Драги мои, како пример што треба да ја докаже мојата теза дека културата и уметноста се економска категорија го земам градот Струмица, не поради локалпатриотски причини, затоа што сум роден и израснат во тој прекрасен град на југот на Македонија. Можам како показ да го земам и Штип или Прилеп, на пример, без никаков проблем. Но ја земам Струмица затоа што, за жал, од мојот град, од Тивериопол во последните две децении направија Неапол од осумдесеттите и деведесеттите години на минатиот век, кога на југот од Италија господарела Камора. Така се нарекува мафијата на тој дел од чизмата, каде што со принципот на семејно владеење, мафијата Камора од Неапол направила Гомора. Прочитајте го прекрасниот роман Гомора на Николо Савијано и ќе ви стане јасно како во десетина години власт Неапол е претворен во она што денес е Тивериопол – град управуван од едно семејство, кое со систем на криминализација и корупција ги има приклештено сите граѓани и целото микроопштество во безидејност и понизност поради страв.
Убеден сум дека културата и уметноста, особено уметниците се оние луѓе што можат да ги поттикнат другите на слобода и владеење на слободата. Струмичани се слободни луѓе и ќе си го вратат изгубеното, убеден сум во тоа. Најпосле, јас во суштина сум вечен оптимист, поради тоа и футурист, па ќе се обидам да ве прошетам по иднината, секако, патувајќи во минатото, но цврсто застанати во сегашноста. Ова да не ве збунува, иако звучи по малку чудно. Сѐ си е наместо. Оставете што зборуваат необразовани и примитивни политичари или полуобразовани интелектуалци.
Еве што на кажал ова тема Марко Аврелиј, тиранин, војсководец, државник и филозоф: „Ако сакаш да ја предвидиш иднината и да ја поднесеш сегашноста, научи ја историјата“. Сѐ тече и сѐ се менува, кажал еден друг филозоф, а сум го прекажал и јас, и овде и другпат, и тоа течење и тоа менување се циклични, неправилни, но сепак во еден циклус, односно во еден круг. Тоа е. Сѐ што еднаш се случило, ќе се случи повторно, прашање е само кога и во каква форма. Нема друга вистина. Затоа, ќе исцртам цел еден круг поставувајќи ги потенцијалите на културата и уметноста како генератор на економскиот развој на градот Струмица и неговата поблиска околина. Да одиме по ред.
Најголем потенцијал, би рекол, со нуклеарна сила и експлозивна моќ за развој на Струмица е археолошкиот локалитет во близината на селото Банско, каде што се наоѓаат остатоци од Римска Терма. Иако е утврдено дека надземните наоди и архитектурата потекнуваат од четвртиот век од нашата ера, или доцно римско време, во близината на комплексот, на други локалитети се најдени и остатоци што се датираат и за осумстотини години постари, од четвртиот век пред Христос. Таа терма е еден од најголемите туристички потенцијали на Македонија, не на Струмица, туку на целата држава, од проста причина што освен туристичката приказна, која може да се проектира и раскаже почнувајќи од времето на македонските династии, кога во тогашен Астерион престојувал Аристотел, во времето кога ја пишувал Поетиката. Ова не е само една приказна, затоа што има свој развој во патописите на Евли Челеби, кој го забележува наративот за Струмица и големиот филозоф Ајтанаџа, што е синоним за Аристотел, кој Астрион го определил за вечно почивалиште, ни повеќе ни помалку, туку на својот ученик Александар Македонски. Ридовите на градот, во форма на пирамиди, кои според истите приказни содржат тајни тунели што го поврзуваат градот од гробот на кралот на кралевите, па до Водоча, зборуваат за врската на древните Македонци со средниот век и царот Самуил, кој на германскиот крал Отон му подарил таписерија на која е извезена претставата Воскреснувањето на Александар Македонски.
Тоа се врските, тоа е вмрежувањето на наративот со цел продолжителност во времето, кое, пак, е основа за туризмот. Да се создаде приказна што ќе биде временски континуитет што ќе го оддолжи престојот на едно место. Да отидеме пак кај бањите на Струмица. Таа Римска Терма, која остана недоистражена, неконзервирана и неподготвена за туризам, е најголемиот приоритет на градот и државата. Во краток период треба да се завршат големите археолошки истражувања, да се конзервира, еден дел да се реставрира, да се затвори и да се претвори во терма, која со помош на исклучителните лековити својства на минералите што се содржат во 74 степени жешката вода, можат да се претворат во балкански Карлови Вари. Немам никаква дилема за тоа. Тоа ќе создаде потенцијал најмалку за уште десетина хотели што ќе нудат медицинска терапија, но и спортски и рекреативни спа-задоволства, во комбинација со откривање на убавините на планината Беласица, која е зад грбот на термата, во дворот, што би се рекло. Можам неколку колумни да посветам само на наративите што би биле привлечна сила, која би го маѓепсала секој намерник во Струмица, а имаат своја историска подлошка, можеби во суштина претпоставена, ама ниту во Пела, а ниту во Вергина нема ниту еден цврст доказ дека таму е гробот на Филип Втори, па тоа не пречи тие претпоставки да се претворат во предизвик за посета на тие прекрасни древни градови. Има ли некој доказ дека Аристотел не бил во бањите на Астерион, каде што загледан во падините на Керкина, со домашно јајце што сам си го вари додека се капе во врелите води на термата се инспирирал за проблемите на дитирамбот и драмата? Драги мои, ви гарантирам дека една фарма, на домашни кокошки, кои во еколошки стандарди произведуваат јајца за да ги задоволат туристите што сами ќе си варат свежо македонско жолто јајце на „бански начин“ нема да биде доволна.
Ние имаме наратив за тоа дека римскиот император Тибериј го возобновил древниот Астерион и во негова чест градот добива ново има – Тивериопол. Постојат археолошки докази за тоа. Стапките од споменикот на Тибериј се запајажени некаде по Струмичкиот завод и музеј. Замислете ги тие стапки на императорот Тибериј, ставени под непробојно стакло во центарот на Струмица, каква туристичка атракција ќе бидат?! Кој не би сакал да ги стави своите смртни стапки во стапките на бесмртниот император Тибериј? М?
Но да се вратиме во Банско. Ајде, да бидеме дел од светот. Ама бањите никаде не се во основа лекувалишта, туку променади, места за разонода и туризам. Не ве праќам во познатата чешка бања, ама видете што се случува во едно Банско, во соседството, Бугарија, или во Златибор, Србија. Немојте да го барате излезот од проблемите надвор од вас, надвор од вашиот град и од вашата земја. Сѐ е таму. Дома. Сетете се на Алхемичарот на Пауло Коељо. Сантијаго го преврте светот за да сфати дека богатството му е дома, под смоквата во неговиот двор. Ставањето на Термата во функција на туризмот ќе биде експлозија што ќе ја придвижи целата економија, не само во Струмица туку во тој дел од светот. Како да ви објаснам дека само на четириесет километри од Струмица е Грција, која само во пограничните градови има петстотини илјади пензионери што ќе тргнат кон здравјето, убавината и приказните. Тоа е туризмот. Нема зошто да одам во едно место ако тоа место нема приказна.
Да продолжам. Беласица е најмладата планина на Балканот и нејзиното античко име е Керкина, наречена според една од сестрите на Александар Македонски. Самата планина изобилува со бескрајни природни убавини, патеки за стрим или за планинско искачување, кои водат или започнуваат од водопадите на Колешино, Смоларе и Габрово, кои веќе имаат почетна инфраструктура. Она што е посебно важно се навистина уредените и чисти села, кои, за жал, поради нашата состојба, се празни, а жителите се емигрирани главно во Швајцарија и во Италија. Но тој хендикеп може да се претвори во предност, како и сѐ друго. Во тој појас има околу илјада најсовремени и опремени куќи, кои се празни и кои со малку труд за информирање и презентирање на можностите за работа и бизнис со издавање апартмани, убеден сум, многу бргу ќе се стават во функција, како и многу стари градби, плевни, штали и дворови, кои пак се специјална мамка за сите оние што сакаат рурални и чисти средини, какво што е, несомнено, струмичкото Подгорие. Она што особено ме убедува во ова се жителите на Подгорието. Тие се кротки, умни и образовани, вредни и претприемливи луѓе, кои одамна имаат врска со светот, и таму кај што живеат тоа е веќе реалност, особено во Швајцарија и северот на Италија. Уште сме на Беласица, планина што е, верувајте ми, неоткриена и која има своја приказна, веќе видовме од антиката, па до Првата светска војна, по чии врвови сѐ уште постојат ровови од едно време што е магична сила за странски туристи, кои секогаш сакаат да ги видат местата каде што војувале нивните дедовци во магичната земја Македонија за време на Првата светска војна. Во Франција и во Германија и некои делови од Северна Африка постои гранка на туризмот што е посветена само на Првата светска војна. Ние овде имаме огромен потенцијал за тоа. И најголемата туристичка приказна на овој дел од светот, битката на Беласица, која започнала кај Клидон, на Клуч, само дваесетина километри од термите на Банско, во близината на селото Струмешница, денес во Бугарија, постојат локалитет и музеј посветен на цар Самуил, на битката на Беласица и другите приказни од средновековието на Македонија. Еве, кога веќе сакате да се братимиме со Бугарија, зошто да не го направиме тоа таму каде што е логично и нормално – во културата и, ете, таму каде што се најголемите проблеми – во историјата. Ова е извонредна можност за развој на прекуграничниот туризам со патување низ историјата до Клуч, па сѐ до Цареви Кули, во Струмица, и на крајот во Водоча, во Водочкиот манастир, каде што кулминира приказната со ослепувањето на војската на цар Самуил. Патем, тука е потенцијалот Пирго, па Термица и Градиште, може да го дополните со претпоставките за Орбел, кои се дел од Подгорието, но во општината Ново Село. Ете ви вмрежување и развој. На крајот, основното средиште, бањата Банско и Термата ќе станат дневна променада на цела Македонија и околните погранични и градови на Бугарија и Грција.
Ги разбирате ли сега потенцијалите што ќе се создадат во угостителството, кое во овој крај од Македонија е навистина со традиција. Помислете само на раноградинарството, особено на она современото еколошко и биоземјоделство. Нема како да не се претвори во извозен производ број еден мастиката од Струмица, која има своја традиција стара две и пол илјади години и е поврзана со приказната за убавата Мастина, која на Дионис му ја украла тајната за анасонот, кој ја прави таа амброзија, таа напивка на боговите, која освен од грозје, се произведува и традиционално од црница, која е посебна и се одгледува токму во Подгорието на Струмица, во подножјето на Беласица. Тука се традиционалните производи од козјо и овчо месо, природните бели фета-сирења карактеристични за јужна Македонија и, на крајот, тука се сајдерот од круша и круната на храната на Струмица – ајварот.
Сето тоа послужено на струмички начин. Знаат тие што одат по струмичките кафеани, опеани и во песната, како се служи храна во тој град. Но и сето тоа спакувано во тегли од стакло или во прсни канчиња, традиција во градот под кулите. И секако, немам никаква дилема дека мрчиндајзингот и продажбата на сувенирите во форма на Аристотел со Поетиката во раце, стапките на Тибериј, но и ликот на императорот основач на градот Тивериопол, Струма, која со мечот во рака се бори против својот татко, гробот каде што е проколната и каде што е закопана во облик на пирамида (пак пирамиди!), Ликовите на царот Самуил и императорот Василиј Втори во глина, порцелан или бронза, убавата Мастина во комбинација со шишенце мастика, а тука е и Дионис, во Струмица познат како Диниш. Потоа мали реплики на манастирот „Водоча“, фреските од единаесеттиот век и, на крајот, еколошко, во природни услови одгледано и во термални води сварено жолто струмичко јајце на бански начин, кое се послужува за добредојде во сите кафеани и ресторани во Струмица. Има ли уште?
Секако, мислев дека една колумна е доволна за да ги детерминирам сите потенцијали на културата и уметноста на Струмица, во својство на економскиот развој. Излезе дека една колумна не е доволна само за Термата во Банско. А уште сме во Рим и во средниот век. Одиме понатаму. Шокантно е тоа што имаме, а не го користиме. Ама тоа, мора да се почне од некаде. Како и сѐ друго, драги мои, и ова започнува со приказни. Кога се родил кралот Артур? Каде се родил? Каде умрел? Кога умрел? Нема ниту еден доказ за постоењето на легендарниот витез на тркалезната маса, да, да. Знаете ли колку туристи одат и заминуваат и колку пари во годината се трошат по југот на Англија и Велс за де ги видат местата каде што можеби се родил, можеби живеел и се борел и можеби умрел кралот Артур.
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и универзитетски професор