Во неколку написи сум зборувала за важноста на поврзаноста помеѓу детето и мајката (како негов основен старател). Нема речиси човек што не е убеден во значењето на ова поврзување, кое стручно се нарекува „атачмент“, и од кое зависат не само благосостојбата на детето туку и неговиот иден когнитивен развој.
Се разбира, поврзувањето не мора да биде само со мајката, туку може да биде и со друг член на семејството. Најбитно е, во првите години од животот, детето да биде тесно поврзано со некој возрасен од својата околина. Доколку не се случи тоа, како на пример во сиропиталиштата, има многу сериозни последици по развојот на детето.
Во тој контекст е и денешниот напис, кој произлезе од едно ново истражување во оваа област, а е објавено од Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес (УКЛА).
Имено, докажано е дека доенчињата чии мајки редовно користат јазик (вербален опис) за да опишат што мисли или чувствува нивното дете имаат повисоки нивоа на хормонот окситоцин.
Окситоцинот претставува пептиден хормон и невропептид што нормално се произведува во хипоталамусот и се ослободува од задната хипофиза. Присутен е кај животните уште од раните фази на еволуцијата, а кај луѓето игра улога во однесувањето што вклучува социјално поврзување, љубов, репродукција, породување и во периодот по породувањето. Окситоцинот е многу битен при самиот акт на породувањето.
Но окситоцинот како хормон е вклучен и во низа психолошки процеси и игра важна улога во општествените односи, како што е развојот на врската помеѓу родителот и детето и формирањето доверба, како и социјално разбирање во текот на целиот животен век.
Оваа нова студија открива дека кога мајките редовно гласно разговараат за мислите и чувствата на нивните доенчиња, тоа е поврзано со повисоки нивоа на окситоцин кај нивните бебиња. Окситоцинот, хормонот клучен за социјалното поврзување и емоционалниот развој, е под влијание на начинот на кој мајките ги реферираат внатрешните состојби на своето дете за време на интеракциите.
Истражувачите откриле дека емоционално чувствителниот говор, како што е опишувањето на возбудата на детето или пресликувањето на неговите емоции, ја зајакнува оваа психобиолошка врска. Забележано е дека мајките што доживеале постнатална депресија, многу помалку се впуштаат во вакво однесување, т.е. речиси и да не зборуваат за чувствата и активностите на своите новородени, со што можностите за насочена поддршка за поттикнување на социјалниот развој кај нивните деца е многу мала.
За истражувањето, објавено во „Развој и психопатологија“, 62 новопечени мајки на возраст меѓу 23 и 44 години што имале бебе меѓу три и девет месеци, биле снимени на видео како природно комуницираат со своето бебе.
Истражувачите ги анализирале видеата за да видат колку добро мајката точно се осврнала на внатрешното искуство на своето новороденче (на пр., неговите мисли, чувства, желби и перцепции) за време на интеракцијата.
Тие, исто така, собрале примероци од плунка од доенчето и го измериле нивото на хормонот окситоцин. Кога била анализирана врската помеѓу овие две мерки, истражувачите откриле висока позитивна корелација.
Водечката авторка, д-р Кејт Линдли Барон-Коен, изјавила: „Одамна е познато дека хормонот окситоцин е вклучен во интимните општествени односи, вклучувајќи ја и врската помеѓу мајката и нејзиното дете. Исто така, познато е дека доколку мајката е усогласена со мислите и чувствата на своето доенче во првата година од животот, тоа е долгорочен предиктор за социјалниот и емоционалниот развој на детето. Но патиштата што лежат во основата на овие ефекти сѐ уште се нејасни. За првпат откривме дека количеството зборови што мајката му ги упатува на своето доенче за неговите мисли и чувства е директно поврзана со нивото на окситоцин на доенчето. Ова сугерира дека окситоцинот е вклучен во регулирањето на раното социјално искуство на децата, а тоа само по себе е обликувано од начинот на кој родителот комуницира со своето доенче.
На пример, кога детето покажува интерес за некоја играчка, родителот што покажува разбирање за внатрешната состојба на своето дете може да каже „ох, ти се допаѓа оваа играчка“ или „возбуден си“ и може да ги имитира постапките или изразот на лицето на своето дете. На овој начин родителот го пресликува внатрешното искуство на детето, а новите резултати сега откриваат дека тоа влијае и на системот на окситоцин кај доенчето.
Тимот, исто така, откри дека мајките што доживуваат постнатална депресија помалку се посветуваат и зборуваат за внатрешните состојби на нивното новороденче отколку мајките што не доживеале депресија. Па зарем новороденото нешто мисли или чувствува? – тоа е прашањето на многу вакви мајки.
Оваа студија демонстрира нова психобиолошка врска помеѓу мајките и нивното доенче, во која емоционално чувствителниот говор на мајката се рефлектира во нивото на хормоните на нејзиното новороденче. Ова истражување ја нагласува клучната улога што ја играат мајките во раниот развој на нивното дете и укажува на тоа како мајките што се соочуваат со депресија би можеле да бидат поддржани за да го олеснат социјалниот развој на нивното дете.
Претходните студии покажуваат дека мајчинскиот ум (односно нејзината ментална ангажираност) позитивно влијае на социјалниот развој на децата. Во тековните студии, се испитувала врската помеѓу состојбата на умот за време на интеракцијата родител – дете, окситоцинот и постнаталната депресија кај примерок од мајки (Н = 62, возраст од 23 до 44) и нивното новороденче (возраст три-девет месеци).
Во Студијата 1, окситоцинот во плунката на доенчињата била во позитивна корелација со соодветните коментари на мајките поврзани со нејзината состојба на умот, и негативно корелирана со резултатите од мајчината депресија.
Мајките што доживуваат симптоми на депресија користеле помалку соодветни коментари поврзани со состојбата на умот отколку контролите. Студијата 2 била двојно слепа, плацебо-контролирана, експериментална студија, во која на истите жени што учествувале во Студијата 1 им бил администриран назален окситоцин.
Покажано е дека ваквата постапка не влијаела значително на нивоата на умствено размислување на мајките. Студијата 2 наведува на потребно поголемо испитување за дополнително да се истражи ефектот на окситоцинот врз умственоста. Студијата 1 е првата што ја демонстрира поврзаноста помеѓу мајчинскиот ум и варијациите во нивоата на окситоцин кај децата.
Бидејќи и окситоцинот и умот постојано се вмешани во процесите на приврзаност меѓу мајката и доенчето, оваа асоцијација ја нагласува битноста на грижата на мајките во олеснувањето на односот родител – дете и раниот развој на децата.
Клучни факти:
• Повисоките нивоа на окситоцин кај доенчињата се поврзани со мајчиниот говор за мислите и чувствата на детето.
• Окситоцинот ги регулира раните социјални искуства и е обликуван од родителските интеракции.
• Мајките со постнатална депресија имаат помала веројатност да се осврнат на внатрешните состојби на своето доенче.
Според тоа, мојата порака би била: разговарајте со вашите деца дури и во нивниот неонатален период. Ваквите разговори се битни за неговиот иден развој, а истовремено ве штитат од развој на депресија! Дијалогот родител – дете треба да остане активен во текот на целиот развоен период, со што би се спречиле многу негативни појави со кои денешните деца се среќаваат.
Акад. Нада Поп-Јорданова