Квака 27

Сите го обвинуваат системот. Секогаш сум скептичен кога вината се посочува кон апстрактен поим. Вообичаено, оние што го обвинуваат системот се апстрахираат од него. Од друга страна, обидите да се наметне колективна вина најчесто одат во корист на оние што се навистина виновни. Но, ете, ќе речеме дека за последната трагедија што ни се случи, виновен е системот што сме го граделе досега.
Нема совршен систем, ама ако го има, тоа е Норвешка, но и таа при една ужасна трагедија, во која психопатот Брејвик уби 77 луѓе, се соочи со одредени системски проблеми. Нашиот систем, пак, е толку девастиран и уништен, сега и со официјална потврда на властите, што наликуваме на морбидна дистопија. Но среде ваква речиси безизлезна стварност во која битисуваме, дури и девастираниот уништен систем покажа дека може да функционира. Да, изгубивме шеесет млади животи во стравична трагедија до која дојде поради неколкудецениско подривање на системот преку политички и административен криминал и корупција, ама и среде колапсот што го сведочевме, неоспорен факт е дека здравствените работници, кои функционираат во невозможни услови на распаднато здравство, без персонал и основни средства за работа, успеаја да спасат, за почеток сами, по самата трагедија, а потоа со помош на своите колеги од други земји, над двесте и педесет пациенти во тешка клиничка состојба. Сите странски доктори потврдија дека и далеку поразвиени држави од нашата тешко ќе се справеа со вака голем број пациенти при ваква трагедија.
Полицијата во која и не знаеме колкав број неспособни и корумпирани партиски кадри се напикани покажа брзина, по што беа приведени голем број луѓе што директно или индиректно се поврзани со трагедијата. Не ми е целта воспевање институции, зборувам за една крајно чудна состојба каде што дури и она што е девастирано покажува знаци на некаква ефикасност. За судскиот систем и не знам што да кажам. Мене ми изгледа како друштво што постои за да ја спасува моќта од рацете на правдата. И одеднаш, за миг изгледаат како да ја вршат работата за која се платени. А не дека сомнежот не ми шепоти, вака се однесуваат затоа што ова е толку ужасно што не може да го ескивираат, ама јас мислев дека и модуларната болница во Тетово и автобусот во Бугарија и онкологија се исто така идентично ужасни несреќи, па ескивираа.
Нашиот девастиран систем, кој наликува на мртовец за кој се преправаме дека е жив, на чуден и морбиден начин, под притисок на нестварно болна трагедија што ни се случи, покажа знаци на живот. За да стигнеме до норвешки стандарди којзнае колку време е потребно.

Друг е проблемот што јас го нарекувам квака 27. Факт е дека новоизбраната власт започна борба со криминалот и корупцијата. За девет месеци имаме многу процесирани случаи. По стравичната трагедија што му се случи на Кочани најавија жестока борба против сите сегменти и структури што го загрозуваат општеството. Не се сомневам дека ќе го прават тоа, ама убеден сум дека ако криминалот и корупцијата симболично ги наречеме канцер, тогаш ќе се борат со метастазите, а жариштето на болеста ќе остане проблем. Проблем наречен демократија. Сеедно што одиме на избори, ние си играме демократија, а во суштина ја немаме.
Демократија е кога народот оди на избори и избира политичка понуда. Така мнозинството народ владее преку избраниците во Собранието. Собранието е законодавен дом. И до тука сè е јасно и едноставно. На 27 април 2017 година беше избран претседател на Собранието на незаконски начин. Ај што беа прекршени сите законски процедури, ама и при бесмислениот начин на гласање со подигање рака во едно ќоше, фотографиите отвораат сомнеж дека оние што го гласаа претседателот не се мнозинство. И ако е така, ако законодавниот дом е незаконски, како може да носи закони? Ќе спроведе ли некој сериозна истрага околу ова? Оти ако се докаже она што е очигледно, тогаш значи дека законодавниот дом работел на црно и ниту една негова одлука не е законска. А-ха, тоа не смее да се истражува, оти САД, ЕУ и НАТО, бла, бла, бла… Е па, нема демократија.
Истиот тој 27 април, гневен народ упадна во Собранието. Ако не му беа отворени вратите, немаше да упадне. Вратите ги отвори пратеник што беше обвинет, па амнестиран за да гласа промена на името на државата. За истата промена гласаа уште седуммина негови колеги пратеници, притиснати од судски прогони што ги спроведуваше неуставно измислено СЈО за кое гласаа речиси сите пратеници. Сфаќате ли што се случува? Имате состав на собрание што го крши Уставот, а по него доаѓа пратеничко мнозинство, кое најверојатно владее незаконски со законодавниот дом. И уште тоа противуставно СЈО преку бонуси ги краде народот и државата.

Ќе се спроведе ли правда за оваа системска корупција и организиран криминал?
Нема, затоа што при сите очигледни сомнежи и возможни криминали, кои не се испитаа, за настаните од 27 април беа монструозно обвинети за тероризам дузина невини луѓе преку најидиотското обвинение што државава некогаш го имала и експресно беа осудени на драконски казни. Почнаа и да умираат луѓето по затвори. Обвинението веќе се проучува по светските универзитети како едно правно лудило што не смее да помине во цивилизирани средини. Обвинителката мртва ладна признава по телевизии дека си правела селекција кого ќе обвини, за процесот да ѝ се одвива побрзо. Сите знаат дека затворените луѓе се невини. И никому ништо. Ама знам, таму не смее да се чепка, оти „законодавецот“ наречен „меѓународна“ заедница жестоко ќе реагира за да не ни дозволи од тоталитаризам да влеземе во демократија, иако, шведските судови, на пример, соочени со ова, пресудија дека обвинението е политички прогон. И како ќе го оправаме системот ако нешто смее, а нешто не смее да се чепка и менува? Дали ова значи дека селективната правда некогаш е океј, а некогаш не чини? Нели и ова е селективно?

Знам, оние што сега протестираат нема да се согласат со мене. Имам чувство дека би го исправале системот селективно, ако го тврдат спротивното. Велат дека сега се прелеа чашата, иако во последните десет години имавме навистина доволно ужаси да експлодира истата таа чаша. Побараа оставка на целата влада. Немам проблем со тоа, ама што потоа? Ќе одиме на нови избори каде што ќе ја артикулираат своја политичка визија, оти велат дека не се со ниту една партија? Тоа ми е сосема во ред, па народот нека оцени, ама некако ми се чини, можеби грешам, дека повеќе одат накај идејата за експертска влада. А експертска влада не е демократија, оти тие експерти никој не ги гласа. Но бидејќи објаснив зошто кај нас уште нема демократија, океј сум и со експертска влада што јас, како диктатор, ќе ја составам и предводам. Ви ветувам, ќе бидам мек диктатор како Тито, околу себе ќе соберам сериозни експерти и почнувајќи од една обична квака 27, брзо ќе се справам со аномалиите на системот.