Лажливо и неписмено министерство за вистина е краткиот опис на Владата и Министерството за надворешни работи (МНР), како главни носители на процесот поврзан со „францускиот предлог“. Ако се такви носителите, таков е и процесот!
Македонија започна преговори за членство во Европската Унија (ЕУ), по цели 17 години чекање како земја-кандидат, и додека во странство сите честитаат за „историскиот ден“, во земјава нема радост, нема славење, туку молк и тага. Та дури и лицето на премиерот Ковачевски не одразуваше радост за „историскиот ден“. Зошто молк, зошто тага? Затоа што за една лага „започнавме преговори“, прифативме договор што може да се опише само како капитулација. „Започнавме преговори“ е лага, бидејќи преговори ќе започнеме само откако ќе го смениме Уставот. Оваа лага е всушност уште една од лагите, како што бевме кандидат без преговори, па имавме датум без датум, сега ќе имаме преговори без преговори, наменети за одржување на илузијата за ЕУ-проширување и македонско пристапување. За тоа пишував во „НЕ!“ – претходниот коментар за францускиот предлог. Сега повеќе за процесот.
Лажливо и неписмено министерство за вистина е краткиот опис на Владата и Министерството за надворешни работи (МНР), како главни носители на процесот поврзан со „францускиот предлог“ или преговорите за преговарачката рамка за Македонија во ЕУ. Ако се такви носителите, таков е и процесот!
Лаги и нетранспарентност се првите зборови со кои може да се опише процесот околу францускиот предлог. Дека следуваат активности поврзани со францускиот предлог дефинитивно стана јасно кога кабинетот на премиерот Ковачевски објави вест за негов телефонски разговор со францускиот претседател Макрон на 18 мај 2022 година, со поднаслов „нема време за губење“. Од првите сигнали до првото претставување на предлогот ќе поминат шест недели (предлогот е претставен пред коалициските партнери на 1 јули). И доколку Владата се одлучила за држење во тајност на предлогот, имала доволно време да се подготви за неговата презентација и бранење.
Наместо презентација и бранење, секако аргументирано, следуваа лага по лага, низа на лаги. Почетната лага беше „не го имаме добиено предлогот, чекаме да го одобрат Бугарија и другите 26 членки“, а предлогот е резултат на директни бугарско-македонски преговори со француско и друго посредништво, и повеќето земји-членки го немаа ниту одобрено ниту видено, со став дека ќе прифатат сѐ што Бугарија и Македонија ќе се договорат. Потоа се лажеше за содржината на предлогот, на пример дека ќе имаме „преговори без преговори“. Да не говориме за лажењето, го има, ги нема, усогласени сме, не сме, ќе го објавиме сега, не сега, пред потпишување и еден куп лаги за записникот (протоколот) од втората бугарско-македонска меѓувладина средба. Тука е и лагата за „широките консултации“, кои беа само декор во однапред одредената агенда за прифаќање на францускиот предлог. Се измести малку агендата поради неочекуваниот отпор општо и посебно од некои министри и коалициски партнери, па за да се спаси Владата од паѓање мораше да се смисли фарсата со Собранието.
И додека Владата и МНР имаа време за лаги и спинови, не најдоа време да аргументираат пример што е разликата меѓу првиот и вториот ревидиран француски предлог, како вториот француски предлог ги задоволува критериумите наведени од премиерот Ковачевски при одбивањето на првиот предлог, како францускиот предлог ги исполнува барањата на резолуцијата на македонското собрание итн. Ништо од аргументи, само лаги. Можеби затоа што огромно мнозинство од експертите, аналитичарите, не од десницата, туку од центарот и левицата, поддржувачи на Преспанскиот договор, се жестоко против францускиот предлог и немаше всушност кој да анализира и аргументира.
Во лагите нашето министерство за вистина (Влада, МНР) добиваше несебична поддршка од некои странски чинители, додека многумина ЕУ-експерти, како Ерван Фуере, Гералд Кнаус и други, беа против францускиот предлог! Кај странските поддржувачи посебно иритира, фрустрира цинизмот дека предлогот е заснован на „меѓусебна почит и доверба“. Бугарија вика дека не постоиш, тие зборат за почит и доверба! Срамота!
Кога нема кој да анализира и аргументира, доаѓа до израз неписменоста на министерството за вистина (Владата и МНР). Само еден доказ е тоа што изјавата на македонската влада за македонскиот јазик не е редактирана и лекторирана. Кој одраз на непрофесионалност, на цинично понижувачки однос кон македонскиот јазик! Толку за неписменоста.
И што се случува кога нема анализи, аргументи, професионалност! Доаѓаат „црвените кругови“, означување, дисквалификации, меки закани, тврди закани, поттикнување инциденти и насилство! Доаѓа министерството за вистина, од каде што доаѓа единствената вистина, сѐ друго се анти-ЕУ, „рубљаши“, „рубља-патриоти“, „Бугари/бугарски пасоши“! Дојде до таму да луѓе во Владата што потекнуваат од граѓанското општество и кои беа обележувани во времето на Груевски нарачуваат напади врз водечки про-ЕУ граѓански организации и извршители да не бидат само интернет-медиуми туку и граѓански активисти. Невидено! Како министерството за вистина (Влада, МНР) ќе го губи тлото на своите лаги, така ќе растат заканите!
Лагите, неписменоста, министерството за вистина, креираа контекст на недоверба и кон предлогот и кон Владата, длабока поларизација. Малкутемина владини поддржувачи ја продолжуваат, прошируваат листата на „анти-ЕУ“, „лузери“ итн., на која се веќе сите надвор од кликите на СДСМ и ДУИ. Да, протестите запреа, но потиснатиот бес е многу поопасен, бидејќи кога-тогаш може да експлодира. Пример, потиснатиот бес од Преспанскиот договор го врати на голема врата сонцето од Кутлеш и го истисна македонското знаме од јавниот простор.
Авторот е аналитичар* *Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ /
Ставовите се лични Блог www.megjutoa.mk @sklek #НЕ