Краснопис и крвопис со кој се поставени нови маркери на македонизмот

Имаме можност на едно место да читаме врвни есеи од двајца Македонци, тие ќе ве земат и ќе ве однесат во такви предели каде што низ пресекот на цивилизациите ќе го видите местото на Македонија и на Македонците, да пронајдете дефиниции за нив, но и за другите. Во овие слоевити, длабоки, поетски и филозофски есеи е прикажана играта на силите што ја ништат Македонија, ја демаскираат лицемерноста на Западот и ни даваат толку важна сила и надеж за опстој! За преживување и за опстанок! Македонија е жива, велат гласно тие. Македонците добро ја изучиле науката на мартирството од книгата на Исус, со смртта да ја победуваат смртта

Приказ кон книгата есеи „Името: болка и екстаза“ од колумнистите на „Нова Македонија“, академик Љупчо Коцарев и поетот Ефтим Клетников

Раката со неверојатна сила / се фати за гранката / телото виси / под него е тој вековен Провев / каде ли не оставил трага / кого ли не казнил / и какво ли е ова Проклетство / на оваа рака / што удрила толку многу потписи / во правта / повторно Предавство…
Гане, Анте, Блаже, Ќулафкова, Силјан, но и Коцарев и Ефтим се наредени во низата поети и мислители што ја препознаа историската намера да се истребат Македонците, да нѐ истребат нас. А, токму пред седум години една рака потпиша геноциден договор со Грција, со чиста и јасна намера да ги избрише Македонците и како народ и како дух и како рисјани.
Арно ама на јагнешка кожа / Со крупни букви / Татко ни завештал / Чувајте ги тапиите / од лозјата и нивите зашто Си имаме море несолено / си имаме многу татковини / сѐ си имаме / а утре / можеби народ ќе немаме, предупредува поетот Раде Силјан. Не случајно ги избрав овие стихови, а воведните се мои напишани во 1991 година, како провидение на она што нѐ чека. Си знаевме и тогаш, знаеме и сега. И овие стихови се и одговор на дилемата што во еден есеј ја поставува Клетников: Дали поезијата има смисла по Преспа? Не да има, па таа е нашиот извор на сила и наш одговор на нивните анихилаторски стратегии. Наш краснопис и крвопис. Поставуваме нови маркери на македонизмот за сега и за навек.
Имаме можност на едно место да читаме врвни есеи од двајца Македонци, чисти како солза автори по својот македонизам, двајца мажи што на читателот му ја отвораат душата и му го даваат срцето. Оваа книга почнува толку убаво, толку искрено со едноставните, а топли зборови: Почитуван, читателу. И доволно за да ве земат и да ве однесат во такви предели каде што низ пресекот на цивилизациите ќе го видите местото на Македонија и на Македонците, да пронајдете дефиниции за нив, но и за другите. Во овие слоевити, длабоки, поетски и филозофски есеи е прикажана играта на силите што ја ништат Македонија, ја демаскираат лицемерноста на Западот и ни даваат толку важна сила и надеж за опстој! За преживување и за опстанок! Македонија е жива, велат гласно тие.
Академик Љупчо Коцарев во еден есеј создава само навидум надреална, дистописка атмосфера. Но тоа е тоа: „Министерство за љубов. Министерството за љубов ги идентификува, следи, апси и преобразува Македонците. Во ова Министерството се врши тортура врз неистомислениците со ЕУ-политиките за Македонија, кои се соочуваат со ’најлошото нешто на светот’, сѐ додека љубовта кон ЕУ-политиките за Македонија под принуда не ги преобрази неистомислениците во немакедонци. Ваквата дистописка иднина сигурно никој од нас не ја посакува. Затоа редно време е сите да се запрашаме што треба да направиме да не се случи ова?“
Одговорот е многу јасен: Сите документи што не се конзистентни со основните премиси на македонството, а такви се и Договорот со Бугарија и Преспанската спогодба, претставуваат извор на сите наши витални проблеми и значат разнебитување на Македонија. Тоа, пак, води до констатацијата дека ако не ги раскинеме двата документа, Македонците ќе исчезнат, а во ЕУ ќе влезе Македонија, но не и Македонците. Ова е забетонирана состојба кај Коцарев и тој во ниту еден момент, во ниту една своја колумна не отстапил од тоа. Секоја чест. Тоа е идентитетски мермер, кој плени и не дава никаква надворешна интервенција.

Која е таа Европска Унија, која дури и си ја викаат Европа, како ЕУ да е цела Европа?! Еден маестрален дијалог: Д: „Дали завршивте, господин С.?“
С: „Не, само што се загревам. Не знам кои се основачи (татковци) на оваа институција: Жан Моне, Роберт Шуман, Конрад Аденауер, Алчиде де Гаспери, …, кој било. Нивниот дух е мртов; можеби некогаш постоел, но денес го нема. Тука, денес, вие градите брод на лукративни подлизурковци. И, ако мислите дека ги подготвувате граѓаните за иднината, подобро размислете повторно. Затоа што велам: вие го убивате токму духот што оваа институција го прокламира дека го има! Каква иронија!? Мислам, единствениот достоен за почитување – тоа е Македонецот М. што седи до мене. И јас сум тука да ви кажам – душата на М. е недопрена. Таа не е за преговори, за предавање и за продавање. Знаете како знам? Некој овде – и нема да кажам кој – понуди неговата совест да се купи. Само господинот М. не сакаше да ја продаде и да ја предаде“.
Северна Македонија е мртва, да живее Република Македонија, пак, е есеј за апокалипсата, кој почнува со стиховите на Морисон „Ова е крајот мој единствен пријателе’, песна и во филмот на Копола „Апокалипса“. Каков апсурд – да се бориш за својот идентитет во време на апокалипса.
„Во сè има пукнатина / Така влегува светлината“… така за навек влегува светлината на македонството. Пред само некој ден на зајдисонце бев на Кокино за да ја поздравам светлината, зраците што со неверојатна прецизност влегуваат низ пукнатите на карпите за да ги прикажат точното време и позицијата на Македонија во безвременската вселена. Каква моќ, какво знаење на нашите предци. Книга на знаења изделкана во карпите во неолитска опсерваторија, толку блиску до „Свети Прохор Пчињски“.
Предизвиците се големи, но, според моето мислење, враќањето на името Македонија е единствениот исправен пат по кој сегашнава генерација Македонци и македонски политичари треба да зачекорат. Ние немаме дилеми, токму на тој пат чекориме, Македонецу, Љупчо Коцарев.
Колумнистот со плеќи како Малешевските Планини е проблем за уредникот зашто мора да му ги мери зборовите, а не смее да сече. Како да ја испланира целата колумна? Хммм. Да речеме едно Ихааа, помал фонт, нека се натутка. Нема кратење, зашто читателот секој ред го голта и ја чека новата колумна. Додуша, некои се обидоа да ги забранат неговите колумни, кои како и на Коцарев, се печатат во дневниот весник „Нова Македонија“. Весник што ги потврдува стиховите дека во сѐ има пукнатина за да влезе светлина, а страниците на тој весник, кој одбележа и прослави 80 години постоење, се процеп низ кој влегува и се шири светлината на македонизмот.
Ефтим пишува за архетипот на Македонија, на Македонецот, на Македонката. Тој е проповедник, но и апостол, ја прелистува Библијата барајќи ја врската со Македонците. Ја наоѓа, ги посочува тие делови и во Стариот и во Новиот завет, го пронаоѓа светиот апостол Павле и успева повторно да го донесе меѓу неговите сакани Македонци. Ефтим во своите колумни на извонреден начин преку библиските приказни го деривира македонизмот на 21 век. Каков предизвик за светот на двојните стандарди и лицемерството!

Но, и ќе нѐ измести од рамнотежа кога ќе ни каже: кај нас Македонците најекспресивен архетип на колективна јанѕа е архетипот Беласица 1014-та, кој е некој вид царски печат на нашата колективна трагедија што нè проследува без престан до денес. Да ни го променат името, со што ќе настапи целосен мрак за Македонците. Космички. Мрак како оној тричасовен напладне со кој била опфатена целата вселена над Исусовото распетие на Голгота.
Ние останува да се надеваме дека и оваа апокалипса што ни ја подготвиле ќе ја преобразиме во Откровение. Темнината што ни ја нудат во светлина. Амин!
Митски речено, им нудиме осветлен ерос за нивниот темен танатос. Што сакаат повеќе?
Сакате уште еден архетип? Орото! Орото е par exellence космичка шифра, чин во кој и ѕвезда сo ѕвезда се фаќаат за рака и играат славејќи го сеопштото постоење. Ихааа! Тоа е нашиот исконски крик и катарза.
Европа до денес не објасни зошто се решила на тој гест, ќе истакне Клетников, укинувајќи ни го основното човеково и колективно право на поседување на милениумскиот имот заверен со царски, на македонските етнички кралеви, и со небесен печат на Светото писмо, кое толку моќно сведочи за неговата слава и идентитет. Името е Бог. И јазикот е Бог.
„Големо ни е името, ќе посегнат да ни го земат“. И, еве тоа се случува, драг читателу. А нашето име е и содржина на нашиот праидентитет. Сѐ што имаме. Дух и душа.
За Клетников посегањето по животите на децата на Грамос и Вичо, нашата егејска драма, е македонската Голгота, нашиот Исусов крст закован со клинците на грчко-западната идеја да нѐ снема.
И тргна Апостолот кон Северното Губилиште повторно да им ја предаде на Македонците штафетата на Словото Божјо, да го пренесат како олимписки оган низ безбожна Европа. Ама таа до денес / не го препозна тој знак и остана паганска, со волчја / нарав, па наместо благодарност посегна по главата / на светиот народ во Преспа. Да, ама Македонците добро / ја изучиле науката на мартирството од книгата на Исус / со смртта да ја победуваат смртта. Ихаааа!