Локомотивата на Македонија

Почитувана моја нацијо, јас гордо ќе кажам дека овој национален тим е атипичен пример во сивилото во кое битисува нашата држава во многу сегменти, благодарение во голема мера на најдобриот македонски спортист на сите времиња и вложувањата што ракометот константно ги има преку клубовите во Битола, Скопје, Кавадарци, Охрид…, за овој наш спорт и оваа национална гордост да биде локомотива за преостанатите спортови, да биде мотив и поттик дека оваа држава може и мора да ја биде!

Триумф на ракометната репрезентација на Македонија над Литванија, за нов пласман на едно големо натпреварување

Сѐ е добро кога добро ќе заврши – ќе кажеше суперпопуларниот Бата во култната „Викенд на мртовци“. Земјата на ракометот, Македонија, по 15. пат во низа е на големите собири, од континентален и глобален карактер. Во решавачкиот натпревар, дома пред преполн „Јане“, најуспешната македонска селекција на крајот и убедливо го совлада директниот ривал за втората позиција, Литванија, за нов пласман на европските првенства и нов јануари во кој постпразнично, повторно, главна тема ќе биде ракометот.

ТАЛИЧНИОТ МЕСЕЦ МАЈ И ЈУНАЦИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ

Месец мај, од пред некоја година клучен, во однос на тоа дека се решава нашиот, но и пласманот на многу други селекции на големите натпреварувања. Месец во кој е роден селекторот, месец во кој минатата година, наоѓајќи се во супернепријатна позиција, Македонија херојски избори пласман на СП во Хрватска. Паметите, по онаа бледа игра и убедлив пораз во Торшаван, селекцијата се издигна над „темните облаци“ што надвиснаа и успешно го возврати ударот. Јуначки!
Таличен е месецот мај за нашиот, македонски, ракомет.
А сега назад на штотуку завршените квалификации. Турбулентни. Специфични. (Не)извесни. Победнички.
Група по мера за нашиот тим. Со еден фаворит од топ 10 и две селекции, кои, во однос на сите параметри, се благи или апсолутни аутсајдери. Така барем изгледаше на прв поглед. Словенија, во кој состав и да излезе, е фаворит, но не и непобедлива, а Естонија и Литванија, кои не виделе голем настан, во вкупен биланс, би биле совладливи.

НАЦИОНАЛНАТА СЕЛЕКЦИЈА КАКО ЛОКОМОТИВА НА СПОРТОТ, НА СИСТЕМОТ, НА ДРЖАВАТА МАКЕДОНИЈА

Но ги стартувавме овие квалификации неубедливо и, јас би рекол, калкулантски, со убеденост, дури и на секогаш многу внимателниот Лазаров, дека оваа Македонија ќе игра во Скандинавија на стартот на 2026 година. Пишував по првите два настапа тука, а и како гостин на националниот сервис, дека, цитирам: „Македонија, оваа Македонија, без Лазаров (на терен во опрема) и компанија, не е фаворит против никого и никаде доколку не е тимски силна, а може да ’добие’ секого од втор, трет ешалон во светот доколку има дисциплина, доколку е комплетна и има прецизна навигација“. Се случи Словенија, се случи Кочани, се случи Марко Митев да треба да оди под нож, па и Игор Ѓоргиев, а националниот тим беше пред финалето на квалификациите и двата клучни натпревари во Естонија и дома против Литванија.
Епилогот го знаеме. Прво во Естонија, благодарение пред сѐ на пристапот (за квалитетот на составот не дискутираме) на нашиот тим, го декласиравме противникот, а завчера, на финалето (за нас и за нив), повторно покажавме карактер, одлучност, сплотеност, тимски дух, храброст и убедливо заверивме виза за ЕП.
Кога човек ќе направи ретроспектива која би се однесувала на еден краткорочен период, македонската ракометна селекција покажа две различни лица: имено, амбивалентноста на ракометната селекција се протегаше од една страна, со демонстрирана „релативна комотност и, последователно на тоа, се изоставија некои клучни играчи“… до сосема друга страна, кога селекцијата заради фактот што беше „доведена до ќош“, покажа карактер на бескомпромисност. Ова е наратив како за лекција од книга, за она „што треба и за она што не треба да се прави“, што е настава за во иднина, за сите нас.
Токму во овој контекст малку сум изненаден од изјавата на селекторот по натпреварот во „Јане“. Тој наместо да ги урива стереотипите, да го урива деминутивот „Македонче“ заради ваквата стравотна борба, непоколебливост и ефикасен финиш на селекцијата, тој дури и ја подгрева малодушноста изјавувајќи дека „момците, подоцна, покажале карактер, што за него е малку чудно за наш менталитет“. (!?)
Почитувана моја нацијо, јас гордо ќе кажам дека овој национален тим, како атипичен пример во сивилото во кое битисува нашата држава во многу сегменти, благодарение во голема мера на најдобриот македонски спортист на сите времиња и вложувањата што ракометот константно ги има преку клубовите во Битола, Скопје, Кавадарци, Охрид, не смееме да го ставаме во иста реченица со флоскулите наведени погоре. За овој наш спорт и оваа национална гордост да биде локомотива за преостанатите спортови, да биде мотив и поттик дека оваа држава може и мора да ја биде. И дека ако имаме вистински лидери (на сите позиции, од РФМ, до селектори, до капитени) во многу други сегменти, можеме и мораме оваа Македонија да ја направиме попристојно место за живеење.

СТАРТОТ ВО ЗНАКОТ НА БРЕМЕТО И ЗГРЧЕНОСТА ВО ИГРАТА ОД ИСТОТО ТОА

А сега накратко за она што го видовме на самиот натпревар против Литванците.
Без некое изненадување во однос на тактичката поставеност и актерите на теренот, во однос на почетната постава, Македонија, под притисок дека мора да „добие“ со минимум два разлика, влезе во натпреварот во комплетен грч. На двете страни на теренот. Спојувајќи ги Мечка и Аларов во одбраната, но и давајќи му задача на Фитиљ на „петка“, зоната не беше доволно длабока и конкретна, или пак можеби Свети Никола не беше на свое ниво. Во секој случај, Литванците со две-три вкрстувања ја „отапуваа“ нашата острица во зоната во името на Мечка и Аларов и „бомбардираа“ однадвор за почетно 0:4. Во таква ситуација, кога нашиот тим не може да се одбрани, немавме ни транзиција, а со тоа ни „лесни“ погодоци.
Од друга страна, на другата страна на теренот, со големо бреме на плеќи, во отсуство на Митев и Ѓоргиев, Филип Кузмановски дејствуваше нервозно и конфузно, што во одредена мера нѐ врати на оној Фитиљ кога беше доминантно среден бек, а некој друг беше на левата бековска позиција. Јагуриновски иако без технички грешки и испади, не беше доволно конкретен, а Иваноски, иако дебитант (на домашен терен за националниот тим) одигра солиден прв дел, но недоволно за да се подобри впечатокот. Да не се разбереме погрешно, Иваноски одигра над моменталното ниво и искуство и сигурно ќе ја збогати конкуренцијата на таа позиција во иднина.

ОДБРАНБЕНАТА ЗОНА И ЦРНИОТ ПАНТЕР НА ГОЛОТ ГО РАЗБИЈА ПРОТИВНИКОТ

Клучен период од натпреварот. Стартот на втората и цела трета четвртина.
Од клупата влегува „играчот на натпреварот“ од Естонија, Мартин Томовски, притоа бранејќи неколку тешки удари и на тој начин го крева духот на својот состав. Маркоски и Карасманакис влегуваат во ротација во зоната и даваат свој белег во спречување на бековите на противникот за брзо израмнување и преземање на водството. Серафимов го замени Јагуриновски, а „близнакот“ и Џонов ја коригираат левата страна во нападот. Македонија полека се издигнува од „пепелта“. Зенитот на одличната партија на нашиот национален тим, за целосен резултатски пресврт, се случува кога во зоната 6-0 се составуваат столбот на одбраната Лазаревски и суперискусниот Маркоски, помогнати од Аларов, во комбинација со несовладливиот Томовски, а како резултат на сето она погоре напишано, Литванија е оставена на само 17 погодоци, од кои само 6 во вториот дел. Комплетно тимска победа, со апострофирање на Серафимов, кој, слично како лани ова време со „фараните“, презеде одговорност, учинокот на Лазаревски, па и Пешевски на „линијата“ и повеќе од потребната помош од Атанасиевиќ и Иваноски како играчи кои никогаш досега не носеле натпревар во националниот тим.
Само како потврда на сето она што го напишавме во претходниот пасус, во насока дека оваа национална селекција или, подобро кажано, македонскиот репрезентативен ракомет не заслужува да се ословува со „мала буква“ и во деминутивен контекст. Особено не од некој што долги години во најголема мера придонел за тој статус на најуспешната селекција во Македонија.

П.С.

Црниот Пантер се врати!
Овој пат уште подобар и подоходовен. Тешкиот период е веќе зад Мартин Томовски. Трансфер во Бундеслигата, промена на средина и губење на статусот што му носеше апсолутна минутажа на голот. По Естонија дома, „избришан“ од списокот патници за Хрватска, човекот или момчето со златна душа, прекрасно воспитан, работеше, чекаше шанса во својот Потсдам, го градеше својот идентитет во најсилната лига во светот и веруваше во себе. Се врати да ѝ помогне на државата, без негативна дума, без его и суета. Ги заслужи сите аплаузи и пофалби.

П.П.С.

Македонија ја очекува ждрепката, на 15 мај во Хернинг, и од истата причина што би сакал да ни овозможи реванш над Унгарија и „ферка“ против „фараните“ на неутрален терен.
За уште еден јануари во кој мак-ракометот ќе биде најпребаруван термин на пребарувачот!
Се гледаме во сала!

Горан Ѓоргоноски