Репресијата отсекогаш била белег на комунизмот. Тоа е идеологија што бара уништување човечки суштества. „Никогаш не сме го отфрлиле теророт во принцип“, напишал Ленин во 1901 година, „ниту можеме да го сториме тоа“. Јавната меморија за комунизмот од 20 век е бојно поле. Две идеолошки војски зјапаат една во друга низ бездна на недоверба и неразбирање. И покрај тоа што Студената војна заврши пред речиси 30 години, борбата за дефинирање на вистината за комунистичкото минато продолжи да беснее секаде низ светот, само не кај нас. За оние комунистички зомбија што опстојуваат како бубашваби во новото променето време на независна Македонија и кои сакаат да го насликаат комунизмот од 20 век како неизбежно зло, мора да потсетам дека комунизмот е чумата на 20 век. Комунизмот е срамота, нивна срамота со која треба да живееме сите ние. Комунизмот ги разболуваше луѓето; ги убиваше физички и духовно. Комунизмот го уништуваше она што функционира и ја отстрануваше хуманоста од луѓето. Тоа е времето што ве тераше да ги мразите и кодошите вашиот сосед и вашиот неистомисленик и да се сомневате во вашето семејство. Комунизмот ги уништуваше општествата. Ги претвораше во општества на огорчени луѓе и цинични измамници. Ја деградираше човековата суштина и безмилосно газеше по човековото достоинство. Тоа е сликата на комунизмот што одбиваме да ја видиме во Македонија, зашто така ќе ги видиме жртвите на таквиот систем, кои треба да останат закопани во минатото.
Бидејќи нијанса во приказната за комунизмот од 20 век може да ги „намали леснотијата на нашите мисли и јасноста на нашите чувства, велат дека антикомунистите ќе ги напаѓаат, отфрлаат или дискредитираат сите архивски наоди, интервјуа или резултати од анкети што потсетуваат на достигнувањата на комунизмот во науката. културата, образованието, здравствената заштита или правата на жените. Секогаш кога се отвора ова прашање во Македонија слушам познат и излитен наратив дека полоши од комунистите да ти биле антикомунистите. Проѕирен обид да се ублажи наративот за комунизмот како идеологија на омразата и начин да се понуди заборав за минатото за да може рециклираните комунисти да се вгнездат безбедно во новото демократско време. Ние како општество го дозволивме тоа. Триесет и повеќе години рециклираните комунисти се прикачени за политиката и цицаат од општеството, држејќи нѐ во заложништво на минатото. Ако внимателно ги анализираме аргументите на оние што се обидуваат да го контролираат историскиот наратив на македонскиот и југословенски комунизам од 20 век, не видовме извинување или оправдување за злосторствата или изгубените животи на оние што страдаа поради нивните политички убедувања. Не видовме извинување за минатото на омраза. Напротив, доживеавме нов излив на омраза на наследниците на комунистичката номенклатура во македонското општество преку т.н. шарена револуција. Можеби „револуцијата“ беше шарена, но омразата беше црна. Црна како нивните заблудени души од времето на комунизмот. И после кажете ми дека комунизмот умре во Македонија?!
Да потсетам: грижата за неприфаќањето на злосторствата на комунизмот не е за политиката, туку за стравот. Македонија одбива да се сеќава на жртвите на комунистичкото минато, за да заборавиме колку патолошки лош беше комунизмот. Затоа врeме е да ја исправиме таа наметната амнезија. Мора како општество да понудиме комеморативен ден за жртвите на комунизмот што ќе служи како потресно национално признание на жртвите што никогаш вистински нема да бидат компензирани за нивните страдања. Овој ден би бил признавање на болната историја на комунистичка Македонија и одговор на митот дека историјата е нешто непријатно што им се случува на другите луѓе. Зашто историјата е она што ни се случува на сите нас во Македонија. Денот на жртвите на комунизмот може да послужи за двојна цел на соодветно комеморирање на жртвите на комунизмот и намалување на веројатноста таквите злосторства да се повторат.
Исто така, овој ден може да ја зголеми и свеста за опасностите од левичарските форми на тоталитаризам и доминацијата на владата во економијата и граѓанското општество. Повеќе не можеме и не смееме да живееме во лага. Зашто во лагата живее злото во оваа држава, премногу долго и премногу болно за многумина. Оваа држава не може повеќе да живее и да функционира со неодговорении прашања и сомнежи. Треба само да имате желба да бидете искрени за историјата и да ги научите нејзините лекции. Еден начин да се направи тоа е да се слушаат гласовите на оние што тивко умираат ослободени од стравот и страдањето на репресијата на еден систем што посеал зло во Македонија. Оваа влада ја има историската можност конечно да им оддаде чесна почит на страдањата од минатото и да изрази соодветна претпазливост за некои од решенијата што се предлагаат за нашата колективна иднина. Само така ќе се спречи бранот на носталгија и романтизам поврзан со комунизмот, кој вешто се одржува во Македонија сиве години на нејзина независност, да го препокрие сеќавањето за нашето темно минато.
Проф. Звонимир Јанкулоски