Проф. Звонимир Јанкулоски
Дека сме во борба за душата на оваа земја досега требаше да биде очигледно, но борбата е многу потешка отколку да се обидуваме да ја поправиме штетата што претходната власт ѝ ја нанесе на државата. Причината за ова е во тоа што Македонија последниве години накоти корисни идиоти, кои и во услови на променет политички амбиент продолжуваат да се обидуваат да ја нормализираат девијантноста на политиката на претходната власт. Терминот „корисни идиоти“ за многумина ќе прозвучи звучи како лоша навреда, но всушност е долгогодишен политички концепт вкоренет во комунистичката историја и е моќно применет од лидерите од Карл Маркс до Саул Алински. Очигледно Македонија со рециклирана комунистичка номенклатура има податлив човечки материјал за создавање корисни идиоти. Кога некои политички поддржувачи слепо го следат водството на авторитарните лидери и не ги доведуваат во прашање или ги разбираат причините, а сепак ги извршуваат нивните наредби, тие би можеле да се наречат „корисни идиоти“. Инаку, терминот „корисни идиоти“ првично беше измислен како термин за комунистичките симпатизери и ги дефинираше „граѓаните на некомунистичка земја симпатизери на комунизмот, кои комунистите ги сметаа за нивни, подложни на манипулација заради пропаганда или други цели“. За разлика од периодот на комунизмот, кога корисните идиоти беа делумно мотивирани од романтиката на револуцијата и верувањето во марксизмот, нашите денешни корисни идиоти изгледаат мотивирано од една работа – омраза кон сопствената држава. Да немаме заблуда, корисните идиоти може да се наречат секако, но не може да се наречат глупави: тие се многу интелигентни и свесни за околностите. Се чини дека проблемот е во тоа што тие ѝ ги припишуваат на одредена причина само нејзините позитивни ефекти, додека замижуваат пред нејзините грди и погубни ефекти. Корисните идиоти дури и ќе се расправаат против какви било обвинувања дека тоа што го поддржале можеби воопшто не е погрешно.
Интересно е што можете да бидете корисен идиот без всушност да бидете идиот. Треба само да ја игнорирате реалноста кога таа го разоткрива вашиот догматски, деструктивен, левичарски поглед на светот. Мислите дека корисните идиоти се загрижија за негативните последици од надворешнополитичката авантура на Заев и Димитров во разнебитувањето на државата со промена на името и продавањето на историјата и културата? Напротив, ги демонизираа сите оние што размислуваа и говореа спротивно. Зарем стварно некој помисли дека корисните идиоти на претходната власт ќе се смират и ќе го прекинат нивното жонглирање со глупоста откако се промени власта во државава? Слушнете ги како продолжуваат со нивните манипулации со вистината, иако нивната власт заврши како конец влечен од ќебе, што резултираше со целосно расплетување на нивната империја на глупоста. Но, како што гледаме, овие корисни идиоти навистина не се грижат за луѓето што се повредени како резултат на погубните политики и агенди на претходната власт. Тие буквално се подготвени да жртвуваат невини луѓе, па и сопствената држава, за да им се додворат на своите господари. Напишано е дека Сталин еднаш прогласил дека корисни идиоти ќе го продадат јажето што ќе ги обеси. Ова ми изгледа најдобриот опис на нашите корисни идиоти денес.
Ако сте ги поддржувале претходната власт и нејзините погубни политики за државата, можеби сте корисен идиот. Ако некогаш сте рекле дека треба да влеземе во Европската Унија со свиткана кичма и обезличени како народ и нација, веројатно сте корисен идиот. Игнорирајќи ги погубните ефекти на договорот од Преспа и договорот за добрососедство со Бугарија станувате добар материјал за корисен идиот. Дали слепо верувате дека сме само на чекор до Европската Унија и стварно сме ги почнале пристапните преговори со Унијата и покрај тоа што од таков почеток нема абер?
Дефинитивно сте квалификуван за корисен идиотизам. Се чини дека не можеме да ги научиме нашите лекции од историјата, можеби затоа што корисните идиоти во голема мера ја презедоа и таа дисциплина. Но, единственото нешто што ги спречува корисните идиоти да победат е тоа што вистината не е на нивна страна. Да се надеваме дека вистината и промислата ќе нè пренесат низ овој актуелен вител на измама и самоуништување порано отколку подоцна и дека ние како народ, како нација, ќе престанеме да ги штитиме и размножуваме нашите корисни идиоти. И, секако, политиката што ги сака корисните идиоти затоа што имаат тенденција да бидат невини и наивни мора да престане да регрутира корисни идиоти за свои цели. Да, со нив лесно може да се манипулира на дело со блескава симболика и сјајни ветувања, но многу лесно може политиката да ја претворат во гротеска. Како онаа претходната. Се надевам овој тренд нема да посака да го продолжи новата власт, ако не сака да заврши како претходната. Нашите „корисни идиоти“ мора да ги држиме далеку од политиката. За здравје на нацијата и наша ментална деконтаминација. И, секако, корисен совет за корисните идиоти: не бидете алатка што може да се користи и потоа да се фрли настрана кога ќе заврши нејзината корисност. Секогаш постои избор – во справувањето со политичките господари, навистина постои разлика помеѓу тоа да се биде премногу паметен и да се нема памет.