Летен ритуал

Неправда, ама така е. Претежно милуваме да ги помниме летните и зимските случувања. Многу помалку настаните од волшебната пролет, која бега од студените канџи на зимата и ита во прегратка на летото. Рамо до рамо со неа е и златната есен со волшебните колоратури, кои гаснат со наближување на студот. Овој заклучок можеби генерализира, иако секое годишно време, секој час и миг се за помнење доколку се случиле настани што го заслужиле вниманието на нашата меморија. Повеќето од нас се носат со чувството дека годината завршува со крајот на годишниот одмор. Понатаму, остануваат обврските; учебната година, огревот, зимниците. Како и да е, веќе го трошиме ситниот остаток на уште едно мошне жешко лето, кое жилаво ја наметнува својата тропска доминација.
Наше богато наследство се салатите од домати и пиперки или, што би се рекло, нашиот летен ритуал. Секако, и домашната препечена ракија од 45 степени па нагоре. Туѓа кујна со нејзините егзотични квалитети нема шанси да ни се наметне и да победи. Попусто ќе ѝ бидат богатите мирудии, со кои ќе се обиде да го покрие индустрискиот квалитет на главниот артикал – месото. Но, сѐ помалку сум сигурен во тоа. Медитеранската кујна е присутна и слична во земјите што гравитираат околу прекрасниот средоземен појас. Секоја од нив за идентични салати, скара и манџи – варива со вкус и мирис, става свое име со кое се идентификува како изворен сопственик. Нашата „мастика“ или анасонка, која пленеше низ кафеаните и хотелите во Југославија, доби конкуренција, која никогаш не ги достигна нивото и популарноста на изворниот производ. Грчкото „узо“ и турската „јени раки“ беа и се волшебно пивки за душата на еден сладокусец – консумент, но не и слични на нашата анасонка. Таа е недостасана посебност. На времето, Хрватите се обидоа да ја искористат популарноста на шоу-квартет „4М“ со популарниот Миро Унгар – подоцна сопруг на Тереза Кесовија, но нивниот пијалак не можеше да ја загрози нашата струмичка „мастика“. Тој бренд брзо го загуби својот сјај, но не и музичкиот. Да се разбереме, овде не станува збор само за „шмекот“ туку и за нашиот ритуал. Меракот да се скине јадар црвен патлиџан – тромак од израснатите мирисливи корени во дворот околу кои кружеа комарци, а потоа и да се додава во испразнетата чинија од која боцкаа мераклиите со виљушки во рацете.

Големите преселби на народите, воените кампањи на империите и другите причини довеле до придвижување и мешање на етникумите. Секој од нив на свој начин додавал по нешто свое, а со тоа и сопствено име на специјалитетот што изворно и не бил баш негов. На тој начин дошло до присвојување на изворните карактеристики на кујните и кулинарските специјалитети. Но има нешто што заслужува големо внимание. Што е наше освен изворните продукти на нашите земјоделци, сточари, овчари? Е, наши се муабетот, смеата и ведрото расположение, блискоста на актерите во чинот на мезење, песната. Ние сме од сѐ по малку. Соседи, пријатели, семејства. Ама и кавгаџии. Се разбира – со мера. Да речеме дека цврсто стоиме на нашиот став по одредени прашања. Но, загрижува што сѐ почесто ја прифаќаме алиенацијата – отуѓеноста, која не е наше изворно ткиво. Веројатно сме под притисокот на времето што го живееме. Исто така и на информациите што ги примаме преку извонредно атрактивната и брза медиумска мрежа. Потоа, тука се и динамиката на живеењето и обврските, кои атакуваат врз нашата ментална структура. Сите тие како да не отуѓуваат од изворните вредности, кои не умееме да ги задржиме, а уште помалку да ги наметнеме како наши вредности.

Секој некаде ита, води некои свои војни, чуден е за окружувањето, недостапен за контакт (претежно нема време), комуницира преку социјалните мрежи. Тука не се исклучувам ниту себеси. Единката сонува некој свој сон, кој може и да е сон на целото семејство, но тој никако да се оствари. Времето е судија без милост. Староста брзо доаѓа, претежно полна со разочарувања за неостварени желби. Погледот назад низ животната патека регистрира огромни празнини. Само вистински авторитет може да ни каже дека премногу сме барале, премногу сме очекувале. Радоста и животот поминале покрај нас како ветер.
Потребно е да истакнеме дека летото е сѐуште со нас и дека не треба да се забегува во теми што, во најмала рака, се или разочарувачки или злокобни. Духот треба да се наврати кон ведрото секојдневие, кое, како и секое, има свои осцилации, надежи и очекувања. Вообичаено, се сеќаваме на актуелните муабети на мераклиите за време на летните ритуали со салата и ракииче. Денес е малку потешко да се соберат на иста маса луѓе што го правеле тоа со години. Зарем стравуваат од социјалните разлики што отуѓуваат?
Летото е сезона за уживање во секој облик. Во далечните шеесетти години од минатиот век, мезе-муабетот регистрираше; во нашето провинциско кино „Култура“ во Гостивар се даваше американскиот спектакл „Викинзите“ со Кирк Даглас и Тони Кертис, на кои друштво им правеше прекрасната Џенет Ли. Во таканаречената „матине“ претпладневна претстава се даваше „Дрвото за бесење“, вестерн со Гари Купер и волшебната Марија Шел. Бидејќи на гости од Скопје кај нас беа дојдени наши роднини, гордо раскажаа дека веќе ги изгледале „Мајко, слушни ја мојата песна“ со малата шпанска филмска и музичка атракција Хоселито, „Продавачката на синолички“ со славната Сарита Монтиел и „Витезот грбавец“ со француската ѕвезда Жан Маре.
И додека ние децата од Дутлок си ги разменувавме лектирите и сликичките со филмски и фудбалски ѕвезди спакувани во амбалажата од шеќерните табли и од мастиките „азулин“, летниот ритуал не можеше да мине без кавгите на возрасните, кои повторно ќе се грабнеа за односите помеѓу Америка и Русија. Многумина не се повеќе со нас. Споредбено, денес ја спомнуваме Алјаска. Среде лето, а зимна територија. Сериозна тема, нели? Но како што спомнав и предупредив, доброто летно расположение не може без осцилации.

Средбата на врвот помеѓу луѓе што одлучуваат за многу нешта на нашава планета е симболична и по тоа што се одржува во Алјаска. Таа, сега сојузна држава на САД, чија територија во 1867 рускиот цар Александар ја продал за тогашни 7,2 милиони американски долари, зборува за тоа дека на некој начин и двајцата се домаќини на самитот. Намерен лапсус, но и делумна вистина е изјавата на Трамп пред новинарите кога рекол дека заминува на средба со Путин во Русија? Како и да е, нека бидат добри домаќини. Во 1803 година, Наполеон им ја понудил на САД територијата на тогашната Луизијана за 15 милиони долари, на која денес се наоѓаат 15 држави, меѓу кои и Тексас, Ново Мексико, Дакота, Монтана… територија колку европскиот континент. Трамп планира да го купи Гренланд… можеби на Алјаска се токмат нови куповни аранжмани? Тие нека се подалеку од нас.
Помнам како во приквечерината низ нашата прашлива улица упорно се тркалаше количка, а во ушите сѐ уште ми стружи зарипнатиот глас на сладоледџијата. Имаше некаква магија во глетката. Како во холивудските филмови. Денес по асфалтот, без престан, автомобил до автомобил. Летен ритуал на секојдневието. Небаре сме во Калкута и Шангај.

Љубомир Јованоски

Aвторот е писател