Државниот грб на Македонија, кој е официјално обележје веќе 79 години, велат дека е зрел за менување со некои подобри хералдички решенија. Експертите по хералдика изјавуваат дека актуелниот грб направен во манирот на социјалистичка хералдика во 1946 година, од кого пред шеснаесет години беше тргната петокраката, е „зрел за промени“. Дел од опозициските партии на ова категорично се спротивставуваат, а дел даваат и свои предлози.
Еве, да се потсетиме уште еднаш на таа епска тема што силно одекна пред десетина години, пред да биде донесен и законот. И малку по малку не/о/свесни и без своја волја бевме, и еве и денес сме, жртва на слична мека масмедиумска тортура.
Златножолтиот двоопашест лав од земниот македонски грб од 1620 година и ѕвездата петокрака тогаш водеа жестока битка за државниот грб.
…Едни во тој обид препознаа кројки, заговори, пусии, становишта и агенди против Македонија.
…За други тоа беа опасни скриени игри, почеток на антиквизација, становишта, вруток на нови алузии и митологии, а за некои и становиштето дека петокраката е идеолошки симбол од стариот социјалистички поредок и го отежнува создавањето критичка „самосвест“ кај граѓанството.
И додека народните избраници дебатираа и се препираа за владиниот предлог за дезидеологизација и симнување на црвената ѕвезда од државниот симбол, некои од партиите го подготвуваа теренот за собирање 10.000 потписи за враќање на земскиот грб од 1620 година. Хералдичарите укажуваа дека самото симнување на петокраката воопшто не го менува концептот на постојниот амблем.
Петокраката или ѕвездата не е идеолошки знак и неа не ја измислиле комунистите. Таа е симбол што датира уште од пред две илјади можеби и повеќе години, тоа го пишува и во Библијата – одекнуваше во колумните во печатот, во блогерајот. Кога тројцата пророци стигнале во Витлеем, на небото виделе ѕвезда како паѓа и според нивното толкување тоа бил величествен знак на раѓање на Божјиот син, Исус Христос. Оттука и во католичкиот и во православниот Божиќ, кога ги красат елките и кај едните и кај другите, на врвот се става ѕвезда со пет крака, и тоа црвена.
Безмалку апсурдна ситуација во која јавноста дополнително беше збунета и вџашена и размислуваше дали треба да се однесува и како без последици да се подметне како пропаганден политички лост, а во исто време да се вклопи во реалното патриотско самочувство и самосвест. Како дел од објективната општествената заложби за решавање извесни идеолошки родољубиви индигнации, и сето тоа во име на некои повисоки цели и некаква светла мултиетничка перспектива. И тогаш, а еве и сега прашањето – од каде лавот во македонскиот земски грб. Дали тоа беше и остана заложба или некаква линија на помал отпор, па во стилот на извесни империјална симболи, дилема што треба да се расчисти што поскоро, за да нема недоразбирања и историски експертски хипотеки. Што претставува лавот како симбол и што всушност одразува.
Законот за симболите се донесе со двотретинско Бадентерово мнозинство – петокраката падна.
Но дали со бришењето на петокраката се смени социјалистичкиот лик на сегашниот грб. Напротив, се доби уште полошо решение – сметаа хералдичарите. Време сегашно – новиот симбол на грбот да биде жолтиот лав исправен на две нозе, што е идентично со логото на ВМРО. Тоа значи за законот треба да се произнесат и пратениците од другите етнички заедници, при што шансите лавот да биде дел од македонскиот грб беа значително намалени. Политичките претставници на Албанците отворено се изјаснуваа дека не го сакаат лавот. Но лавот е универзален симбол и, според хералдичарите, тој е поброен во грбовите на албанските семејства отколку двоглавиот орел. Тоа не беше проблем за тогашната владејачка партија, која велеше дека лавот е исто така и албански симбол и дека се употребува во општината Драч.
Тоа беше уште еден бочен удар врз достоинство на граѓанинот во збрката на дневнополитички, мултиетнички и други дилеми и препирки. Уште едно погрешно сфаќање и толкување на меката колеблива природа на Македонецот, комичен обид да се испровоцираат и испревртат логиката и неговата пословична трпеливост и мудрост и да се претстават како немање сопствен став кон реалитетите итн.
Останува неодговорено прашањето од каде лавот во македонскиот земски – и во многубројни албански фамилијарни грбови. Според едно кажување на мој близок, постар соработник во филмската дејност, родум галичанец – во она време, значи 15, 16 век, на Бистра, Кораб и пошироко на планините во овој дел на Балканот имало многу овци, овчарството било дејност број еден. Но кај што има многу овци има и глутници волци. Овчарските кучиња, помалобројни и несоодветно обучени за ваквиот овчарски бум на Балканот, не успеваат да се справат со грабливите волци. Со пословичната мудрост на галичаните, а се разбира и на многубројни семејства во Албанија и низ Балканот, се решава проблемот на еден многу практичен и оригинален начин. Преку Мала Азија од Индија увезуваат стотици лавови. На тој начин е воспоставена своевидна еволуциска рамковна рамнотежа меѓу видовите и е воспоставено примирје, кое трае сѐ до бурниот дваесетти век. На изглед шармантна козерија на мојот горд соработник галичанец, уште една страна во дебатата, која ќе помогне при донесување на законот за симболите.
Аљоша Симјановски