Лесни летни приказни

Летото е одмор, добро расположение, музика, уметничка и духовна верига на случувања, сумирање на постигнатото и надеж дека „полнењето на батериите“ ќе донесе рестарт за успешно планирање и негова реализација до крајот на годината. Ама ние сме сој што никогаш не е задоволен од понудата на природата. Кога ќе затопли, бараме да биде посвежо, а кога е свежо, бараме…, па не знаеме ни самите што бараме. Тоа е можеби и логично бидејќи кројката ни е различна. Едни се „зимурлии“, други бегаат од сонцето како ѓавол од крст. Впрочем, како и во сите други наизменични сегменти што го дефинираат животот. Како и да е, летото е период кога се отвораат сите жабри кај човекот.
Некои од нас обожаваат да патуваат, некои не може да ги оттргнеш од домашниот праг, други уживаат во џез, блуз, канцони и шансони, обожаваат попрок. Другите се во емотивна екстаза слушајќи изобличен или турбофолк. Чуда! Сепак, ова дефинитивно е цивилизација на противречности, кои се суштинско погонско гориво за движење. За вредности, може да се дискутира. За вредносен систем, исто така. Секој има право да биде она што е, да цени и расудува, благо да наметнува сопствен став, та дури и да се расправа. Впрочем, расправата е кулминација на спротивставени мисли каде што сите мислат дека се во право.
Горенаведениот наслов не бара филозофски пристап за обработка на оваа тема. Рековме дела летото е можност за релаксација иако, за жал, либералниот капитализам, кој некако ги надмина дури и крутите правила на застранување карактеристични за комунизмот, не дозволува опуштање. Телефоните и нивниот рингтон (за време на одморот лош избор на музика што вознемирува, но во некои случаи тој е и можност за добра зделка) се нашите верни трабанти – сопатници – кои го планираат нашето време и, што е најстрашно, го контролираат нашето расположение. Но што е, тука е. Реалноста е таа, а до минатото и некои „посреќни или повозвишени состојби“, сите патишта се затворени. Се разбира, освен за сопатникот крстен како меморија. Е, таму минатото често се преклопува со сегашноста, но на малку поинаков начин. Всушност, се чини како сѐ да е постојано исто со ритмички повторливи состојби и со огромно влијание на мејнстримот, односно на правилата што нашата свест ги презема од трендот на понудите. Потоа велиме дека всушност промените се надоврзани вредности на еволуцијата диктирани од нашата свест. Како и да е, беше доволно мудрување.
Ајде да ѝ кажеме добре дојде на 1977 година. Џејмс Ерл Картер е новиот претседател на САД. Имаше прекар Кикиритки Џо, кој произлезе од големите посеви со арашиди (подземен орев – синоним за кикиритки). Човекот важеше за мирољубив претседател. Јас ќе кажам дека освен кризата со заложниците во американската амбасада од страна на режимот во Техеран, за време на неговото владеење не се забележани поголеми воени авантури од страна на администрацијата. Истата година во кината се појавија првиот од серијата филмови на Џ.Лукас „Војна на ѕвездите“ со Харисон Форд и мјузиклот „Треската на саботната вечер“ со Џон Траволта, со музичка поддршка на славните „Би џис“. Воен пуч во Пакистан, беше соборен премиерот Зулфиќар Али Буто.

Забележувам последно патување на прославениот „Ориент експрес“ од Париз до Истанбул. За ова веројатно најмногу би жалела Агата Кристи. Истата година се случи последниот концерт на Елвис Присли, но, за жал, и неговата смрт при крајот на годината. Шахот Мохамед Реза Пахлави беше во посета на Вашингтон, каде што беше пречекан од демонстранти што се противеле на неговиот режим. Сѐ е подготвено за доаѓање на Хомеини во Техеран. Анвар ел Садат е првиот арапски претседател што ќе го посети Израел. Подоцна, тоа го чинеше живот. Во случајот е направен голем преседан. На израелската телевизија ѝ е дозволен пренос во боја иако тоа се сметало за луксуз. Во домашните кина се прикажува македонскиот филм „Исправи се Делфина“. Додека во категоријата музички албуми, се појавува дебитантскиот на „Леб и сол“.
Бидејќи е логично да се направи паралела со денешниве случувања, мора да се нагласи дека освен „игрите со дронови“ помеѓу Русија и Украина и вообичаените удари на Израел врз Газа и јужен Либан, треба да се истакнат и бомбардирањата на Сирија со цел да се заштитат друидите, кои се на удар на режимот. Вообичаено, нели? Ама не, бидејќи во Вашингтон се всели уште еден миротворец како Картер. Да се надеваме дека големиот Бел татко ќе заслужи Нобелова награда иако состојбата некако наликува на лажен спокој пред бура бидејќи Стармер и Мерц потпишаа договор за одбрана на Украина, односно Европа. Како и да е, секогаш постојат и заткулисни игри што го дефинираат светот од страна на големите светски играчи. Таму се решава за сѐ.
Бидејќи рековме дека е лето и следуваат мигови на опуштање, ние глобтротерите баравме предизвик. Времињата беа други. Имавме и пречки (чекање со часови за виза пред грчкиот конзулат во Скопје, набавка на девизи од под раце). Истата година беше завршен, но не и пуштен во употреба патот Гостивар – Кичево. Ние четворица со славниот југословенски производ „101“ одлучивме да го направиме тоа пред официјалното пуштање. Целта, Атина. Во Битола, на кафе во штотуку отворениот „Епинал“. Престиж, ами како! Кај нас се вели дека чаламот не го носат ниту девет магариња. На Меџитлија, демек, суров грчки цариник. Нареди да го отвориме багажникот. Го привлече мирисот на банани. Да, имавме голем пакет со банани. Некаде околу триесетина килограми.

Таа, сега моќна соседна држава, имаше недостиг од банани. Слично на шеесеттите години кога нашиве со групни посети на Грција таму носеа бибер, а се враќаа со златни обетки или прстени. Толку од моќта. Бара да се ослободиме од четири налепници ставени на задното стакло од автомобилот. На нив ликовите на Никола Карев, Гоце Делчев, Сандански и Питу. Ние го опколивме и дрско одбиваме да го направиме тоа. Патриотска гордост. Му велиме дека ќе си се вратиме назад бидејќи не може да уценува. Очекуваме да го смени мислењето. Ги собира рамениците небаре носи вина и ни вели дека нема да влеземе во Грција. Ние околу него како пилци на трошки. Не попуштаме ни за жива глава. Со очи ни посочува кон пакетот. Ни вели да му дадеме два-три килограми, ама така за да не забележат колегите. Потоа да ги извадиме налепниците и пак да ги вратиме на нивно место веднаш откако ќе ја минеме границата. Подадовме рака. За разлика од државите, луѓето обични, знаат како да соработуваат.
Во Платамона, тогаш со многу скромни туристички капацитети, го извадивме пакетот на променадата. Нѐ изедоа комарци. Пакетот за миг беше испразнет и покрај конкуренцијата од наши Македонци, кои го правеа истото. Потоа ќе си земевме и бонови за гориво за кои бевме туристички привилегирани, па им ги препродававме на „кутрите“ Грци. Ова беше двојна заработка што ни овозможуваше долг и богат престој. Во Таверните, ни се поклонуваа. Узо со мезе од по три инчуни, бокал со крио неро (студена вода), кременадли, стекови, пататос (кромпир) и рицино винце. За Тито велеа дека игра „комси – комса“ (и со Запад и со Исток), па затоа сме биле мали Американци. Како и да е, не бевме „домат туристи“ и не се храневме со „гиро“.
Лето е луѓе, одморете си ја биолошката и духовната структура, поделете си насмевки и раскажете си сеќавања што ве исполниле. Летните сеќавања се вистинска духовна храна, нели?

Љубомир Јованоски

Авторот е писател