на западниот заробен ум. Сѐ уште не сум слушнал некој наш политичар сега да ги изговори зборовите Кина и Русија во позитивна културно-цивилизациска конотација како нова перспектива и визија за нас по сите европски пониженија и идентитетско ништење на кое сѐ уште не му се гледа крајот. Време е конечно кај нас за храбри политичари што ќе го изведат ОВОЈ народ од калта на европските пониженија на осветлена висорамнина за да му ја ублажат огромната ментална болка. Па, мајката, не е само Западот апсолутна цивилизациска страна на светот. Постои покрај Запад и Исток. Покрај перверзна Европа и Америка стратегиските партнери, кои нѐ доведоа до Преспа 2018 и бесилката наречена „француска рамка“ и некои други што се подготвени да нѐ признаат под генеричкото име и да ни го вратат достоинството на опљачканиот идентитет. Тоа е БРИКС на Кина, Русија, Бразил, Индија… Ајде малку да го напуштиме типичниот за македонските политичари полтронски стокхолмски синдром на патолошка љубов кон својот џелат. Ајде! Македонија на Исток!!!