Новата варијанта на вирусот корона, позната како BA.3.2 или цикада, им го привлече вниманието на научниците низ светот поради необичниот образец на ширење – се чини дека почесто ги погодува децата отколку возрасните, но не предизвикува потешки форми на болеста.
Иако нивото на циркулација на вирусот моментално е ниско, експертите предупредуваат дека оваа варијанта претставува интересен пример за еволуција на вирусот, кој би можел да помогне во разбирањето на идните мутации.
Особено е значајно тоа што оваа варијанта отстапува од претходните обрасци, каде што постарите лица беа најзагрозени.
Варијантата BA.3.2 е детектирана во повеќе од 20 земји, како и во примероци од отпадни води во голем број американски сојузни држави. Меѓутоа, поради намаленото тестирање по пандемијата, можно е таа да е пораспространета отколку што покажуваат моменталните податоци.
И покрај многубројните мутации, вакцините и претходниот имунитет и понатаму обезбедуваат одредено ниво на заштита. Научниците истакнуваат дека оваа варијанта засега не предизвикува зголемување на хоспитализациите или смртноста, поради што не се смета за приоритет за нови вакцини.
Како што пренесува Си-ен-ен, експертите оценуваат дека цикада е поинтересна од аспект на еволуцијата на вирусот отколку како непосредна закана, бидејќи и покрај големиот број мутации, не успеала да предизвика глобални бранови на зараза.
Називот цикада го добила поради необичното „исчезнување и враќање“. Имено, нејзиниот „родител“ BA.3 првпат бил регистриран во 2022 година, но потоа речиси исчезнал од видокругот, за подоцна повторно да се појави во изменета форма. Научниците претпоставуваат дека вирусот во тој период опстојувал во организмот на лице со ослабен имунитет, каде што постепено мутирал.
Она што дополнително ја издвојува оваа варијанта е големиот број промени – дури повеќе од 50 мутации на делот од вирусот што се врзува за клетките и околу 70 во однос на оригиналниот вирус од 2019 година. Сепак, се чини дека токму поради тие промени вирусот изгубил дел од способноста за ефикасно врзување за клетките, што го ограничува неговото ширење.
Интересно е и тоа што анализата на податоците покажува дека децата се до пет пати поподложни на инфекција со оваа варијанта отколку возрасните. Научниците сè уште немаат конечен одговор зошто е тоа така, но претпоставуваат дека причината е послабиот и пократкотраен имунитет кај помладите, како и помалиот број претходни контакти со вирусот.
Децата, дополнително, се наоѓаат во опкружување каде што респираторните вируси полесно се пренесуваат – во училиштата и градинките – што дополнително го зголемува ризикот од инфекција. Експертите истакнуваат дека ваквото однесување на вирусот всушност потсетува на грипот, кој традиционално се шири токму преку најмладите.
Иако одредени научници проценуваат дека BA.3.2 би можела да стане доминантна, моменталните податоци укажуваат дека нејзиниот раст стагнира или дури опаѓа во одредени делови на Европа. Поради тоа, се смета дека нема да предизвика нови големи бранови на зараза, но ќе остане под внимателен надзор како потенцијално важен индикатор за идните промени на вирусот.
(Си-ен-ен)
































