Кратка прошетка по булеварот на апсурдот

Додека нестрпливо чекам американската влада да ги декласифицира НЛО-документите, премиерот Мицкоски во интервју најави дека ЕУ ја разгледува опцијата Македонија, Украина, Црна Гора и Молдавија да бидат примени во 2027 година, без право на глас и без комесар, додека не бидат исполнети сите реформи.
Имајќи предвид дека Мицкоски не е божји помазаник, односно месија (на македонски: црпнат од Бога), не е елиенски претставник на Земјата, сместен под чадорот на оние повисоките однадвор, не е братучед на Дионис и Озирис како дел од нордистанската митологија, божество што ја буди пролетта и ги расцветува пупките на судско-обвинителската вегетација, не е ниту врвен изумител што направи револуција во морепловската индустрија, откако неговиот брод фрли сидро и заплови кон пристаништата на благосостојбата, ниту е гуру на најубавите и најпаметни претставници на брендираната авангарда, интелектуалната бижутерија и грантираните луѓенца од урбаната граѓанска интелигенција (на македонски: шуто и рогато), не е визионер пред нашето време, кој тука, каде што се онадат волците, ќе ни донесе НАСА, Гугл и патека за формула 1, ниту е Чарли што беше шеф на три грации од женската ангелска популација, суперхероини чија моќ се состоеше во давање комични интервјуа за странски документарци и земање сериозни бонуси за одработената насилна метаморфоза од жива Македонија во зомби Нордистан, но, пред сè не е победник, затоа што само некои победници ја пишуваат историјата, а некои ја препишуваат на Бугарија, значи ако заклучиме дека Мицкоски не е ништо од сето ова гореспоменато, тогаш може да му се верува кога вели дека ЕУ размислува овие држави да станат нејзини членки во 2027 година.
Ама едвај чекам! Сеедно што јас мислам за хистеричната лицемерност на Европската Унија, која, од Лисабонска декларација наваму, врз грбот на Македонија и на Македонците ги искрши сите човекови права, затоа што сто кршења на човекови права врз туѓ грб, не болат, сеедно што таа унија го внесе нашиот национален идентитет во гасна комора, а самата, нашминкана и дотерана, се врати во шовинизмот на 19 век, каде што егзистираат нејзините членки, размазените и фрустрирани Грција и Бугарија. И покрај ова, јас сакам во ЕУ, зашто, осумдесет и кусур проценти нордистанци инсистираат да се напикаме таму.
А зошто посакувам? Од лични (себични) причини, мене животот на писател нема воопшто да ми се промени. Ќе бидам сиромашен и со унија и без неа, бидејќи, како тука така и таму, книжевноста е љубов на сосема мала група луѓе читатели, а убавината (на зборот), насекаде низ планетата, го спасува внатрешниот свет само на малкумина. Така било, така е, така и ќе биде, ама па и не мора да е поинаку. На крајот на краиштата, не е правило, но најчесто се случува, писателот најудобно живее во неудобноста на стварноста.
Едвај чекам да влеземе во Унијата, не за себе, туку заради мнозинството многумина, оти и покрај сите лицемерства и апсурди на официјалната бриселска политика, Унијата има многу закони за своите граѓани што мене, на чуден начин, ми се интересни. А тоа можам да го објаснам преку сосема обична прошетка. Движејќи се пеш низ булеварот на апсурдот, „Свети Бекет и Јонеско“, додека јас се восхитувам на женската убавина со која се разминувам, писателот во мене има опсесија да води дијалози со ликови крај кои минува.
Ама госпоѓо, зошто претрчувате на црвено кога за десет секунди ќе ви се отвори зелено?
А бе глуп, зошто да дремам на пешачки кога нема коли?
Јас може сум глуп, госпоѓо, ама полицаецот вам ви се обраќа.
Госпоѓо, поминавте на црвено, 100 евра ви е казната.
Добро бе, од сите мене најде да ме казнуваш? Што не одиш да ги казнуваш Арапите во Сент Дени?
Не знам госпоѓо, прашајте ги париските колеги, а вие платете 100 евра.
Стотина метри подолу, постар господин се двоуми кој од контејнерите да го избере, па одлучува да ги фрли ќесињата меѓу нив.
Господине, зошто не рециклирате?
Копиљ, глеј си работа! Борел и Фон дер Лајен да не рециклираат?
Господине, што ви е?
Ми стигна порака… две пораки, 80 евра за нерециклирање и 70 евра затоа што фрлам кога е забрането да се фрла ѓубрето. Не бе, не, ова е диктатура, а бе златен Тито…
Во кафулињата, каде што вообичаено има метеж во работно време, сега седат само неколкумина и шират нервоза. Писателот во мене ми го забавува чекорот за да им ја прислушува нервозата.
Ме отпуштија бе, човек. Пази објаснување! Во осумчасовно работно време сум морал осум часа да работам. Ми дават само пола саат за ручек, пуш-паузи и сè друго. Па кога да ги завршам сите други тековни обврски ако не за време на работа?
А бе ненормална работа. Мене ме казнија затоа што навечер сум бушел со бормашина, а жена ми јадеше казна, пази го ова, ги тресела трошките од терасата.
Не бе брат, системов не го бива. Јас мислев, кога ќе влеземе во ЕУ, сè ќе се смени, дека ќе ни дојдат некои европски политичари и експерти што нема мене да ме оправаат, туку системот, а ова, глеј ваму, ем ни останаа истите политичари, кои уште и се напикаа по европски институции, ем оние од Брисел ни нафукаа милион нови закони, со кои нас нè тепаат, а не системските аномалии.
Русјаков, одеднаш ми се обраќа еден од нервозните, не сери многу! Нека ми ја направат и мене минималната плата 2.100 евра како во Германија, а не посрани 620 евра како во Бугарија, па и јас тогаш ќе им ги почитувам глупите закони како сите во Европската Унија.
Не знам јас тоа брат, се правдам, види со синдикатите и со Брисел. Јас сум писател, само излегов на прошетка.
И додека си на проштека за ништо не те казнија?
Па… не.
Па не, нормално. Те знаат, привилегиран си. Таквите како тебе, полтрони на моќта, чекаат зелено за да поминат на пешачки премин, а нас што бунтовно претрчуваме среде булевар нè казнуваат затоа што симболично се креваме против корумпираниот систем. Ама ај, ќе дојдат подобри времиња, ќе излезе ЕУ од економска криза, ќе ја победиме на фронт Русија и кога ќе има кеш за нови грантови, пак ќе биде „нема правда, нема мир!“
Доста е, бегам дома, булеварот на апсурдот може секогаш го возбудува писателот во мене, ама јас, сериозно се уморувам.