„Кохинор“ или „Планина на светлината“, со 106,5 карати, е најголемиот опточен дијамант на светот. Се наоѓа на круната на англиската кралица. Како што претпоставувате, врз основа на името, а и врз основа на фактот дека во Британија нема богати наоѓалишта на дијаманти, тој дијамант сигурно не го ископале и опточиле вредните британски рудари. Постојат неколку претпоставки од каде дошол. Според најверојатната, добиен е во 1849 година, со потпишувањето на мировниот договор во Лахор, во Втората англо-сикхиска војна, по која Британците стекнуваат целосна контрола над провинцијата Пунџаб (денес во Пакистан и Индија). Испораката на дијамантот во кралството била дел од мировниот договор. Така, Британците се стекнале со овој вреден артефакт, кој го поседуваат до ден-денес.
Но, да беше само дијамантот. Според економистката од Индија, Утса Патник, за време на колонијалното владеење со Индија, Британците „исцедиле“ повеќе од 45 милијарди, до 1947 година, кога Индија се ослободи од британското ропство. Но да беше само Велика Британија. Во голема мера, славната европска историја е историја на колонизирање, поробувања и грабежи. Впрочем, споменатата економистка повлекува директна паралела помеѓу брзиот подем на индустрискиот капитализам во Европа (а потоа и во Северна Америка) и грабежот од колониите. Индустрискиот раст, според неа, е директен резултат на колонизирањето и пљачкосувањето на ресурсите од колониите. Да се потсетуваме ли на Белгиското Колонијално Царство, кое држеше колонии во Африка до 1960 година. А можеби и треба да се потсетиме на ѕверствата на белгискиот крал Леополд II во Конго. Или, пак, на Француското Колонијално Царство, кое од почетокот на XVII век, па до XX век било второ по големина, по Британското. А да не зборуваме за неоколонијалните практики на поранешните империи, со кои продолжуваат да ги црпат ресурсите од своите поранешни колонии. Конго во 1960 година стекна независност од Франција, но експлоатацијата на неговите природни ресурси не запре. Да не беа неодамнешните преврати во голем дел од африканските држави, можеби многумина од вас немаше да знаат дека бруталната експлоатација на некогашните колонизатори продолжила во неоколонијална форма до ден-денес. Три француски компании, за многу помала цена од пазарната, продолжуваат да експлоатираат ураниум од Нигер, за потребите на француските нуклеарни централи. Каква болна иронија: речиси третина од електричната енергија во Франција доаѓа од нуклеарните централи што користат ураниум (10 отсто од тоа е ураниум експлоатиран главно од Нигер), а само 15 отсто од Нигер има пристап до стабилна електрична енергија. Може да се наведат безброј примери на вакви брутални пљачкосувања на „цивилизираната“ Европа, на „нецивилизираните“ „други“ и да се повлече директна паралела помеѓу грабежот и акумулацијата на капитал.
Но дури и само овие факти се доволни како контрапункт на славниот говор на новиот аргентински претседател Хавиер Милеи во Давос, каде што го славеше капитализмот како врв на цивилизацискиот развој.
Неговата централна теза беше дека капитализмот е единствениот лек против сиромаштијата. Преку историски реминисценции тој се обидува да докаже дека капитализмот што се појавува пред повеќе од 200 години е директно заслужен за економскиот раст. „Кога ќе го погледнете светскиот БДП од 1800 до денес, ќе видите дека по Индустриската револуција глобалниот БДП се зголемил за 15 пати. Што значеше бум во развојот, кој извади 90 отсто од светската популација од сиромаштија. А треба да се потсетиме дека до 1800-та околу 95 отсто од светската популација живееше во екстремна сиромаштија и дека таа бројка падна на 5 отсто до пред пандемијата во 2020 година. Заклучокот е очигледен: далеку од тоа да биде причина за проблемите, капитализмот е економски систем што е единствениот инструмент што ќе ги запре гладот, сиромаштијата и екстремната сиромаштија на нашата планета“.
И навистина, фактите се факти. Со тоа што периодот на интензивен економски раст, покрај со Индустриската револуција, се поклопува и со споменатото интензивното колонизирање и експлоатирање. Можеби силниот економски раст, покрај капитализмот, е резултат и на пљачкосувањето!? Брзиот подем на индустрискиот капитализам во Европа, како што тврди споменатата економистка од Индија, е директна последица на пљачкосувањето на ресурсите од Африка и Азија! А впрочем, ако го следиме Жозеф Прудон, капитализмот и не е ништо друго, освен пљачка! Поточно, како што се изразува тој во своето главно дело „Што е сопственоста?“: приватната сопственост е кражба! Како? Еве низ едноставен пример: ако сте работник што произведува чевли и дневно изработувате десет рала чевли, а добивате дневница за едно рало, тогаш тие девет рала чевли се украдени од профитот направен од вашиот труд!
Пред многу години, кога бев млад, неопитен и пред сè наивен, имав можност да посетам музеј во Ватикан. Тогаш се восхитував на египетската соба каде што беа собрани безброј артефакти од Египет. Денес, кога не сум веќе толку млад, не нужно опитен, но секако нималку наивен, тој восхит е заменет со чудење: а од каде египетски артефакти во срцето на Европа, како ли стигнале таму? Благодарение на мојата академска кариера, благословен сум да патувам: од Русија до Америка и цела Европа. И тој првичен, младешки восхит од развиената западна цивилизација се заменува со занеменост пред бруталниот пљачкосувачки карактер на таа цивилизација. Кога ќе ја погледнете велелепноста на сите тие зданија во Виена, Париз или Лондон… не можете, а да не констатирате дека такво богатство не се стекнува без грабеж! Секако дека во голема мера може да е неоснована симплификација, но сè повеќе сум убеден дека таа првична акумулација на капиталот не е можна никако поинаку, освен низ брутален и безобѕирен грабеж.
И тоа како во случајот на поединецот – капиталист, така и во случајот на богатите капиталистички заедници! Безобразното богатство не се стекнува со чесен труд. Ако не ми верувате, обидете се да се присетите како некои од нашите современи и актуелни олигарси го акумулирале првичниот капитал!?
Но, повеќе сакам да кажам нешто друго. Што сакам да ви кажам? Сакам да ви кажам да не се фрустрирате, јадосувате и обвинувате. Кога денес ве убедуваат дека сте глупи, неработливи, непродуктивни и неспособни, сетете се дека никого не сте колонизирале, не сте пљачкосувале и експлоатирале. Тоа што не сте Франција, Белгија, Британија или САД само говори дека не сте присвоиле ништо туѓо. И дека, напротив, преку механизмите на неоколонијализмот, вие сте ограбуваните и експлоатираните! Така што, бидете спокојни, драги мои, секогаш кога ќе видите дијамант во нечија круна, знајте дека многу веројатно е украден. Впрочем, бидете сомничави кон секоја круна. Освен кон онаа од трње!
Трајче Стојанов