Вечно е прашањето дали системот ги расипува луѓето или луѓето го расипуваат системот. При барањето вина по трагедијата во Кочани, во фокусот се постави прашањето кој затаи да настрадаат стотина млади животи. Дали системот или луѓето – беше оската околу која се вртеа вжештените прашања и обвинувања. Како и за секоја несреќа во Македонија, така и за оваа во Кочани, брзо спласна температурата во јавноста, набрзина, низ реторички и правно обвинителски лавиринти, се одбрани власта, се покрија и спасија и системот и луѓето одговорни за загубените животи. Секое чудо за три дена, вели народната поговорка, иако поминаа над четириесет дена. Само за болката на родителите и блиските нема ден и нема мерка.
Ништо ново, ништо што ќе го изненади народот или ќе ја растресе власта. Исто беше и во социјализмот, уште полошо е во македонскиот суров имитат на капитализмот, каде што одговорноста се забошотува на сто начини. Ништо во таа смисла не е променето и во повеќепартизмот, без оглед која партија била (или е) власт во минатите триесеттина години. Речиси нема разлика и во однесувањето на кој било државен или партиски лидер.
Еднаш имам напишано дека има нешто гнило во земјата македонска.
За повеќе од три децении од осамостојувањето државата не го положи испитот на зрелоста ниту го издржува демократскиот тест на времето. Македонија страда од поставениот политички систем и од луѓето задолжени да го исправаат и спроведуваат. Наместо развој и стабилност, системот сам по себе продуцира низа нејаснотии, развлекување, недоразбирања, конфронтации и конфликтни ситуации. По сите важни прашања. Колку што вината може да се бара и наоѓа во неспособноста на политичките лидери, толку е и влијанието на лошиот, недограден, нејасен и конфликтен политички и општествен, законодавен и извршен систем. Дури и таму кај што е системот јасен, луѓето се трудат да ја заматат водата околу него.
Бегајќи од стариот комунистичко-социјалистички, чувајќи се да не остави наследство од него, Македонија создаде полоша варијанта на систем за државно управување. Изгради брод што не може да најде мирно пристаниште во разбрануваните плитки домашни води и во бурните меѓународни.
Како поинаку да се објаснат проблемите што се влечат со години. Како поинаку да се објаснат ситуациите што триесет и пет години немаме изградено правна држава, што наместо политичарите да се држат до законите, законите се плашат од политичарите. Нема држава во светот што за три децении продуцирала толку многу закони, на кои не може да им се изброи бројот. Закони има, правда нема. Тони потрошена хартија во законодавниот дом, празна слама во судските амбари, какофонија во пресудите.
Речиси за секој закон се даваат десетина толкувања, нема закон што не е противречен на самиот себе и чие спроведување не зависи од она што пишува во него туку од волјата на партиите и нивните главни актери. До скоро беше применувана практиката кога лидерите се договараа како да успеат во еден чевел да влезат три нозе. И од тој чевел крпен во Клубот на пратениците се раѓаа законите, со таков чевел се избираа судиите, обвинителите, од најниско до највисоко.
Како, со кои мотиви може да се објасни фактот што и по триесет години и по децениски поминати собраниски изборни циклуси не е фиксиран изборниот модел и се бара негова измена. Што е во прашање: лошиот модел или желбите на поединците од партиите? Како што е познато, во демократските земји партиите се приспособуваат на моделот, а не моделот според желбите на партиите.
Република Македонија е поле за некултурен напревар меѓу партиите. На мегдан се национални, меѓунационални, идеолошки, меѓупартиски, меѓусемејни, меѓучовечки поделби. Брат брата не рани, ама партијата едниот го храни, другиот го изгладнува. Државата за оние што се на власт е мајка, за оние што не се е маќеа.
Двете најголеми македонски партии, иако се знаат доволно, политичките односи ги претворија во фронт и бојно поле. Нивниот долготраен натпревар во провокации и навреди, на меѓусебната омраза, на штета на националните и на државните интереси, во некои клучни моменти се покажа далеку поопасен елемент одошто намерите на надворешните непријатели. Неолимписката дисциплина „кој ќе плукне подалеку и помрсно“ е омилена од двете страни.
Три децении и едните и другите повикуваат на национално единство, вклучувајќи ги и партиските претседатели на државата, но само како политички слоган, а не како вистинска потреба. Наместо единство, јазот на недоразбирања се проширува, граѓаните ја губат довербата во успешноста на системот и на неговите институции, популарноста на лидерите е на ниско ниво и покрај сите лични фалби за достигнувањата што ги оствариле.
Меѓупартиските нерасчистени сметки, што вистински, што измислени и намерно форсирани, се рак-рана на македонското ткиво, тие се вирусот што го ништи, што не му дава да крене глава македонското општество. Нивниот коалициски партнер, порано ДУИ, сега Влен, мирно ја набљудува ситуацијата, кротко ги решава своите национални, партиски и приватни прашања и проблеми и дипломатски придонесува за постепено бламирање, за намалување на политичката моќ и влијание врз изборното гласачко тело кај двете македонски партии.
Криминалите од „епска големина“ се топат како пролетен снег на Шара. Корупцијата цвета во сите четири годишни времиња, нема зима за неа. Затворите држат ситни криминалци и сиромашни луѓе што не можат да платат адвокати или да подмитат судии и обвинители. Крупните риби од матните води на криминалот никогаш не се оставени на суво. Системот или луѓето во него го овозможуваат сето тоа.
Системот државен е како системот на човечкиот организам. За да биде здраво телото, сите негови делови треба да функционираат нормално и секој дел да си ја врши својата функција. Ако еден систем откаже, сите други го чувствуваат проблемот. Во политичкиот систем не се во прашање само законите и прописите туку и луѓето и ако тие заеднички не придонесуваат, настануваат државни проблеми. Не само административни туку политички и општествени од пошироки димензии. И никој не е виновен. Едните ја префрлаат вината врз другите и така во недоглед. Правта ќе се дигне и набрзина ќе се спушти (како што се спушта и во кочанскиот случај), а најдебелиот крај, по правило, го извлекуваат малите, обични луѓе.