Кому му пречи Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот?

Нелогичноста на создавање совет во Министерството за култура и туризам идентичен како во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот повеќе ми личи на тоа дека Министерството за култура и туризам ќе се преточи во агенцијата занимавајќи се со нејзината работа, спуштајќи го туризмот на секторско ниво, концентрирајќи ги својата моќ и административен апарат, отколку да се креираат закони, стратегии и потстратегии со градење институции што ќе ги имплементираат, ќе ги реализираат стратегиите создавајќи услови до најниско ниво за раст и развој на оваа многу значајна економска гранка за македонската економија

Многу прашина се подигна со последните предлози од страна на Министерството за култура и туризам за трансформација и укинување на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), како и изјавите за нејзина лоша работа, неефикасност, преклопување на ингеренции, без притоа да се објават анализи, факти, статистики. Нафрлени се само паушални констатации. Не смееме да им останеме должни на македонските граѓани за годините работа и предизвици во туристичката индустрија низ кои ги водеше АППТ. Според мене, тоа го правеше доволно успешно како носител на промените, низ нејзината улога во промоцијата, поддршката, анализите и стратешките планирања, законските решенија, субвенционирањето, новите модели за субвенционирање, туристичките развојни зони, пандемијата, развивајќи и докажувајќи дека туризмот е една од главните развојни економски гранки што низ годините има континуиран раст.
На идеја од група визионери во туристичката индустрија во 2008 година, со поддршка од тогашните политички структури, се формира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, која требаше да докаже и покаже дека туризмот не ни се случува и не претставува статистичка грешка, туку сериозен потенцијал за Македонија, како држава што нема море. Професионалноста на АППТ се темели на нејзината поставеност бидејќи не припаѓа под ниту едно министерство, туку одговара директно на кабинетот на премиерот и Владата, додека во нејзиниот управен одбор континуирани членови се две туристички комори, Министерството за економија и четири професионални лица поставени од Владата. На тој начин при креирањето на програмата, управувањето и отчетноста на агенцијата главен збор имаат луѓето од туристичкиот сектор, кој во секој момент има увид во работењето на институцијата и реализирањето на годишната програма. Со одлука на Владата, во рамките на АППТ, пред многу години е формиран Совет од 15 члена во кој членуваат голем број асоцијации, здруженија, ЗЕЛС, комори, факултети за туризам, со мандат за давање предлози и анализи при подготовката на програмата на АППТ и светски искуства што треба да бидат имплементирани од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Советот избира свој претседател што ја одредува динамиката на работата и средбите, а агенцијата има еден претставник во Советот. Предлозите и заклучоците на Советот на АППТ во зависност од потребата се доработуваат од институцијата и се праќаат како точки кај Владата, управен одбор или во одредени министерства за дополнителна координација со други сектори значајни за туристичката индустрија во Македонија.

Затоа зачудуваат изјавите на одредени туристички работници и претседатели на комори за нефункционирање на институцијата, а истите тие биле дел од нејзините структури и имале можност да дадат максимален придонес во креирањето на програмата на АППТ, како и иницијативи што ќе бидат преточувани во предлози и иницијативи за законски решенија. Во одреден период (2014-2018 година) функционираше и Комитетот за туризам, во кој членуваа сите туристички комори, одредени министерства, АППТ и истакнати професори, а со него претседаваше директно премиерот на државата, дополнувајќи ја потребата туризмот да биде третиран како област што е многу значајна за македонската економија.
Во Министерството за економија континуирано работи Секторот за туризам, кој е надлежен за комисиите за категоризации на сместувачките објекти и на рестораните, за државната помош и мерките што се спроведуваат за подобрување на македонскиот туристички сектор и во многу нешта од формирањето на АППТ, што е доста збунувачки, секторот за туризам се преклопува во одредени активности и ингеренции со агенцијата.
Со ваквата поставеност низ годините, АППТ многу јасно ги зацрта своите цели и од 0,1 отсто учество во бруто-домашниот производ (БДП) во 2011 година, што е рамно на статистичка грешка, успеа да го искачи во 2018 на 1,9 отсто, за во 2023 година да достигне 4,3 отсто или, според одредени истражувања, индиректно влијае со 6,7 отсто во БДП со приближно 34.000 вработувања, кои претставуваат 4 отсто од вкупниот број вработени во Македонија.
Според новите текови во туристичката индустрија по завршувањето на пандемијата, со цел продолжување на континуираниот развој на македонскиот туристички сектор, АППТ преку сет функционални анализи, стратешки планирања, истражувања и предвидливи ефекти создаде нова систематизација на институцијата заменувајќи ги постојните два со четири сектори што ги опфаќаат клучните делови за развој и приспособување на институцијата со нов модел на субвенции за домашните и странските туристи, создавање дестинациски менаџмент, организации исток, запад, север и југ и со донесени заклучоци на Владата за понатамошно постапување и реформирање на институцијата во Национална туристичка организација (НТО).

Токму овие насоки беа дадени од ревизорскиот извештај на државната ревизија, континуираниот намален буџет на институцијата, неусогласеноста на законите за градежно земјиште и туристички развојни зони, потребата од усогласување со Министерството за економија и половичните ефекти од ваучерскиот систем спроведен од Министерството за економија. АППТ го достигна и го надмина своето функционирање во 2023 година, со што во еден дел докажа дека на Македонија ѝ е потребно министерство за туризам што рамноправно со другите на иста мапа ќе создава државни стратегии и законски решенија што долго време се очекуваа, а влегоа во политичките игри и надмудрувања на коалициските партнери во Владата во тој период.
Веќе една година функционира Министерството за култура и туризам, кое предложи одредени решенија за преземање на ингеренциите во делот на субвенционирањето на туристичката индустрија и интегрирањето на АППТ како дел во министерството, со што престанува да постои. Сепак, за една година работа Министерството за култура и туризам остана кусо за некои одговори:
Зошто во целост не се преземени ингеренциите од Министерството за економија и Секторот за туризам со комплетното негово работење? Зошто во Министерството за економија е формиран нов сектор за угостителство и како е можна таква поделба кога секаде се заедно? До каде е процесот за преземање на комисиите за категоризација на сместувачките објекти и угостителските објекти? Дали има подобрен закон за туристичкиот сектор во кој ќе бидат создадени услови за создавање е-туризам, дигитална платформа, формирање туристичка инспекција и туристичка полиција, долго очекувана од туристичкиот сектор? Дали се решени проблемите на туристичките водичи и нивниот статус? Нов систем на субвенционирање? До каде е долгоочекуваната стратегија, која за една година веќе требаше да биде готова?
Што е со проектите за развој на руралниот и винскиот туризам, донесени во 2023 година, кои се круцијални за секторот? Дали е изработена државна промотивна кампања и дали е создадено уникатно туристичко лого на Македонија?…
И вака можеме уште долго да продолжиме со набројувања, но останува фактот дека во предвидените промени за АППТ, министерството сака нешто да потрупа, а тоа е очигледното бледо и отсутно работење на оваа владина институција и кадровските решенија на нејзино чело во 2024 и 2025 година. Проблемите со неисплатените субвенции на голем број туроператори за 2023 и 2024 година, нелогичен пристап во саемската промоција и губење на долгогодишните топ локации на светските туристички саеми за ќошиња каде што ни самите не може да се пронајдеме и др. Или доброто работење на АППТ до 2023 година, како и немањето човечки ресурси во Министерството за култура и туризам со стручност и доволно искуство во туристичката индустрија?!?

За нелогичноста на создавање совет во Министерството за култура и туризам идентичен како во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, кој ќе се среќава еднаш квартално и ќе се грижи за промоцијата, на шега, сѐ повеќе туристички работници велат дека ќе развиваме туризам квартално!
Сѐ повеќе ова ми личи на тоа дека Министерството за култура и туризам ќе се преточи во Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот занимавајќи се со нејзината работа, спуштајќи го туризмот на секторско ниво, концентрирајќи ги својата моќ и административен апарат, отколку да се креираат закони, стратегии и потстратегии со градење институции што ќе ги имплементираат, ќе ги реализираат стратегиите, создавајќи услови до најниско ниво за раст и развој на оваа многу значајна економска гранка за македонската економија.
Сепак, би завршил со една народна мудрост: Над едно село во руралните делови на небото со силна бучава за првпат се појавил авион и го надлетал неколкупати. Селаните исплашени отрчале во дворот кај најстариот и најмудар прашувајќи го што е ова чудо на небото!? Заглавувајќи се долго во небото и чешајќи си ја мудрата глава, старецот се обратил до соселаните: Се умам и двоумам дали е ова стогодишен комарец или се копитата на коњот од Господ!

Доц. д-р Љупчо Јаневски, Универзитет „Скопје“

Македонија мора напред!