За македонската уметност помеѓу двете светски војни пресудно значење има литературната дејност на Коста Солев Рацин, како најзначајно литературно и интелектуално име во овој период, име на уметничкиот, поетски и прозен гениј, име на литературно-естетичката критика, име што се бореше за Македонија и нејзината правда да биде обединета во своите етнички граници, име што со мастило и крв ја напиша најубавата лирика нако ерос и како патос и име што со својата уметничка дејност влијаеше врз Македонскиот литературен кружок во Софија.
Неговата поезија длабоко нурната во човекот и неговата егзистенција се играта на светлината и темнината, како ерос и како танатос. Рацин е и најзначајниот и најсестран наш поет од овој период и претставува доминантна уметничко-идеолошка фигура и носител на литературно-естетичката свест истовремено. Рацин сфати дека токму литературата беше најмоќниот фактор во афирмација на самостојноста на нашето национално битие низ драматичните столетија. Затоа и не чуди фактот дека Рацин длабоко загледан во стихот, перманентно се спротивставуваше на насилството и на тешката егзистенција и се даде во одбрана на својата национална и егзистенцијална суштина. Токму таа македонска суштина на непокорот и на темнината, онаа темнина што штрека и непокорот пред вкрвавената зора, е целосно сублимирана во неговата поезија.
Периодот помеѓу двете светски војни, кога уметнички дејствува Рацин, е периодот кога поезијата се изразува преку социјалната литература, а токму тука Рацин со својот вонвременски талент ќе ги види уметничките и социјалните тенденции на времето. Во таа смисла поезијата што се јавува во овој период ќе го изразува нашето национално битие и ќе го оформува нашиот идентитет. Токму преку поезијата во овој период до највисок израз доаѓа свеста за самите себеси и за нашата татковина, која во уметничките пориви на знаменити поети се воспева самата себеси. Татковината за Рацин е онаа што гори во татнежи и молскавици, темнее во маки и страдања, се раѓа во белите мугри, но и покрај сѐ е сместена, како што тој ја нарекуваше, „у вија гради малечка“.
Рацин е основоположник на македонската естетичка мисла, која е цврсто закотвена и инспирирана на силно светнатиот ден, денот на заминувањето на темнината. Свесен дека поезијата ја создава историјата, а уметничките дејствувања социјалните околности, Рацин во својата монографија „Драговитските богомили“ ќе ја забележи својата позиција кога вели дека пред да се создадат општествени судири, тие мораат да се извршат како идеолошки сознанија. Во главите на луѓето мора да се разбуди класната свест. Треба да се воздигне свеста и таа максимално да ѝ се спротивстави на експлоататорската и угнетувачка свест. Токму поради тоа во уметноста мора да се распламнува срцето на човекот. Затоа и улогата на уметноста е да се изгради една нова свест, нова визија, свест што ќе ги изобличи неправдата и нечовечноста на едно сурово и злосторничко време. А Рацин како трагичен херој вели НЕ на злото и на злосторникот, НЕ на неслободата и бара човекот да живее достоинствено. Затоа што чуму животот ако си се родил човек, а скотски цел живот го поминеш? Кога за туѓи бели дворови копаш свои темни ровови. Но оној човек според Рацин, кој в гради има љубов голема, љубов за живот човечна, тој човек има љубов и у вија гради аргатски. Со човечките солзи и човечките маки кога слободата и достоинството се оттргнати од човекот, кога животот е таги и јадови, со право Рацин прашува дали постои кантар маката човечка да ја измери. Во белите мугри во темните зори, во глувата доба, во тагата наша во солзите, потта и крвта, кој е тој кој ќе ги измери човечките страдања? Кој ли тутунар кој лист по лист нижи со поглед од солзите матен, надеж наоѓа во лисјата жолти отровни? Рациновата поезија е приказна за човекот, приказна што стега во душата, која во тишината е гласна, а во градите ја носи маката јасна. И зошто мораше на Ленка младоста да ѝ пожолти и овенее, Ленка која остави кошула тенка ленена, кошула која никогаш не беше даровна? Тогаш, како да се најде радост во темнината, радост в гради низ чемерот и јадот на животот, или за неа треба да го чекаме судниот ден, оној светол во белите мугри пројавен, кога по судниот час ќе прошетаме низ горските бистри езерца, за таму да го најдеме блесокот на светлината, блесокот во кој самовилите оро играат со хероите што паднаа?
Но со право забележува Рацин дека оваа борба човечка за себеси пред неправдите во страдањата како смртта вечна е, но од смртта посилна е светлината и сите маки, секој чемер и секој јад и пот и труд и болката на месата голи. И дали навистина треба пред неправдата, пред тиранијата и неслободата уста пуста да затвориме, душата да боли или очи да ископаме да не гледаат што се случува со Македонија, да згаснат светлините и мрак да биде, мрак каракамен? Но што е она во темнината нешто што свети – живи сме и затоа да се радуваме и ако во тој живот болка боли, болка мори, болка свети, сепак свети животот. Затоа, во сонцето златни далги да најдеме и во утрата, росните влаги од солзите да ги оставиме. Но што кога во денот човекот е роб, а ноќта сигурна е како гроб? А во нашиот дом наместо радости, стии пиштат и искри лштат и ако не умреме дома, дали да кажеме блазе си ѝ на душава, има зошто душа да е. И зошто, о зошто, во нашата куќа радост нема, зошто таа е куќа трошна одаја, но во темнината сепак шепотат некои идни, златни времиња. Но тие златни времиња не се за оние кои од потта дигаа кули високи, кои од човекот го зедоа кајмакот, сокот и маката давајќи му толку за побрзо да го погребаат, а во маките аргатски нивните синови и ќерки да ги заменат во тешкото оро на народот наш мачен. Чуму животот ако сонцето го има, а радост нема, од глетката дека човек на човека му е роб, а душата човечка од бога му е дадена преголема, како куќа со широки ширшир порти, душава во која цел свет братски ни е?
Рационовата поезија силно е стегната во вековните патила на човекот и на народниот живот. Неговата поезија е национално востание, таму судбината на поезијата ја одредува судбината на човекот, судбината на срцето на само оној народ со високо кренато знаме за да живее достоинствено.
Токму во таа мака, во тоа животно страдање, Рацин ќе ја најде својата врела инспирација. Како вонвременски уметник на Рацин му е лесно да се ослободи од идеолошките саги и да се дефинира како поет надвор од вулгарното општество и да се потврди токму како божји гласник на светлината и прецизен визионер кога пред својата смрт ќе запраша:
Зошто паднав ја
Зошто ме куршум прониза
Зошто ме земја притисна
За кого ли лудо загинав
Кажете браќа кажете
Дали мојата смрт е карасмрт?
Пусто остана полето
Пусто зазори зората
Чемрее в поле врбата
Чемрее тажи непознат.
Но кој умре за татковината
И за човечките правдини
Со тебе горо до векот живеел.
Поезијата на Рацин е една уметничка слика на одразот. Одразот на една тешка егзистенција, на едно тешко бреме кое го носи Рациновата нежна, уметничка душа. Но токму таму во таа егзистенција во која Рацин ќе проникне со уметнички средства, ќе пронајде специфични особености и ќе стане основоположник на модерната македонска поезија. Неговиот живот прикажан во една поетска слика, во секоја песна има парче од неговата душа и една солза, па читателот со Рацин води долги ноќни разговори низ громови и молскавици. Секоја песна на Рацин е автобиографска, секој нареден стих е визионерско-пророчки. Драмата во неговата поезија ја слика темнината на тешката егзистенција од една страна и неговиот непокор да се помири дека човек на човека му е роб од друга страна, па во „Елегии за тебе“ ќе напише: Kој ни ги скрши нашите крилја, крилја на галеби бели, кој ни замати извори бистри, извори на души чисти? И кој раздвои и раздвои човек од човека со гроб и кој направи и кој направи да човек од човека да тегне и бега и страда од лулка до гроб? И навистина кој му ги скрши крилјата на Рацин и на секој еден херој, кога наместо да полета во височините, кукавички од зад грб го снајде трагичната судбина.
Но во идеолошката сила на овој уметнички гениј лежат сите одговори. А човекот во Рациновата поезија се наоѓа најдлабоко и најшироко, затоа што ако само го отвориме срцето, таму е љубовта кон човекот, но човекот на иднината. Сликите во Рациновата поезија длабоко нѐ вознемируваат, ја растреперуваат нашата душа и ставаат пред нас едно големо огледало на одразот, да се видиме какви сме и како живееме. Сите овие егзистенцијалистички пориви на својата поезија Рацин ги изразува низ една импресивна слика и совршена естетичка форма.
Рацин тврди дека во сегашноста е никулецот на иднината. Тој знае дека старото мора да умре за да се роди новото, со една стравотна непоколеблива вера дека ќе се случи триумфот дури во времињата на најголемите македонски национални маглини. Уметноста на Рацин, и покрај својата крајна тегобност, носи една голема надеж. Надеж што се споменува и во Откровението, надеж за новата земја и за новото небо. Новата земја што ќе дојде со новата свест и новата визија. Уметноста, според Рацин, треба да го има одразот на новото време и да го раѓа духот на иднината. Затоа и поетската слика кај него е сликата на новата стварност.
Вистинскиот уметник, според Рацин, носи во срцето едно храбро проникнување и тој треба вулкански да ја најавува промената која со сигурност надоаѓа. Уметноста подразбира храброст, таа не се плаши да го изрази очигледното во општеството и времето што неминовно ќе дојде. Уметникот не е оној занесениот, туку е визионер и столб на промената токму како Рацин, кога тој својата визија конкретно ја преточува во своето совршено уметничко дело.
Македонија е една трагична песна, емоционален копнеж и вознес. Песна што, според Рацин, те погодува во срцето, зашто од него изникнала. Македонската песна е еден широк бран полн со неисцрпна мака, во чија длабочина душата е преплавена. Песната за Македонија е и една молитва, огледало на нејзината душа и една непрекината воздишка. Таа проста и строга македонска песна во која има копнеж и надеж е песна за една скриена убавина, песна што Рацин ја виде во непоимливите мигови на љубовта, растреперените радости, во шепотот на цветот на природата. Каква ли совршена естетика. Но само внатре во срцето гори една вековна песна, каде што сме ги скриле сето светло и сето стрвно.
Кај Рацин поетско-уметничкиот творец и идеолог се испреплетуваат како две бои од кои е компонирана неговата социјална поезија. Поезија на темнини и порази, на мака, на тешка егзистенција во времињата бурни и тешки, тогаш кога „се к’теше ноќта црна и кога се рутеше карпа в мрак“. Но еднаш зората ќе зазори, вели Рацин, кога до најжежок оган крвта човечка ќе биде испиена и в темнина со крв ќе се мие, ете во најтемната ноќ на нашата душа ќе се појави светлината и ние гласно ќе извикаме – Силно светнал ден!
На Богомилската земја
Ко троскот
Ќе бликне живот млад,
Жилите ќе пуштат
А воздухот да биде без чемер и без јад.
И тагата да ја нема
Од скотскиот живот
Ќе екне песна радосна
Тогаш нека бијат срцата млади
Во градите слаби.
Нека се лејат солзи жешки
Од некогашните маки тешки
И тогаш ќе речеме
Нека ни е честит денот на првата ни стапка
На првиот ни век
Ќе мине силен ек
Ќе блесне сонце златно
Ќе светне живот нов.
Силно светнал ден!
Светлината во душата на Рацин е симболот на победата и слободата. Неговата поетска мисла и вдахновена инспирација ќе ги пробијат македонските граници. Ова се стихови на еден трагичен херој и уметнички гениј. А погледите на овој поет визионер, чија поезија доминира од периодот помеѓу двете светски војни до денес, се потврдија во времето. Поезија чии драматично темни слики ние денес интензивно ги живееме. Темнината за нашата татковина, татковина што ја носиме у вија гради малечка.
Мимоза Рајл