Веќе пишував за агресијата кај луѓето, и повторно се прашувам дали таа е нормална појава за хуманиот род? Сепак, сведоци сме дека како да нема контрола во општествениот живот над агресијата, а во последниов период мислам дека станува многу поизразена одошто порано.
Дали е тоа само импресија или навистина се случува нешто? Дали таа како одредено поведение е нешто вродено или, пак, условите во кои живееме ја поттикнуваат?
Како и да е, вообичаено е мажите да пројавуваат повеќе агресија отколку жените. Тоа е идентично и во животинскиот род.
Внимание предизвикува едно најново истражување, кое навистина е на анимални модели, но значајно за сознанија поврзани токму со агресијата како бихејвиорална манифестација.
Студијата за која станува збор е спроведена под водство на Кристијан Бробергер, професор по неврохемија на Универзитетот во Стокхолм, а експериментите се направени во институтот „Каролинска“.
Имено, истражувачите открија дека женските глувци стануваат агресивни по породувањето преку активирање на едно мозочно коло што обично е неактивно кај небремени женки. Истите неврони ја поттикнуваат агресијата и кај мажјаците, но она што е интересно е тоа што таа се вклучува и кај мајките, што се смета дека е активирано од хормоните окситоцин и пролактин.
Со оваа студија се одговорени некои клучни прашања за мајчината агресија.
Имено, откриено е дека нормално неактивните неврони за агресија кај женските глувци се вклучуваат токму за време на мајчинството, овозможувајќи таканаречена – заштитна агресија (заштита на потомството).
Окситоцинот и пролактинот се централни хормони за мајчините функции како што е лактацијата, а по породувањето исто така силно ги активираат невроните поврзани со агресијата.
Ова откритие сугерира поширок принцип на флексибилност на мозокот. Имено, однесувањата што се надвор од типичниот репертоар на една личност може да станат актуелни кога преживувањето го бара тоа. Значи, мозокот е способен да се адаптира на нови услови, да вклучува инаку неактивни невронски кола тогаш кога условите на живот го наметнуваат тоа.
Мислам дека и во секојдневниот живот сме биле сведоци на агресивно однесување кај мајките што ги бранат своите деца од натрапници. Овие мајки не се агресивни нормално, туку само кога е загрозено нивното потомство.
Од друга страна, замолчувањето на овие неврони ги спречува мајките да се бранат од натрапници во кафезите. Или, ако направиме споредба кај луѓето, ако не се активираат овие невронски кола, тогаш мајките нема да се постават како бранители на своите деца. Овие наоди истакнуваат колку мозокот е пластичен и адаптибилен и како мозокот може да „отклучи“ нови однесувања за преживување во текот на одредени животни фази.
Клучни факти
Неактивен круг: Агресивните неврони кај женските глувци лежат неактивни сè додека не се активираат во текот на мајчинството.
Активација на хормони: Окситоцинот и пролактинот го вклучуваат овој систем, овозможувајќи мајчинска одбрана.
Флексибилност на мозокот: Наодите сугерираат општ принцип на способноста на мозокот да пристапи до нови однесувања кога е потребно.
Истражувачите на Универзитетот во Стокхолм и институтот „Каролинска“ значи пронајдоа систем во мозокот што може да објасни зошто женските глувци, кои вообичаено не се агресивни, одеднаш и драматично добиваат импулс за вакво однесување по забременувањето и особено по породувањето (т.н. мајчинска агресија).
Студијата покажува дека група неврони што ја контролираат агресијата кај нормално агресивните мажјаци се исклучени кај небремената женка, но се префрлаат во активен режим кога таа ќе стане мајка. Кога истражувачите ги замолчиле невроните, мајката престанала да ги напаѓа натрапниците во кафезот, а со тоа и да ги брани младенчињата.
Студијата исто така покажува дека окситоцинот и пролактинот, хормоните што ги контролираат мајчините телесни функции како што е лактацијата, можат моќно да ги активираат овие неврони.
Ова истражување е спроведено на животни и треба да се толкува со претпазливост во човечки контекст. Но, наодите допираат до поголемо концептуално прашање: Како може поединецот да добие импулс за однесување што е надвор од неговиот нормален репертоар за време на одредена фаза од неговиот живот?
Мозочното коло што може да се вклучува и исклучува во зависност од тоа дали на животното му е потребен пристап до одредено однесување (без оглед на полот) за негово преживување (или на неговото потомство), може да има општо значење за тоа како функционира пластичниот мозок и кај луѓето.
Изненадувачки, се покажало дека истата мрежа на клетки што ја поттикнуваат агресијата кај машките глувци е неактивна кај женките – сè додека мајчинството не го префрли прекинувачот на овој систем чувствителен на хормони.
Ова е студија на лабораториски глувци и во моментов не се знае дали резултатите може да се пренесат директно на луѓето. Но механизмот што е идентификуван овде како однесување што нормално е надвор од репертоарот на поединецот може да стане достапен за ограничен период од неговиот живот – може да одразува принцип на флексибилност на мозокот со релевантност надвор од мајчината агресија.
Новите студии потврдуваат дека сѐ уште има големи непознати факти во функционирањето на човечкиот мозок. Како и да е, способноста на мозокот да се адаптира, реорганизира и активира во одредени ситуации е доказ за огромниот мозочен пластицитет.


































