Предизборен молк. Не можам да пишувам за локалните избори што ќе се случат утре. Сеедно што јас колумнава ја пишувам в петок наутро. Ама можам да пишувам за минатите локални избори, така? Оти тогаш многу се изнервирав. Ептен се искарав со еден од кандидатите. Не победи, ама многу ме вознемири. Запна да асфалтира како тоа да е најважно.
Ќе ти го асфалтирам патот до нејзиното срце.
А бе, не сакам да го асфалтираш, остај го каков што е.
Ама види, на ништо не личи.
Ако, остај го така! Сакам да шлапкам во вирчиња додека одам по патот на љубовта.
Не победи човекот. Ама она го слушна муабетот. И сама го асфалтираше. Наеднаш сè се раздвижи, стана прометно. Комерцијално. И она веднаш му го даде срцето на инвеститор. Сега наместо срце, таму има мол, а јас веќе не шлапкам по тие прекрасни вирчиња на љубовта.
Батали избори! Да видиме што избор нуди светот. Никој никогаш не ги послушал сите оние прекрасни мисици што секоја година посакуваат мир. Напротив, како за нивни инает, постојано има војни. Добро, некоја од овие војни знае и да заврши. Како во Газа. Се потпиша мировен договор под мирољубивата палка на Доналд Трамп, па истребувањето Палестинци ќе престане. Секако, привремено. До следната заебанција која ќе донесе нова касапница. Како стопати досега.
Не знам за вас, ама првите вести на кои јас се сеќавам беа за војна меѓу Израелци и Палестинци. А тоа беше баеги одамна. Тука секако беше присутен човекот со чудна марама, наречен Јасер Арафат. Тој е добриот, велеа постарите, затоа што е другар со Тито, а Тито е најдобар. Толку беше добар што по неговата смрт, народите во Југославија не можеа да најдат ист како него, па во напад на очај одлучија да се искасапат. Ја донесоа Газа дома, дури и сериозно појачаа. Како и да е, очигледно со лоши вести од Газа и ќе го напуштам овој свет. А секако нема уште долго да останам. Ем станува неподносливо досадно, ем со начинот на живот воопшто не го спонзорирам моето останување тука.
Инаку, велат дека во политиката не останува празен простор, веднаш се пополнува. А војната е продолжување на политиката со други средства. Се потпиша мир за Газа, ама празниот простор веднаш се пополни. Авганистан и Пакистан влегоа во војна. Веројатно затоа што војната меѓу Индија и Пакистан не тргна во посакуваниот правец, па мораше да се преземе нешто на таа територија. Војната меѓу Русија и Украина во која учествуваат и САД и ЕУ си ја тера својата приказна и очигледно навистина Западот ќе го „брани“ и вооружува Киев до последниот жив Украинец. За Мјанмар ми е глупо да пишувам. Таму геноцидот си се одвива беспрекорно и без притисок на политиката, медиумите и вознемирената јавност. Реагира Гамбија, ама тоа е една сосема небитна држава, која не е дел од политичкиот мејнстрим на планетава. Патем, овој геноцид влегува во завршна фаза, изгладнување до смрт на оние што сè уште дишат и претаат.
Пред некоја вечер имав гаден кошмар. Сонував поголема група демонстранти што протестираат против геноцидот во Газа. Налетаа на помала група луѓе што кренале глас против геноцидот во Мјанмар. И нормално, „мјанмарците“ изедоа ќотек затоа што дефокусираат од возбудата на јавноста. Се разбудив од кошмарот со заклучок, таков избор нуди планетава. А да, тука е војната што САД само што не ја започнале против Венецуела поради наркокартелите за кои порано мислевме дека се во Колумбија.
И така, преку Венецуела, полека доаѓаме до Нобеловата награда за мир што ја доби Марија Корина Мачадо, венецуелска опозиционерка. Што повторно накратко нè враќа во Нордистан. Јас воопшто не сакам да се занимавам со нордистанските работи, бидејќи нордистанците ми ја ликвидираа Македонија, нејзината форма и суштина ја направија духовна и материјална депонија, од Македонец ме претворија во граѓанин на гомно-нација, а јас тој идентитетски геноцид не го прифаќам. Како и да е, деновиве во Нордистан се популарни свиркачите и медиумската војна што настана околу документи што тие ги доставуваат до новинарите. Е па, и јас имам документи од свиркачи. Поточно транскрипт од разговорот на Нобеловиот комитет за мир при доделување на наградата. Сè почнува кога еден од присутните предлага наградата да му се даде на Трамп, оти ја запрел војната во Газа. Веднаш се јавуваат неколкумина.
Ужас! Никако! Го мразам! Нема шанси! Види му ја фризурата!
А што ако гадно ни се налути?
И што, бе, ако ни се налути? Што ни може?
Може да ни воведе царини.
Ало, ние сме комитет, а не држава.
Може од Осло да нè премести во Стокхолм кај другите комитети.
Тоа и не е толку лошо. Јас слушнав дека сака да го освои Гренланд и таму да нè исфрли.
Ужас! Одвратно! Кај данските Ескими? Да му се плукнам во фризурата!
Луѓе, имам решение! Нема шанси да дадеме награда на некој со таква фризура, ама да не се лути, ќе ја доделиме на некој што му е по ќеф. На пример, онаа убавицата од Венецуела.
Добра идеја. Мисици секогаш зборуваат за мир. Ама која? Венецуела досега шест пати победувала.
Не мислев на таква убавица, туку на Марија Мачадо.
А ха. Што има таа направено за мирот?
Веројатно ништо. Ама може нешто да каже за геноцидот во Мјанмар.
Мјан… што?
Не му е лесно на Нобеловиот комитет за мир. Имам за нив решение. Мала додавка во името. Нобелова награда за мир преку војна. И ете едночудо кандидати. Од Борис Џонсон, преку Урсула Фон… Уф, моја Урси била во Скопје. Ај што ми била во комшии, па можев да шлапкам по вирчињата на љубовта до нејзиното срце, сеедно што таа му го има дадено на инвеститор да крене фабрика за оружје, значи не само што била тука туку и за фудбал зборувала. Прво Марта ни зборуваше за полнети пиперки, а сега Урси за фудбал. Колку убаво од нивна страна што не гњават со политика. Патем ѝ двете дами, освен за храна и за фудбал, меѓу редови ни зборуваа за француски бакнежи врамени како европски вредности. Сексапилната дама, наречена Европска Унија, секогаш знаела да понуди теми на кои обичен човек се возбудува. Едвај чекам да нè посети мадам Фредериксен како актуелен претседавач со Советот на ЕУ. Којзнае со каква викиншка возбуда ќе ни ја израдува љубопитноста.