Македонците ги враќаат старите навики – да ја прават горда Македонија!

Македонскиот национален тим продолжува да прикажува игри на високо ниво и со триумфот над селекцијата на Катар останува во игра, барем на хартија, за пласман во нокаут-фазата, односно во друштво на најдобрите осум селекции на планетата

Со ваква самодоверба на македонските ракометари и поддршка на нацијата,
ние сме победници и пред да започне натпреварот

Добре дојдовте во мојата колумна „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“ по Катар, а пред дуелот со една од најголемите светски селекции, дуел што треба да биде круна на настапите на Македонија на СП во Хрватска, натпревар што овие момци заслужија да го одиграат за своја душа, натпревар што треба да биде вистинско уживање за секој Македонец.
Како никогаш во историјата на учества на големите смотри, македонскиот машки ракомет игра квалитетно и стабилно во втората фаза. Во минатото, дури и онаа генерација што долго време не можевме да ја „прежалиме“ и молевме бога што подолго да остане на „купче“, немала ваква низа на квалитетно одиграни натпревари, настапувајќи со пркос спрема противникот и одигрувајќи серија квалитетни натпревари. Спомнав неколкупати и на моите гостувања на ТВ дека резултатите, од победа во нерешено и обратно, не ја менуваат мојата слика за оваа група играчи предводена од Лазаров на клупата. Можеше да биде и подобро, можеше и полошо, што би било кога би било, такви муабети во стилот „да имаше баба…“ не се во мојот ракурс и, ќе повторам, немаат влијание во „куцањето“ на овие редови. Впечатокот е тој, повторен неколкупати и општоприфатен.

Капа долу, момци!

Од друга страна, фразата или паролата „никому нема да му биде лесно против Македонија“, во од, од натпревар во натпревар, доби своја преформулација „тешко ќе му биде секому против Македонија“, како своевиден прогрес, во краток период, на македонската национална гордост.

Збор-два за натпреварот Македонија-Катар: Поставен е СИСТЕМ!

Моите прогнози дека Македонија нема да го реши натпреварот во своја корист во првиот дел делумно се реализираа, за мое лично изненадување од играта и доминацијата, која уште на полувреме ни даде убава предност над противникот.
Македонија, со одлична зона и сериозна поддршка, првенствено од Кизиќ, на голот, го стартува натпреварот според планот, во насока дека горенаведените сегменти ни дадоа можност максимално да го користиме нашето најсилно оружје против „старите“ Катарци. Транзицијата имаше свој удел, иако и поставениот напад, во кој на стартот предничеа Митев и Лазаревски, подоцна и Ѓорѓиев, Костески, Пешевски и другите повторно го „испорача“ тоа што се бараше и тоа што го гледаме во текот на целото првенство. Зоната 6-0, како веќе востановена, со популарниот Мечка и искусниот Маркоски, беше релативно плитка и му дозволуваше на Катар, додека имаше сила, погодоци однадвор, но, од друга страна, овозможи и неколку технички грешки во пресечени топки и, следствено на тоа, лесни голови во мрежата на Суљаковиќ. Тоа го направи нервозен селекторот на Катар и постави основа за изместување на плановите (какви и да биле) во однос на играта кај светскиот вицепрвак од пред десет години. Лазаров, свесен дека противникот имаше добар но и крајно исцрпувачки натпревар на Катар против Холандија, од средината на првото полувреме ја стартуваше ротацијата и внесе доста играчи во игра, со цел да се одржи и надгради ритамот. Како одминуваше времето, противникот, со пулс од над 200 bpm, натеран да работи напорно за секој погодок од нашата зона, обидувајќи да ја спречи дуел-играта на помладите и енергетски доминантни Митев, Кузмановски, па и Серафимов, кој имаше убав скор на добиени дуели со зоната на Катар, „тонеше“ и дејствуваше неамбициозно во однос да се направи позитивен резултат во дуелот со една суперсонична Македонија. Нашето неискуство и, на моменти, опуштеност на одредени играчи во неколку наврати ја „враќаа во живот“ четата на Вујовиќ, како лажна надеж дека може да дојдат до позитивен резултат на натпреварот.
За крај на овој краток осврт на триумфот на Македонија, ќе потенцирам две работи што мене ми оставија впечаток. Прво ќе „позајмам“ еден термин од изјавата на селекторот, во која го потенцира СИСТЕМОТ, кој е поставен и адаптиран според структурата на играчи што ги има Македонија во моментов, но можеме да кажеме и според ДНК на Македонецот. Знаеме дека системот го изнесува на површина поединецот во одредени натпревари, но уште поважно е дека доколку системот е ставен на здрави основи, убаво е имплементиран, дозволува „лош ден“ на кој било поединец или мала група играчи во тимот. Така беше и на последниот натпревар, во кој нашата перјаница и најдобар стрелец на првенството Филип Кузмановски, кој со игрите во првите натпревари нѐ „разгали“ и навикна од него да почнува сѐ, одигра за нијанса под нивото, но СИСТЕМОТ „го покри“ и не дозволи тоа да влијае на генералната слика, играта и, секако, на крајниот резултат. Втората е моето нотирање на состојбата дека Македонија „го доби“ Марко Кизиќ на минатиот натпревар, играч (или голман) што треба(ше) да биде поддршка за Митревски на ова СП. Видовме дека при сплет на околности, каде што „Свети Никола“, „погоден“ од температура, веројатно не беше најподготвен за настап, младиот Кизиќ завчера отиде чекор напред од неговата првенствено доделена улога, беше и повеќе од достојна замена, промовирајќи се себеси во додадена вредност на тимот, во триумфот против Катар.

Предвидувам и посакувам…

Македонија го игра последниот натпревар на СП во Хрватска. Играме со „голема“ селекција, но и нашиот тим „расте“ со секој нов ден, со секој нов натпревар. Селекторот низ срамежлива насмевка најави дека се подготвува изненадување за „експертите“, затоа што, цитирам: „Вака како што играме досега (мислејќи на тактичката поставеност), немаме големи шанси“. Останува да видиме како тоа стручниот штаб ќе се „судри“ со, во секоја смисла, силниот противник.
Предвидувам, посакувам и прашувам зошто би му било лесно против „новата“ Македонија и на следниот наш противник, па макар се викал и Франција!
Напред, Македонија!

Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски

Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот „Ракомет За Секое Дете“