За културниот елитизам или колку ја цениме својата култура
Во последниве години сè почесто слушаме дека културата е во криза, дека луѓето не читаат, не одат во театар, не следат изложби, не се интересираат за „вистинската“ уметност. И зад оваа загриженост (покрај другите) честопати се крие и претпоставката – дека културата е нешто поврзано со елитата, со образованите, со оние со вкус, со тие што знаат како да се однесуваат во галерија или што знаат што гледаат. Но таквиот пристап е погрешен, опасен и, пред сè, неправеден. Ова е особено изразено во нашата средина, која нема развиена сцена, инфраструктура и особено свесна публика. Каде што секогаш културата се става или на маргините или како нешто наменето за елитата, академските кругови, оние што имаат време да се занимаваат со уметност.
Но, напротив. Културата е за секого и не е во сопственост на малкумина. Таа не е затворена во институциите, ниту завиткана во јазик што обичниот човек не го разбира. Таа (треба да) е жива, народна, споделена. Постои на улиците, во народните песни, во приказните што ги раскажуваме, во традициите што ги негуваме без да размислиме зошто – во сè што нè поврзува како заедница.
Културата не е елитизам
Често се случува културата да се перципира како нешто оддалечено, резервирано само за елитата – за оние што читаат тешки книги, посетуваат изложби на апстрактно сликарство и опери или зборуваат на „висок“ јазик. Но, културата не е привилегија, туку секојдневие. Таа е начинот на кој комуницираме, музиката што ја слушаме, традициите што ги негуваме, хуморот што го споделуваме, јадењата што ги приготвуваме.
Културата не треба да биде бариера меѓу луѓето, туку мост. Не се мери со академски титули, туку со способноста да се разбере, создаде, сподели, да се почувствува. Затоа, наместо да ја гледаме културата како нешто далечно и „високо“, време е да ја вратиме таму каде што припаѓа – меѓу луѓето.
Во јавниот дискурс, културата сè уште се третира како симбол на социјален статус, како капитал што го поседуваат оние со „вкус“, образование и пристап до институционализирани форми на уметнички израз. Но ваквото поимање, длабоко вкоренето во европскиот буржоаски модел на 19 век, денес е не само застарено туку и штетно за еден инклузивен, плуралистички пристап кон културата.
Културата не е затворен систем резервиран за елити. Таа е динамичен, жив процес што постојано се создава, разменува и адаптира во секојдневниот живот. Од аспект на културологијата и современата социолошка теорија, културата не се состои само од „високата“ уметност – операта, класичната литература, академската критика – туку и од популарната култура, традициите, дигиталната комуникација, фолклорот, фотографијата, па дури и рокенролот.
Колективен израз на општеството
Културниот теоретичар Рејмонд Вилијамс уште во 20 век инсистираше дека „културата е обичниот живот“ – таа не е нешто што постои изолирано од луѓето, туку се создава преку нивните практики, вредности, симболи и односи. Ако културата ја сведеме само на институционализирани форми, го занемаруваме токму оној дел од неа што е најавтентичен: начинот на кој луѓето мислат, чувствуваат, комуницираат и се изразуваат, надвор од формалните системи на валоризација. Токму тоа е и генезата на терминот култура – а тоа е латинскиот збор cultura, кој првично означувал обработка или грижа – најчесто во контекст на земјоделство (cultura agri или обработка на земја). Во текот на 18 и 19 век, значењето на поимот се проширува и добива духовна и национална димензија – културата како израз на колективниот дух и идентитет на еден народ. Подоцна, со развојот на антропологијата и социологијата, културата се поима како целокупниот начин на живот на една заедница: обичаи, вредности, симболи, уметност, јазик и верувања. Денес терминот култура опфаќа и високи и популарни форми на израз и сè повеќе се разбира како динамична, конфликтна и контекстуално условена категорија.
Но, да се вратиме на елитизмот. Тој во културата создава вештачки граници помеѓу „вредното“ и „популарното“, помеѓу „вистинската“ уметност и секојдневната креативност. Тоа води до исклучување на голем дел од населението од активното учество во културниот живот, што претставува директна закана за демократскиот потенцијал на културата.
Денес, кога културата сè повеќе се формира на дигитални платформи, преку алтернативни сцени и неформални заедници, нејзината еманципаторска улога бара поддршка, а не филтрирање. Наместо да го мериме културното значење според академски канони, треба да се отвориме кон културната разноликост и нејзините трансформативни потенцијали. Особено во контексти како нашиот, каде што традиционалните и современите форми на израз коегзистираат на начин што не може да се опфати со биполарна дихотомија на „високо“ и „ниско“.
Културата е општествен ресурс, не привилегија. Таа мора да биде достапна, поттикната и вреднувана како процес на колективна комуникација, а не како естетски натпревар. Со отворањето на културните простори за сите форми на израз, се зајакнува не само креативниот потенцијал на заедницата туку и нејзиниот капацитет за критичка саморефлексија, дијалог и развој.
Затоа, културата не смее да остане во сенка на елитизмот. Таа им припаѓа на сите – и само тогаш има вистинска општествена функција.
За културниот империјализам
Едвард Саид, еден од највлијателните мислители на 20 век, го разгледува концептот на културата низ политичка, историска и постколонијална призма. Во неговото најпознато дело „Ориентализам“, како и во „Култура и империјализам“, Саид нуди комплексен став: културата не е неутрална или само уметнички израз, туку е длабоко поврзана со моќта, репрезентацијата и доминацијата.
Саид смета дека вистинската улога на интелектуалецот е да биде критичар на моќта – да ја демаскира врската меѓу културните наративи и политичките структури. Тој се противи на културниот елитизам и застапува отворена, хибридна култура што ги вклучува маргинализираните гласови.
Од таа перспектива, Саид силно го критикува културниот елитизам – односно идејата дека културата ѝ припаѓа само на образовната, академската или економската елита. Ваквиот пристап, според него, служи за одржување на постојните хиерархии и за маргинализирање на „другиот“ – било да станува збор за колонизирани народи, маргинализирани заедници или неевропски култури.
Во „Култура и империјализам“, Саид ја расклопува токму оваа идеја: дека „високата култура“ (романот, операта…) често прикриено учествува во легитимирање на империјалната идеологија. Кога културата се третира како нешто „возвишено“ и одвоено од народот, таа станува алатка на исклучување.
Елитизмот во културата, според Саид, е политички чин – не естетски избор. Тој не произлегува од некаква „природна“ супериорност на елитните културни форми, туку од историски развиени системи на моќ и контрола. Затоа, задачата на критичкиот интелектуалец е не да го заштитува елитното културно наследство, туку да го отвори културниот простор за оние што се истиснати од него.
Културата како простор на борба
Саид е особено гласен во инсистирањето дека културата треба да се доживува како „инклузивен, хибриден и конфликтен простор“ – во кој се среќаваат различни идентитети, гласови и искуства. Елитизмот ја затвора културата, ја прави репродуктивна, а не креативна. Вистинската сила на културата, според него, лежи во способноста да ги поддржи различноста и отпорот.
Културата не е фиксен систем, туку простор на континуирана борба за значења, репрезентации и идентитет. Во постколонијалниот свет, културата станува алатка за отпор – за ревизија на историјата, за политичка еманципација и за културна самореализација.
Саид тврди дека културата била (и сè уште е) инструмент преку кој Западот ја репрезентирал и контролирал „другоста“ – особено Истокот (Ориентот). Преку литература, уметност и академија, Западот создал стереотипи за Истокот (читај Балканот), претставувајќи го како ирационален, егзотичен и инфериорен – што ја легитимирало колонијалната интервенција.
Каде сме ние во приказната?
Во овој наратив можеме да се препознаеме и ние. Како Балкан и како Македонија. Како простор што претставува некое културно и историско лимбо, се наоѓаме на маргините на Западот, но не припаѓаме ниту на Ориентот. Ние отворено не сме биле колонија, но нашата историја можеме да ја читаме низ постколонијалната призма. Немаме големи историски нарации, но ни елитна култура. Токму тоа нѐ прави податливи за истакнување на нашата култура како нешто автентично, различно, егзотично. Нешто за што, за жал, не сме свесни. Нашата перцепција за себе (а ни е наметната од Западот) не треба да биде дека сме „мали и небитни“, па дури и безгласни, без свој израз и култура. Туку, напротив, различни, НО еднакви со другите.
Тоа е нашата позиција, од која можеме суверено да ја прикажеме нашата култура како еднаква со онаа елитната. Нашата, локалната, како дел од светската, глобалната.
***
Големиот проблем на елитизмот во културата е што ги исклучува луѓето. Наместо да биде простор на средба, културата станува симбол на разлика, на вреднување – кој заслужува, а кој не. А токму кога ќе престанеме да гледаме од високо, ќе го откриеме вистинското богатство: разноликоста на изразот, мудроста на народното, силата на искреното и лично доживеаното.
Културата не бара диплома. Таа не е само во музеите – таа е и во селските собири (како Галичката свадба на пример), во уличната уметност, во стендапот, во малите кафеани, во мемињата што го критикуваат секојдневието со остроумие што понекогаш надминува и научен текст.
Време е да ја вратиме културата таму каде што ѝ е местото. Да престанеме да ја мериме со стандарди што исклучуваат, и да почнеме да ја живееме како што заслужува: како наш заеднички јазик, а не како симбол на нечија надмоќ. Борбата против културниот елитизам е борба за демократија на изразот и за еднаквост, бидејќи секој има право на глас и простор во културниот пејзаж.
Тони Димитров
Авторот е директор на Културно -информативниот центар (КИЦ)