Кога човек подостарува, прави поголеми грешки во комуникацијата со опкружувањето. Тој е бунтовен и секогаш е во право сметајќи на хипотеката од минатите години, се расправа и докажува и притоа силно гестикулира заборавајќи на количеството испиени таблети и нарушеното здравје. Ама, ете, искуството и минатото си имаат своја предност над младоста и неизвесноста на денешното време, а уште повеќе над иднината. Демек, велат дека староста е амбар од мудрости. Па нека е и така бидејќи немам намера да се срамам од моите години ниту да се повлечам од она што имам да напишам. За мудроста и мудрувањето, тоа си е голем прашалник. Како кај кого и како и од кого, нели?
Постарите треба да бидат медиуми што поврзуваат два света – минато и сегашност, но наедно и да го трасираат патот кон иднината. Информациите се пренесуваат или со записи или по устен пат иако има и други можности за тоа. Но информациите треба да бидат блиску до вистината, а не само начин на сопствено видување или објаснети и упатени со навивачки манир.
Но нејсе. Еве што сѐ може да се пренесе до поколението колку да знае дека има минато на кое веднаш се лепат сегашност и иднина.
Значи време е за летна рапсодија. Во далечната 1964, кај нас во Гостивар едноподруго стигнаа првите два филма со подоцна славниот Џејмс Бонд агент 007. Ново за ново и со ново, што се вели. Штотуку беше отворена прекрасната кинобавча и ние имавме можност да ги гледаме „Доктор НО“ и „Голдфингер“ со Шон Конери во главна улога под ѕвездено небо. За да се најдеме меѓу гледачите, четворица од нашата Њу Сетлмент бевме одредени да извадиме билети за група од дваесетина дечиња. Редот за билети по правило беше навистина долг, освен кога беа во прашање руските филмови. Се разбира, тоа беа неоправдано запоставени големи дела. Но, ете, приказната од западната страна за агентот на МИ-6 на Јан Флеминг беше поатрактивна и попримамлива за нас. Холивуд знаеше како да ги продаде своите магии, кои пленеа со акции и кадри од кои се накреваше косата на главата. Патем, ние децата од Дутлок, односно Новата Населба, штом ќе завршеше школската година, моравме на стрижење до гола кожа за да не закачиме вошки.
Сѐ уште во мојата глава визуелно и сосема јасно се вметнати тогашната „питома“ летна врелина и постапките на дуќанџиите, кои со кофи фрлаа студена вода на тротоарите за свежина. Освен нив, тоа го правеа и камионите цистерни на градскиот водовод, кои крстосуваа по должината на градот. Не знам каде исчезнаа, а сега правот ни е дома.
Во суштина, летата беа летаргични и долги. Амбициите сведени на ниво што не предизвикува стампедо, случувањата беа бавни, медиумите со скромни можности. Пазарна економија и профитот некаде далеку од нас на западна страна. И тоа се повторуваше од година на година од лето на лето, од зима на зима. Немаше итаници, туку само насмевки дури и да не ти се смее, почит и муабет.
Но ајде да поврземе уште некои поединости од двата века. Во далечната 1965 година, значи зборувам за моменти од кои нѐ делат шеесет години, почина еден од креаторите на сегашниот свет, сер Винстон Леонард Спенсер Черчил. Тој и американскиот претседател Теодор Рузвелт и генералниот секретар на Комунистичката партија на СССР, Јосиф Сталин, ги удрија темелите на светот каков што денес го познаваме. Многу нешта се случија оттогаш, па наваму. Русите се повлекоа од териториите што ги ослободија за време на Втората светска војна. Тоа најпрвин го направија во 1948 г., а Јосип Броз им се заблагодарил за помошта што ѝ ја дале на југословенската војска и тие го напуштиле Белград. Потоа на ред дошла Виена, дотогаш четворен град како Берлин. Конечно, по распадот на Советскиот Сојуз, руската армија се повлекла и од Полска, Чехословачка, Романија, Бугарија и од балтичките земји. На флуидните територии доаѓа НАТО со понуда за безбедносен штит. Значи, од познатиот јуришен повик „друг пришол“ кога еден војник доаѓа до паднатиот во ровот бидејќи немало доволно пушки за сите, дојдовме до состојба наречена Украина. Повторно крв до колена дури и во новиот милениум. Оправдано или не, ќе покаже времето. Кој е прав, а кој виновен, исто така.
Дека можеби сѐ си е по старо, но не и сѐ, зборува и фактот дека истата година, под водство на движењето Ал фатах и нејзиниот шеф Јасер Арафат е формирана Палестинската ослободителна организација. Денес, светот стана рамнодушен на крвнината што се случува на подрачјето на Газа и Западниот Брег. Дали и понатаму ќе имаме замрзнат конфликт? Кој ќе знае, освен моќните? Но едно е сигурно, дека и во овие горештини мириса на нова замрзната состојба за која нема соодветно решение. Има ли некој што сака палестинска држава? Засега имаме срамежливи изјаснувања на фактори. Во секој случај, светот на својот грб носи многу слични смрзнати состојби. Некој како да се храни со нив.
Во февруари истата година починал извонредниот Натаниел Адам Кулс алијас Нет Кинг Кол, а застрелан е човекот за правата на црнците во САД, Малколм Литл, познат и како Малколм Икс. Во новото време, Барак Обама беше претседател на големите САД. Ова е чин за поздравување и голем напредок во сферата на општествено–политичкиот живот. На втори март 1965 година американското и военото воздухопловство на Јужен Виетнам ја започнаа операцијата „Громот што се тркала“ врз северен Виетнам. На 4 март, пак, Сирија национализирала 10 нафтени компании од кои две што им припаѓале на американски концерни. Не знам дали сето тоа е поврзано со настаните во Сирија од пред месец и половина во 2025 година, но знам дека на концерт на „Битлси“ во Њујорк 1965 година се собрале над 40.000 обожаватели. Некаде забава и радост, некаде очај и смрт. Човечки е, нели? Советскиот космонаут Леонов за првпат прошетал низ космосот лебдејќи околу леталото. Три месеци подоцна, истото го направил и американскиот космонаут Ед Вајт. Русите задоцнија само со производството на атомска бомба бидејќи сметале дека со завршувањето на војната, светот ќе киниса по питома траекторија. Или можеби во тие моменти биле беспомошни?
Конечно, пред нас е Петровден 2025 година. Некаде во летото 1978 година, ние идните глобтротери од Дутлок и Ново Маало се упативме пеш од Гостивар во Галичник. Празникот Петровден е посветен на светиот апостол Петар, а во Галичник е вистински верско-културен ритуал. Не, нема да пишувам за свадбените церемонии и историјата оти досега е многу напишано околу празникот, туку ќе кажам дека ноќта ја минавме во селското кино покриени со драпериите што ги симнавме од екранот. На враќање, автомобил до автомобил, но сите преполни. Надвор, небо и земја заедно. Некаде на Царева Чешма нѐ прибраа добри души. Бевме топило. Интересно е што на тој ден може да се извршуваат работни обврски оти апостолот самиот го грабнал српот и почнал да коси. Неговото образложение било дека не смее да се чека бидејќи родот може да пропадне. Не знам дали може да се најде галички кашкавал или сирење од мавровскиот крај. Не ќе е да има врска со српот што лежи некаде по пасиштата.
Честит Петровден на сите галички семејства и на сите Македонци!
Љубомир Јованоски
(Авторот е писател)