Летни љубовни приказни

Седнав со намера да пишувам политичка тема. Колку што се колебав што да изберам толку ме следеше дилемата дали среде лето вреди да се оптоварувам себеси, а преку себе и читателите со нешто што е нечисто, каква што е политиката. Во период кога голем дел од луѓето уживаат на плажи, се брчкаат во солена или слатка вода, дишат чист воздух на планина или едноставно живеат поопуштено во град, човечка е дилемата дали има потреба да бидат вознемирувани со содржини од кои расте притисокот или боли глава. Впрочем, сѐ уште ја памтам уредувачката ориентација на „Нова Македонија“ од моите далечни приправнички денови дека летото е време за „полесни“ теми.Затоа се определив да ви прераскажам неколку љубовни легенди од грчката митологија имајќи на ум, меѓу другото, дека „половина Македонија“ преку лето е на плажите на Халкидики. Во бескрајната поворка на вековите љубовта отсекогаш била мотивот за да се испишат највозвишените приказни сврзани за човековата душа и срце
Митологијата и историјата се полни со стотици љубовни стории, среќни и несреќни. Повеќето несреќни, факт од кој е измислен и афоризмот дека „сите големи љубови завршуваат трагично – или ќе се разделат или ќе се земат“. Кралеви, принцови, владетели, витези, славни војсководци пателе од љубов исто како што таа страст ја чувствува секој обичен човек. Кога љубовта е во прашање нема разлика меѓу маж и жена – и едниот и другиот исто се среќни или несреќни.
Од големото богатство на приказни одбрав само три што имаат врска со луѓето и со природата.
Првата приказна е како вљубената Клитија се претворила во сончоглед.
Како и за многу други билки така и за сончогледот се врзуваат разни легенди и преданија. Постојат неколку верзии како растението воопшто изникнало, но суштината и мотивот се исти – причина биле жената и нејзината невозвратена љубов. Легендата кажува како морската нимфа со име Клитија се претворила во сончоглед. Таа била силно вљубена во богот на Сонцето, а тој не во неа, туку во нејзината сестра. Крајно љубоморната Клитија ја наклеветила сестра си кај таткото и тој сурово ја казнил својата ќерка закопувајќи ја жива во земја.

Но и по тој ужасен чин Хелиос (Аполон) не ја посакувал Клитија. Несреќна, каква што може да биде заљубена жена во погрешен маж, со денови го следела сончевиот пат на небото, гледајќи со тага во својот љубен, без да јаде и да пие, сѐ додека исцрпена од долгото чекање и надеж да ѝ се возврати љубовта не се претворила во сончоглед. Другата верзија вели дека Хелиос, како одмазда, ја казнил цел живот наутро да го гледа со надеж дека ќе го стигне, а навечер да си ја спушта главата кон темната земја, од срам и за покајание.
Најверојатно поради оваа легенда, способноста на ова растение да се врти и да го следи патот на сонцето, го симболизира однесувањето на саканата, на душата што постојано ги врти својот поглед и мисла кон саканото битие, кон совршенство, кое се стреми да ги достигне висините. Бидејќи по цел ден упорно и верно го следи Сонцето, сончогледот означува обожување, восхитување и занесеност. Но и слепило во љубовта. Зашто поговорката вели: „Ако твоите очи гледаат само едно нешто, тогаш биди сигурен дека си слеп“. Во таа смисла главата на сончогледот се споредува со тажното женино око и со натажената женска душа.
Приказната за Афродита и Адонис е како настанала црвената роза.
Љубовта меѓу нив двајца е една од најтрагичните во грчката митологија, а такви ги има десетици. Божицата Мира се вљубила во својот татко Теј. Не знаејќи дека Мира е таа што му доаѓала секоја ноќ во постелата, Теј една вечер ѝ го открил лицето и вџашен сакал да ја убие. Мира побегнала, но набрзо дознала дека е трудна. Молејќи им се на боговите да ја спасат тие ја претвориле во дрво. Некој ден поминал вепар, силно го затресол дрвото и од солзите на дрвото излегло детето Адонис. Кога пораснал Адонис бил најубавиот човек меѓу смртниците и боговите и во него се вљубиле двете најубави божици, Персефона и Афродита. Зевс одредил Адонис четири месеци во годината да поминува со Афродита, четири со Персефона, а четири со кого сака.
Адонис повеќе ја сакал Афродита, минувал со неа повеќе од предвидените рокови. Забележливо било дека во оние четири месеци што ги минувал со Персефона растенијата умирале, а сите месеци снегот ја покривал земјата. Еден пролетен ден Адонис отишол на лов, но му се случила несреќа. Во борба со дива свиња бил тешко повреден. Афродита побрзала да го спаси, но по патот еден ножен прст ќе ѝ се набоде на трн од бела роза и нема да стигне навреме да го спаси. Наеднаш белата роза, натопена со крвта на божицата, станала црвена и се верува дека така настанала денешната црвена роза.Третата приказна е како Ајзак станал нурец.
Недалеку од Троја, на планината Ида живееле планински нимфи, а најубава меѓу нив била Хесперија. Ајзак, син на тројанскиот крал Пријам бил лудо вљубен во неа. Еден ден ја видел додека ја сушела косата на сончевите зраци, но таа се уплашила и почнала да бега низ шумата. По неколку чекори нагазила на змија отровница. Која Ајзак стигнал до неа, видел дека е мртва.

Очаен, чувствувајќи се виновен за нејзината смрт, решил да си го одземе животот скокајќи во морето од висока стена. Но не се удавил. Го спасила божицата Тетија, жена на богот Океан, која го претворила во птица. Но Ајзак не можел да се помири со загубата. Ако се верува на легендата, тој до денес секој ден скока од стената во морето, нурка во длабочината и пак излегува на површина. По смртта на неговата љубена се претворил во црната птица нурец што плива час над вода, час под вода.
Меѓу најпознатите митолошки љубовни приказни секако дека спаѓа љубовта меѓу Парис и Елена, љубовна страст што ја предизвика десетгодишната Тројанска војна и го означи исчезнувањето на градот (државата) Троја од тогашната светска мапа. Но таа легенда не сврзана со флора и фауна, таа, покрај љубовта, се однесува на суровоста на војните. А војните се друга тема.