Косовската економија: Растот на инфлацијата и ефикасноста на државниот договор

Во текот на изминатава деценија, во Косово сме сведоци на една постојана економска експанзија, со значителен напредок во однос на најважните економски показатели. Ваквите забележителни економски ефекти произлегуваат од заедничкото содејство на неколку фактори: раздвиженоста на приватната потрошувачка и инвестициите, кои се поттикнати од дознаките, како и од значителните јавни инвестиции во инфраструктурата. Поконкретно, стапките на раст на Косово за 2021 и 2022 година ги надминаа стапките на раст на соседните држави, како што тоа кај нив беше случај во минатото, и достигнаа износ од 10,7 отсто т.е 5,2 отсто. Во овој период, вредноста на извозот на стоки речиси двојно се зголеми. Притоа, загрижувачки е податокот што трговскиот дефицит се влоши, а од своја страна кулминира со негативна тековна сметка еднаква на 10 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) до крајот на 2022 година.
Странските директни инвестиции (СДИ) ја продолжија својата нагорна траекторија и во оваа година, но притоа не можеа да се забележат структурни промени кај клучните играчи, ниту пак диверзификација на инвестициите. Во нашите СДИ сè уште доминираат инвестициите од дијаспората во секторот недвижности, а неодамнешниот пораст на цените на недвижностите можеби е главното објаснување за ваквото севкупно подобрување.
Засегнат од интензивниот тренд на иселување, пазарот на трудот во Косово се соочи со значителни промени. Недостигот од работна сила постои во неколку дејности, особено во градежништвото и угостителството. Според последните податоци од Косовскиот завод за статистика (КАС), стапката на невработеност во последниот квартал на 2022 година изнесува 11,8 отсто.
И покрај очигледниот економски напредок на Косово, од клучно значење е да се внимава кога би извлекувале заклучоци само врз основа на официјални податоци, бидејќи во последните статистички извештаи се содржани одредени аномалии. Како илустративен пример, првично објавениот просечен раст на БДП за 2022 година, според кварталните извештаи, беше 3,5 отсто. Сепак, по направените ревидирања и приспособувањата од страна на КАС со цел да се земат предвид сезонските фактори, стапката на раст се зголеми на 5,2 отсто.
Ваквиот изразен диспаритет обично отвора прашања за тоа дека се работи за техничка грешка или за надворешно мешање, бидејќи отстапува од најдобрите практики.
Аномалии се манифестираат и во податоците за пазарот на трудот. Во 2021 година, официјално беше соопштено дека стапката на невработеност е повеќе од 20 отсто. Сепак, по еден подолг временски период во кој немаше известување, КАС посочи дека невработеноста значително се намалила за речиси 50 отсто, што е еднакво на приближно девет процентни поени. Доколку навистина имало значително подобрување на пазарот на трудот, би се очекувало таквите подобрувања да се одразат и во наодите од Истражувањето за јавниот пулс, спроведено од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Спротивно на логичните очекувања, истражувањето открива дека луѓето сè уште гледаат на невработеноста како на најголем проблем, по што следуваат сиромаштијата и инфлацијата. Дополнителна енигма е и намалувањето на невработеноста кај младите. Во 2020 година, Косово имаше највисока стапка на невработеност кај младите меѓу земјите од Западен Балкан, достигнувајќи 49,1 отсто. Две години подоцна, Косово некако успеа да дојде до најниска стапка на невработеност кај младите во регионот, со само 15,1 отсто. Иако миграциските тенденции во оваа демографска група можеби се делумната причина за ваквото намалување, скептицизмот во однос на точноста на овие бројки е нешто што тешко може да се игнорира.

По завршувањето на пандемијата на ковид-19, глобалната економија имаше големи зголемувања на цените, кои беа поттикнати од нарушувањата на понудата, енергетската криза и тековниот конфликт во Украина. Косовската економија не остана имуна на овие фактори. До крајот на 2022 година, инфлацијата на храната се искачи на приближно 20 отсто. Истовремено, цените го продолжија својот растечки тренд, иако со нешто побавна стапка во текот на оваа година. Со други зборови, оние што не се економисти треба да знаат дека пониските стапки на инфлација не се поврзани со пониски цени во споредба со претходните години, туку со побавен тренд на пораст.
Неодамнешното истражување спроведено од страна на УНДП, во кое беа опфатени 1.500 домаќинства, покажа дека мнозинството од испитаниците изјавиле дека нема промена во нивниот приход, додека цените продолжиле со трендот на зголемување. Да објасниме – во 2021 година, 38,8 отсто од домаќинствата трошеле 200 евра или повеќе на намирници. Во 2023 година, ова учество се зголеми за значителни 20,8 процентни поени.
Слични трендови се манифестираат и во трошоците за комунални услуги, превозот и здравствена заштита. Приближно 44 отсто од испитаниците посочиле дека купуваат помалку стоки, а плаќаат повисока цена, со што јасно укажуваат на тоа дека не се во можност да направат репланирање на својот буџет како одговор на инфлацијата. Овој предизвик е особено акутен кај маргинализираните сегменти од населението. Според ова истражување, 16 отсто од испитаниците во 2023 година живеат под прагот на сиромаштија т.е. со 1,85 евра дневно, што е зголемување од 14,5 отсто во однос на 2021 година. Покрај економските импликации на инфлацијата, значителни 46 отсто од испитаниците изјавиле дека се соочиле со зголемен стрес и анксиозност како последица на растот на цените.
Програмата за социјална помош им помага на најранливите групи, но поддршката што ја добиваат не е приспособена на инфлацијата. Владата не успеа да усвои предлог-закон во парламентот за заем од Светската банка за реформирање на програмите за социјална заштита. Оваа иницијатива наиде на критики од некои економисти што тврдат дека земањето заеми за финансирање на програмите за социјална заштита е без преседан и обично се несоодветен пристап, кој придонесува кон зголемување на јавниот долг на земјата. Од друга страна, оние што ја поддржуваат Владата тврдат дека парите се стока што губи вредност, а во време на висока инфлација, земањето кредити со многу ниски каматни стапки е поволна одлука за проширување на фискалниот простор. Иако има одредена вистина во овие два аргумента, останува фактот дека Владата е одговорна да дејствува на овие реформи за да им помогне на оние на кои им е потребна помош. Недостигот од јавни средства не е издржан изговор. Со други зборови, Владата не покажа динамика во спроведувањето на новите реформи и покрај тоа што отвори повеќе фронтови, т.е. иницирање на големи правни и економски реформи во првиот дел од мандатот – при што не спроведе некоја поголема реформа.

Сепак, треба да се напомене дека Владата презеде неколку фискални мерки како одговор на инфлаторните притисоци. Во април 2021 година беше направено привремено зголемување од 30 отсто на програмите за социјална заштита, а минималната пензија беше зголемена на минимум 100 евра месечно. Во 2022 година, со цел да се ублажат негативните ефекти од инфлацијата, Владата им додели 100 евра на сите вработени, на студентите и пензионерите.
Иако овие директни и еднократни исплати овозможуваат олеснување на семејниот буџет сега и веднаш, тие сепак имаат потенцијал, во принцип, да придонесат кон интензивирање на инфлацијата. Инјектирањето значително количество пари во економијата може да предизвика понатамошни ескалации на цените, со оглед на ограничувањата на страната на понудата.
Истражувањето исто така констатира дека значителен дел од испитаниците користеле кредитни картички како механизам за справување со инфлацијата. Владата воведе фискална мерка, која подразбира субвенционирање на заеми во износ од 10 отсто од главнината на тие заеми, со максимум од 300 евра. Сепак, оваа мерка остана во сила неколку месеци и покрај тоа што инфлацијата опстојува повеќе од две години. Она што го забележавме од владините фискални мерки во последниве три години се фискални мерки, кои имаат високи цели или воопшто непостоење на какво било насочување на средствата. Несомнено е дека овие мерки им помогнаа на многу семејства во ублажувањето на влијанието на инфлацијата и тие ги поддржаа бизнисите во надминување на негативните ефекти од ковид-19. Меѓутоа, за да се зголеми нивната ефикасност, Владата треба однапред да ги планира политиките наместо да ги распределува на ад хок основа.
Најдобрите буџетски практики налагаат владините планови да се објават на почетокот на фискалната година, додека во Косово повеќето фискални мерки се спроведуваат со краток рок. Ова доведе до поткопување на севкупната ефективност на субвенциите и трансферите. На пример, минатата година, кога се соочивме со енергетска криза, Владата најави субвенција за сите домаќинства што ќе купат енергетски ефикасна опрема. Со оглед на ограничената понуда, шокот во делот на побарувачката значително ги зголеми цените, што доведе до поголема добивка за главните увозни компании.
Како заклучок, Владата експериментира со повеќе различни пристапи за борба против инфлацијата. Зголемувањето на минималната плата од 170 на 264 евра и социјалните шеми од минимум 100 евра се добар почеток. Сепак, во тешки времиња, кога инфлацијата упорно опстојува, овие политики треба да бидат коригирани за инфлацијата. Останува да се види дали Владата ја научила лекцијата и дали сознанијата од искуството ќе се одразат во претстојните политики и во законот за буџет. На крајот, се разбира, очајно е потребна и динамика во спроведувањето на проектите и реформите.

Албиан Красниќи

(Республика.еду.мк)