Лидерските средби што ни се случуваат со години ме уверуваат во тоа дека сериозно ризикуваме да се оттргнеме од демократските принципи во корист на племенскиот начин на водење политика. Не на идеолози, партии, групи или верувања. Македонската политика денес бара еден исконски збор како „племе“, за да се сфатат слепата верност и посветеност и огромната страст за припадноста на партијата. Племињата како и партијата бараат лојалност, а за возврат ја даваат безбедноста на припадноста. Тие се значки на идентитетот, а не на мислата. На некој начин тие го прават размислувањето непотребно, бидејќи племето го прави тоа наместо нив, а може да ве казнат ако се обидете да размислувате, не дај боже, со сопствената глава. Да се разбереш без племето те прави будала. Да му дадеш сантиметар на другото племе те прави предавник. Поради тоа што Македонија има тенденција да го гледа светот низ призмата на национални држави вклучени во големи идеолошки битки – капитализам против комунизам, демократија наспроти авторитаризам, „слободен свет“ наспроти „оска на злото“ – ние како држава сме спектакуларно слепи за моќта на племенската политика. Одново и одново ова слепило ја поткопува македонската политика.
Да појаснам. Клучен, но често занемарен фактор во разбирањето на политиката во Македонија е племенската политика. Кога го користите терминот племенски имате цел да доловите токсична динамика во колективниот живот, како што е онаа што карактеризира голем дел од современата македонска политика. Додека социолошките расцепи или класните порамнувања сè уште се прифатени како најкорисни аналитички алатки за многу политички аналитичари, сегашниот момент отвора патишта за понеортодоксни пристапи, како што е земањето „племе“ како примарни политички единици. Во политички контекст, племето започнува со дефиницијата „ние“ – категоризација за да се дефинираат границите на племето. Ова се заснова на колективни идентитети што ја формираат илузијата за живеење во мала група што ги споделува истите вредности и разочарувања и ги има истите политички желби.
Овој процес завршува со дефиницијата за „странец“, кој стои зад ѕидот, непосакуван и можеби омразен од членовите на племето. Кога луѓето чувствуваат дека живеат во време во кое нивниот опстанок е загрозен од економски кризи, војни, политичка нестабилност или терористички напади, приврзаноста кон своето племе е најпривлечна. Племенската солидарност дава чувство на сигурност, додека оживувањето на племенските културни вредности ја враќа смислата на животот како што се учи во училиштата, црквите и џамиите. Згора на тоа, племенското размислување ги идентификува жртвените јарци за нечии несреќи и објаснува сè на едноставен начин.
Размислувањето надвор од племето бара когнитивен напор, додека користењето племенско размислување е површно, лесно и автоматско. Наместо да се класифицираат поединците врз основа на нивните уникатни карактеристики, многу е полесно да се одлучи да се соработува или да се откаже врз основа на племенски индиции. Порано осаменото несогласување носеше одреден престиж во политиката, дури и ако ретко кој имаше стомак за тоа. Денес, тоа е бесмислено, или навредливо, како речиси предавство. Сè во македонската политика денес го вкоренува племенскиот однос: особено во филозофијата победникот зема сѐ. Од власт до дехуманизираните коментари на социјалните медиуми, до луѓето што ги избираме да разговараме и да живееме. Трендовите не се нови, но тие драматично се забрзаа и се интензивираа под оваа власт, која владее со понижување затоа што живее во страв да не биде понижена. „Политичките племиња“ во Македонија се натпреваруваат за моќ над државата, медиумите, јавното мислење, вербалното бојно поле. Кога политиката станува вечна племенска војна, целите ги оправдуваат речиси сите средства и поединците се ослободуваат од ограничувањата на нормалната пристојност. Победниците изгледа повеќе се радуваат што им нанеле болен пораз на нивните „лукави непријатели“, политички неистомисленици, отколку на потенцијалните одлуки што треба да донесат благосостојба во општеството.
Доминантното расположение на племето е гневот – состојба што перверзно се бара и, во исто време, плаши.
Гледајќи наназад во и околу политиката кај нас, една промена се издвојува. Ако некогаш верувавме дека левицата и десницата се главно идеолошки движења, тие денес станаа нешто повеќе како етнографски групи, племенски заедници со нивна внатрешна кохезија заснована на униформно размислување, однесување и навика колку и доктрина. Обучени за апстрактно расудување според универзитетско селски стандарди, членовите на политичкото племе често користат неверојатно малку знаење и разум да ги развијат своите верувања. Она што единствено ги радува се комодитетот и сигурноста во рамките на нивното племе. Затоа лидерските средби сѐ повеќе личат на собири на племенските лидери. Поточно, македонски инкубатор на племенски политики. За парламентарната демократија? За неа ќе продолжат да учат на работилници во Европа и Америка.
Проф. Звонимир Јанкулоски