Не ми е првпат да си ја земам наметката на Гринч, филмскиот лик познат по тоа што е намуртен среде празници и го нервира славењето на тие околу него. Овој пат го правам тоа со уште поголема убеденост дека празнувањето во вакво време не е само несоодветно туку и непристојно и неморално. Политичари едвај и да можат да ме вџашат со нивната легендарна фразеологија, лицемерство и лажен оптимизам. Сепак, новата претседателка за миг успеа да ме доведе во ситуација на неверица. Во нејзиното предновогодишно обраќање ни порача: „Драги сограѓани, драги сопатници во заедничкото македонско патување и патешествие, во нашето споделување на доброто и лошото, денеска е тој ден, најден, со заслужени суперлативи – најдолг, најсреќен, најубав, ден кога нешто оставаме како спомен од минатото и со себе ја земаме надежта за поубава година“. (Она „најден“ не значи пронајден откако бил изгубен, туку НАЈ ДЕН, ден над деновите – да кажам појасно). Ја познавам како паметна жена, ама оваа политичарка не ја познавам: реди зборови во кои и самата не верува, запаѓа во патос и поетски напливи, а ги пропушта суштинските нешта. Ако е 31 декември најденот, сите „заслужени суперлативи“, што ли да очекуваме во деновите што следуваат? Ако крајот на една од најужасните години во историјата на човештвото е НАЈДЕН/НАЈ-ДЕН и најсреќен и најубав, тогаш на човек што стои со две нозе на земја му се свртува умот. Неа и нејзината партија ги разбираме – 2024 година им го донесе она што НАЈмногу го посакуваа – власт и моќ. Но зарем не е претенциозно, да не речам безобразно, да зборуваш во име на сите граѓани и да тврдиш дека годината сме ја дочекале небаре живееме во рајот на земјата. Колкумина врзуваат крај со крај, колкумина се напуштени и заборавени, колку деца не добија „Краш“ (хрватски?) пакетчиња? Колку бебиња починаа во родилиштата? Колкумина си ги пакуваат куферите? Притоа, во овој говор (како и во сите други), Македонија е на некоја друга планета и не ја спојува ништо со остатокот на свет со колена во крв. Нашата армија на мирот е армија на НАТО, кое војува не само во Украина туку и во Сирија (САД и Турција). И да не набројувам… знаете… Ова е когнитивна дисонанца, ама и тема за друга колумна.
Не би била фер кога оваа општа (божиќна и новогодишна) еуфорија би ја поврзала само со политичарите и само со нашата земја. Она што вџашува многу повеќе е отсуството на емпатија или желба да се погледне надвор од својата комфорна зона. Ова е тоа „лудо време“ од годината кога луѓето си велат: и онака страдам цела година, сега е време да се препуштам на јадење, пиење, заборав. Ова не е време за размислување за причините за личната и колективната несреќа во кои се давиме како свет.
И пред неколку години пишував за еден интересен координатен систем чија хоризонтална оска е линијата од антикапитализам до прокапитализам, а вертикалната – за и против Божиќ (за наши потреби можеме слободно Божиќ да го замениме со Нова година и обратно). Во центарот на квадрантот помеѓу антикапитализмот и пробожиќното расположение е ликот на Исус; во скутот на прокапитализмот и пробожиќниот спој е Дедо Мраз. Меѓу прокапитализмот и антибожиќното чувство е старецот од легендарната „Божиќна приказна“ на Чарлс Дикенс – Скруџ. Конечно, ликот што ги отфрла и капитализмот и божиќната еуфорија е токму Гринч.
За Исус нема потреба да се објаснува многу, освен што е нужно да се потсети тој е симбол на сѐ што е обратно од консумеризмот, себичноста, лакомоста, зависта, свртеноста кон материјалните добра и геноцидот – сето она во што живее светот за „западната демократија“. Десничарите може и ќе протестираат, но Исус е веројатно првиот (не)деклариран левичар: свртен кон алтруизмот, саможртвата за доброто на сите, несебичноста и скромноста, љубовта за сите, а особено за обесправените и доследен во ненасилството. Но и оваа претстава ја расипаа кога од неговиот роденден направија комерцијален настан погоден за зграбување повеќе профит, продавање сѐ, па и на унца среќа, почнувајќи уште од крајот на октомври. Но токму од октомври пред две години стана особено тешко да се поврзе имиџот на Исус како дете родено во она што е денес Палестина. Дури и симболичкиот гест на папата на прикажување на божиќната сцена со бебе повиено во палестинска кефија е слаба утеха – всушност, болна контрадикција.
Дедо Мраз е „добродушната“ и бајковита икона на консумеризмот и капитализмот (за волја на вистината, и ние во социјализмот растевме со овој лик, кој имаше повеќе дисциплинаторна отколку друга моќ – идејата да се биде „добро и послушно дете“ беше основата за да се заслужат – тогаш, скромните – подароци). Фактот дека не сите деца добиваат еднаква доза радост/подарок, зборува дека тој си има материјални параметри за тоа кој е добар/заслужен, а кој не е. Социјалната нееднаквост ја почитува и Дедо Мраз. Иако децата од сиромашните слоеви, а за оние од Палестина или Сирија и да не зборувам, секогаш останувале со празни раце, оваа година се вртат слики со тажен Дедо Мраз, кој бара преживеани деца среде Газа. Секако, нацртани од уметници што сакаат да допрат до општата совест.
Скруџ навлезе во англискиот јазик како именка (со мала буква) за скржав мизантроп. Во приказната на Дикенс (кој верува дека Божиќ не трае еден ден, туку се негува цела година) тој се трансформира, напуштајќи ги осаменоста и огорченоста, за конечно да ја сфати убавината на споделувањето на среќата со другите. Интелектуално најинспиративен би бил Гринч: измислениот лик од детската литература и јунак на филмот „Како Гринч го украде Божиќ“ живее осамен, презирајќи ги своите весели соседи Хуси, кои го обожуваат Божиќ, а за него велат дека има двапати помало срце од другите. Во костим на Дедо Мраз, Гринч краде подароци од под елките, сакајќи да ја расипе забавата – но, доживува изненадување кога ќе види дека наместо да очајуваат, Хусите се и натаму среќни и весели што се имаат себеси, својата заедница – „затоа што Божиќ сепак не е нешто поврзано само со продавниците“. Така, и тој го сфаќа „подлабокото значење на празникот“, вели приказната. Ме потсети на моето најголемо интелектуално разочарување – на Ричард Докинс, кој од убеден атеист (кој, до душа направи голем имот од своите убедувања) стана припадник на „културата на христијанството“ и жесток опонент на исламот.
Себе би се опишала како Гринч/гринч, што во слободен превод би значело „расипувач на забави“. Него го наоѓав во еден од моите најпочитувани вистински ликови, Кристофер Хиченс (со кого пак не можев да се сложам кога ги поддржуваше западните воени интервенции). Неговиот есеј „Вистинскиот дух на Божиќ“ беше објавен во божиќното издание на „Волстрит џурнал“ само девет дена по неговата смрт. Меѓу другото, таму ја споменува урбана легенда за обидот на јапонските трговци да го усвојат божиќното расположение и да се приближат до западните туристи со тоа што го прикажале Дедо Мраз распнат на крст. Битка на Хиченс беше осамена, херојска и без шанса да го победи канцерот. Неговото пророштво се покажа точно. Ужасите на декември (кои за ортодоксните земји продолжуваат до крајот на јануари) тој ги спореди со живот во еднопартиска диктатура: сите мораат да веруваат во празничниот дух, без оглед дали го нарекуваат Божиќ или инаку. Битно е да бидеш неумерено среќен и да се преправаш дека си станал добар човек што се грижи за другите. Барем неколку дена…
Од есента 2023 година станав поголем намќор, понетрпелива и поцинична кон она што се продава како среќа. Како некој може воопшто да празнува во време на геноцид, освен ако си го исклучи умот? Тоа не е само непристојно туку и обид за бегство од стварноста или уште полошо – отсуство на емпатија или индиферентност кон страдањата на „другите“. Замислете, Божиќ го слават во Витлеем и Ерусалим, а мижат пред масакрирани палестински деца и замрзнати новороденчиња. Се крстат во вредности и родениот богочовек, а се плашат од мигранти. Да бидеш среќен во несреќно општество е дури и непримерно, а сепак толку потребно на индивидуално човечко ниво. Која сум јас (расипувач на забави) да ви кажам да не се радувате со вашите деца или внуци во моментот кога се слави на целата планета? Веројатно ќе беше попаметно да ја прескокнам оваа колумна (по правило, најтешка во годината, кога буквално желбата за оптимизам ја губи битката пред реализмот)… Македонскиот Скруџ се расфрла со (ветувања и задолжувања) милијарди. Порано потсетував на Балашевиќ, кој наспроти сѐ пееше дека не е лузер и дека неговата домашна тврдина, каде што му е саканата/саканите, нема никој да може да ја урне. Но Ѓоле нè напушти откако ја испеа онаа горко реална „Дупло дно“ (Дно дна). Како понатаму? Можеби најдобро е да си се погледнеме во огледалото и да си признаеме дека сме (колективни) лузери, дека и нашите лични тврдини се разнишани, исто како и нашата самодоверба и храброст. Споменуваат Надеж, а забораваат дека таа беше дел од Пандорината кутија, која во меѓувреме ја проширија и надградија со Гордост (на што??). Моменталната радост е мамурлак. Лага е. Надежта е анестезија, таа не е мотив за борба и отпор.
За оние што сѐ уште се чувствуваат како дел од човештвото, празниците прават сѐ да изгледа двапати потажно од обично. Да постоеше, Гринч ќе ги украдеше празничните будалштини, ќе го симнеше превезот пред очите и ќе ги изложеше на виделина сето насобрано зло, лицемерство, лага и очај. И ќе ви посакаше некако да ја преживеете и 2025 година.