Кутрите мали (големи) журналисти – киборзи

„Некогаш луѓето имале мачилишта. Денес имаат печат. Секако, тоа е напредок. Меѓутоа, тоа и понатаму е лошо, погрешно и обеспокојувачки. Некој, некогаш – го нарекол новинарството – четврти сталеж. Не треба да се сомневаме дека во минатото и така беше. Но, денес, всушност, новинарство е единствен сталеж. Тоа ги проголта другите три. Светските господари молчат, а духовните господари немаат што да кажат, а и политиката нема што да каже, а сепак зборува.
Штетата ја прават сериозните, промислени, вредни новинари, кои свечено, како што денес прават, провлекуваат пред очите на јавноста некој испад од приватниот живот на голем државник, човек што е првак на политичката мисла, како и творец на политичките сили, и кој ја повикува јавноста да дискутира за тоа, да покаже надлежниот во тоа прашање, да каже што мисли за овие мисли. И не само да каже, туку она што го кажува да се спроведе на дело, да се нареди во неговата партија, да издава наредби на земјата; всушност, ваквите новинари ја повикуваат јавноста да се направи себеси трагикомична, навредлива и штетна. Приватниот живот не треба да биде изнесен во јавноста. Теророт што сака да го наметне врз приватниот живот ми изгледа сосема необичен. Факт е дека јавноста има незаситната љубопитност и сака да знае сè, освен она што е навистина вредно за знаење. Свесно за ова, новинарството почнува да наликува на трговец, ѝ ги задоволува барања на јавноста.
Новинарство или ги забавува луѓето или се гнасат од него, зависно од неговата природа. Но тоа повеќе не е вистинска сила, како некогаш. Никој не го сфаќа сериозно“.
Овие редови на темата професионално новинарство се извадоци од есејот на Оскар Вајлд, „Душата на човекот во социјализмот“, објавен во 1891 година. Новинарството царува. Во Америка, претседателот владее четири години, а новинарството засекогаш. За среќа, во Америка новинарството ја дотера својата власт до најодвратните и најсурови крајности. Природна последица на тоа беше создавањето на духот на побуната.
Пред десетина години Кен Швенк, новинар и компјутерски програмер во „Лос Анџелес тајмс“, развива алгоритам што ќе овозможи самостојно да генерира новинарски вести, неколку минути откако ќе заврши настанот. За почеток, алгоритамот со име Квакебот се базираше на проверени квалитетни извори на информации, па потоа се консултира со добиените податоци, за на крајот да креира новинарски текст. За само три минути по завршувањето на настанот, веста може да ја прочитате во весниците, блогосферата, на интернет.
Современите технолошко-информациски достигања вршат силно влијание во начинот на животот и мислењето кај луѓето. Тие денес, а и во иднина ќе ги уриваат географските, идеолошките и културните (па и уредувачките) бариери и предрасуди. Денес кога современиот микрочип на мал простор може да содржи милијарди вмрежени информации и ставови, теоретски – достапни секому и во секој миг… но во тој пресврт во внатрешното битие на дејноста – ноторен факт е дека информацијата самата по себе не претставува спознание… нова вредност, вистинска реалност, побрза од вестите, информациите…, се наметнува нов вид поимање на жанровите, дејностите, а и на журнализмот.
Во тек е силен процес на редефинирање и проширување на онтолошката рамка на новинарството како глобален обзор што ја детектира и ја следи стварноста. Голема е веројатноста журналистичката дејност да се трансформира, преобликува, од традиционалното перципирање и известување во иновативен мултимедијален процес комплетно преселен во кибер-просторот, на интернет и редица нови технолошки алатки. А во нашиот медиумски сокак и понатаму упорно се дебатира за слобода на медиумите, политиката, и така до недоглед.
„Западните весници, медиуми, мрежи, платформи, низ светот се само оружје во рацете на политичките елити. Во многу земји тие учествуваат во „демократските војни“ кога се градат демократиите. Во многу општества медиумите, весниците (сега и социјалните мрежи и блогерајот), беа и се најмоќното оружје во рацете на одредена политичка елита или центар на моќ што се бори за да победи друга политичка или неполитичка цел. Целта на ваквите центри на моќ е особено видлива во критичните демократии и во тој случај никако не станува збор за кредибилно новинарство. Тие го користат новинарството за да ги натераат луѓето да мислат како што тие мислат. Ова е опасно, бидејќи е политика, егзибиционизам, но не и овозможување новинарство“.
Во минатото јавноста ги приковувала ушите на новинарите на столбот на срамот. Тоа било навистина одвратно. Во овој век, новинарите ги приковуваат нивните уши до клучалката. Тоа е далеку полошо.
Огромен број новинари и во нашиот сокак ја напуштија својата благородна професија, станаа портпароли, државни службеници, советници. Истражувањата покажуваат дека половина од (преостанатите) активни новинари, размислуваат за промена на професијата… причините се главно од финансиска природа… „Медиумите во Македонија, заштитници на јавноста или заложници на политичките интереси“ – отворена е дебатата во сета оваа (пост)транзициска динамика, поттикната и организирана од голем број аналитичари, воведничари, експерти од домашно потекло, „расчинети“ уредници на весници, телевизии, новинари… сето заедно е интересна и содржајна средба и повод за уште едно навраќање на омилената, никогаш незаборавена, „непрежалена“ ниту прескокната тема – слобода и неслобода во медиумскиот обзор.

Аљоша Симјановски