Македонското културно искуство, кое се кристализира повеќе од еден милениум, органски е поврзано со големите цивилизации на античката култура и византиската уметност. Оттаму, македонската култура ќе ја карактеризираат убавината, уметноста на возвишеното на античко-византиската цивилизација. Посебно таа ќе се развие во средновековната иконакластика како свој автентичен израз во сликарството, поезијата и средновековната музика. Иако македонската култура во себе асимилира дел од античката и византиската култура, таа ќе добие свое специфично естетско искуство.
Како дел на христијанската, во македонската култура се присутни три грандиозни чинители со епохален историски потенцијал:
1. Христијанизација на Балканот;
2. Богомилското движење како хереза, кое длабоко проникна во македонската култура и уметност; и
3. Охридската книжевна школа – големото описменување на Словените, кое започна од Македонија и се разлеа во сиот словенски свет.
Ова се клучните културни вертикалии од кои произлегува целокупното македонско и национално искуство.
Првата културна вертикалија, која трае од IX до XIV век – Охридската книжевна школа е првиот универзитет во Европа, на кој студираа над 3.500 студенти и говореа на старословенски – македонско-црковен јазик. Токму македонското наречје добиено од преводот на Светото писмо ќе биде основа на сите други словенски јазици и ќе влијае за нивното создавање и оформување. Климент Охридски од тоа наречје ја создаде првата македонска литература, со што се ставени темелите на македонскиот јазик и култура. За Охридската книжевна школа, Блаже Конески ќе запише дека е духовно движење што започнува во IX век, па преку драматичните столетија трае сѐ до денес. Таа е еден автентичен словенско-македонски континуитет што ние мораме денес да го актуализираме, иако сме во мал број, и да се подготвиме свесно за предизвиците и тенденциите што доаѓаат, за да не ја изгубиме оваа мала, но мошне важна култура, која се создава на почвата на македонската земја. Во IX век се родија македонскиот јазик и македонското писмо, а преку Дунав стигна до Крим и Волга. Таму, во Охрид, во Македонија, во градот на светлината, таму каде што Глигор Прличев кога првпат го виде извика: „Совршенство или смрт“, таму каде што се удрија темелите на една нова старословенска цивилизација, каде што се создаде нашиот духовно-историски персоналитет, се создаде и македонската автохтона култура и уметност.
Во ова време, паралелно со Охридската книжевна школа кога се ставени темелите на македонскиот културен идентитет со свој јазик, во Охрид, во „Света Софија“, се создаваше најстарата Охридска архиепископија каде што македонските архиепископи ги пееја старословенските житија за животот и смртта на македонски јазик. Ова е мошне важно да се потенцира токму денес. Се создаде духовната музика, а сликарството стана симбол на македонската, старословенска култура. Во тоа време Охрид станува центар на сиот духовно-христијански, православен свет на истокот од Византиското Царство. Овој прв хронолошки најстар период во македонската култура е златната епоха на целата старословенска цивилизација – средиште на нов цивилизациски центар, а Охрид е жариште од кое зрачеа културните подвизи низ светот, пред сѐ со своите литературни и јазични подвизи, а еднаква тенденција беше присутна и во ликовните и музичките струења.
Македонската култура е окарактеризирана со перманентното спротивставување на насилството. Повеќе од еден и пол милениум се создавани монструозни средства за уништување на македонската култура, јазик и идентитет, затоа што во нив се наоѓа македонскиот специфичен дух. Конечно со АСНОМ и официјално токму овој напор да се истрае во себеси најде своја дефинитивна верификација и триумф. Тогаш се чинеше како веќе да не беа залудни сета борба, сиот чемер и јад низ вековите. Но токму во спротивставувањето на насилството, Македонија успеа да го зачува својот идентитет. Таа е онаа идеја што ни ја посочува Гете како Schtirb und Werde – да се умре или да се биде, трето не постои. За жал, сѐ до денес оваа духовна клима на трагичниот рефрен на македонското културно-национално искуство не е надмината. Меѓутоа, таму во далечниот век не започнува единствено да се раѓа македонскиот јазик туку и македонската култура како духовна причина, како одговор на насилството против оние што сакаа уште тогаш да ги забранат нашиот јазик, нашата култура и специфичниот македонски идентитет на нашето милје. За жал, таа борба сѐ до денес не е завршена. Македонија е онаа што низ вековите била поробувана од грубите империјалистички сили, а страдањето е македонската судбина, судбината на двата конца од срцето збрани – едниот црн а другиот црвен. Оваа метафора на двата супстанцијални елементи на црното и црвеното, на вкрвавената зора на македонската сага, на темницата што штрека, на тешката судбина на македонскиот род е и метафора за македонскиот специфичен идентитет и персоналитет, кој најсликовито го наоѓаме во почетоците на создавањето на македонскиот јазик и култура.
Втората епоха од XIVдо XIX век е т.н. исламски период, кога се вршело духовно и физичко насилство, време кога се случи големата панисламизација, времето кога Македонија падна во битката кај Марица во 1371 година. Посебно во овој период масовно се раѓаат амамите, џамиите, со цел да се изгуби автентичниот израз на македонската култура создавана во далечниот IX век. Но Македонија ниту тогаш не го изгуби својот дух, сместен во сопствениот јазик, во македонската култура и во своите специфични обичаи.
Третиот период во македонската култура се случи во XIX век, периодот на големата преродба, кога во Македонија се јавува отпорот на панбугаризацијата, пансрбизацијата и панеленизацијата. Овој период на македонската преродба се одвиваше под начелото дека секој оној народ што е духовно покорен, навистина е поробен.
Сите културни процеси на планот на литературата и на планот на лингвистиката во епохата на македонската преродба се резимираат во капиталното дело на големиот македонски филолог К.П. Мисирков, „За македонцките работи“, издадено во 1903 година, кога на самиот почеток на XIX век се положуваат основите на македонскиот литературен јазик. Интересен е фактот, а и не беше ништо чудно што уште по самото објавување, ова капитално дело беше уништено. Така, историјата, како и денес, се повторува којзнае по кој пат. Ова варварско уништување на оваа фундаментална македонска книга, кога гореше во пламени јазици во центарот на Софија, во истата година кога во крв се задушени Илинденското востание и Крушевската Република, е уште еден доказ како во минатото се уништувале македонските духовни вредности, како Македонија ги преобразуваше своите привремени порази во духовни победи, токму преку културата.
Основната духовна идеја на македонската преродба во XIX век е да ја разбуди и да ја возобнови свеста за она што минало, за историскиот континуитет, она сознание што уште Мисирков во 1903 година го дефинираше како „Нашата работа не е ништо ново туку само еден чекор напред. Во Македонија живее македонскиот народ а не бугарски, српски ниту грчки. Тој народ има своја историја, свои национални вредности, свои културни и историски заслуги во цивилизациската историја на Словените“. Македонија е земја на старословенската култура и никој не може да ја искорени таа културна придобивка. Токму оваа Мисиркова свест станува средиште на македонската преродба, која брзо завладеа со генерациите на новите писатели, поети, собирачи на народното творештво, композитори, кристализирајќи се во напорот за воспоставување на македонскиот литературен јазик, кој станува најважниот историски подем на македонската култура.
Во XX век, како што е познато, влеговме со големи и тешки крвави рани. Тешко може да се најде друга мала европска култура како македонската што се создава во егзодуси и егзили, и тоа на јазиците на народите каде што по жестоките прогони и закани, Македонецот го нашол своето житејско засолниште. Таа и таквата наша историска специфика нѐ обврзува во македонската културна и литературна наука, да се зборува за една релевантна литература на Македонците што е создавана на други јазици – како посебно поглавје во историјата на македонската литература, како национален и историски долг на македонската култура да го приопшти тоа големо книжевно и национално богатство. Ова мора да се истакнува посебно денес кога во (литературната) политиката на нашите соседи сѐ уште постојат недоразбирања за статусот на литературата што ја создавале Македонците на други јазици, но никогаш не загубувајќи го своето македонско национално чувство, ниту, пак, откажувајќи се од својата македонска татковина, туку повеќето од нив напротив, борејќи се и умирајќи за неа. Тие ги приграбиле поезијата и уметноста воопшто, за да ги откријат и низ нив да ги забележат најдлабоките човечки исповеди и патила на својата страдалничка земја и низ културата да се потврдат токму како Македонци, а не како припадници на народите на чии јазици пишувале. Имено, тој факт денес не само што се премолчува туку грубо и жестоко се злоупотребува. Македонскиот литературен кружок во Софија е јасен доказ за тоа. Тој ја дефинира националната програма на оваа македонска литературна асоцијација како културна програма, затоа што нејзините членови им даваа високо место на културата и литературата, создавани во егзил и егзодус, во будењето на македонската национална свест и во борбата на македонскиот народ за своја национална слобода. За сите од Македонскиот литературен кружок, поезијата и уметноста знаат само едно единствено нешто – откривање на својот национален идентитет.
Во потрагата по идентитетот не е само нивната егзистенцијална, туку во прв ред е и нивата национална и културолошка тема, со која сите тие се опсесивно обземени. Тие биле свесни, како што Митко Зафировски ќе напише во 1970 година, дека „народ без култура е објект на пљачка и асимилација, а борбата за сопствениот идентитет останува глува“. Сето ова оди во линија на она познатото на Гоце Делчев дека „македонската култура е неопходна за правилниот од на македонската ослободителна борба“. Културата ја подразбира слободата, уживање во своите автентични специфики, како што вели Кроче, а има апсолутна иманенција со македонскиот случај, ако културата на еден народ не ја открива нејзината историја, значи дека историјата на тој народ е нецелосна, или дека само оној народ што има своја култура има и своја историја, а преку неа опстојува во времето.
Но затоа денес можеби повеќе од кога било претходно е важно обединувањето на Македонците околу најважните национални обележја и тука да заземеме цврст и непоколеблив став. Како и во минатото, сите наши илинденци, револуционери и борци за Македонија што работеа на оформувањето и дефинирањето на македонското национално прашање дејствуваа и се бореа во прв план за единство и обединување на Македонците во клучните историско-пресудни мигови за Македонија. Идејата на нашите први револуционери, како и идеите на нивните наследници, како што гледаме во говорот на Брашнаров на Првото заседание на АСНОМ, беа Македонците да се обединат во едно заедничко, победоносно – национално јадро.
Ете, затоа ова е времето кога ни е дадена една нова историска шанса да се вратиме на асномските вредности, кои се сублимат на целиот македонски идентитет, а тие вредности да станат наша државничка библија, нашата втора природа.
На крајот, без културата ние стануваме духовно поробен народ, без културата го губиме најзначајното обележје на нацијата, а без нацијата и националното со сигурност ќе ја изгубиме и државата.
Затоа и оваа средба денес на која зборуваме за нашата единствена култура и историја, всушност, е и гласот за спас на македонскиот идентитет и за враќање на свеста околу значењето дека – македонската култура е најзначајното обележје на нашата нација!
Проф. д-р Мимоза Рајл