Кој на друг му копа јама…

Повеќето од луѓето кога ќе ја прочитаат поговорката „кој на друг му копа јама сам во неа паѓа“ ќе помислат дека таа е извадена од македонските народни приказни. Ама нема да бидат во право. Оваа прочуена пословица потекнува од древни библиски времиња, ја има на многу јазици во разни култури и народи и на запад и на исток од светот. Во многу стари цивилизации јамата била копана со намена за стапица, било за животни или за непријател. Ако притоа невнимателно се работело, многумина паѓале во сопствената стапица.
Нејзините корени се во Стариот завет од Библијата во псалмот 7, стих 15 (16) кај што стои – „кој јама копа сам во неа паѓа, кој стапица поставува во неа се заплеткува“. Односно, буквално интерпретирано „си копа и ископа јама, и падна во јамата, што ја направи и злобата негова му падна на главата негова, а врз неа и неправдата негова слезе“.
Псалмите се најдолгата книга во Светото писмо. Ги има 116 на број. Тие се песни што се пееле со музичка придружба или, пак, се рецитирале како молитви. Значителен број псалми се напишани од царот Давид, но има и од други автори, како што се Асаф, Мојсеј, Соломон. Песните биле собирани подолго време и заземале важно место во богослужбите на народот на Израел.
Поголем дел од литературните критичари ги вбројуваат псалмите во најубавата духовна поезија на сите времиња. Псалмите се духовни стихови во кои ќе се пронајдете себеси во речиси секојa животна ситуација: „кога сте тажни и кога сте распеани, кога сте изневерени и кога сте сакани, кога сте во цутот на младоста и кога сте во зенитот на староста, кога ве обзема желба за одмазда и кога сте во ситуација да барате прошка, кога ве прогонуваат и кога ви се додворуваат, кога ви се живее и кога ви се умира“ – е сублимираната оцена за високиот поетски досег на овие песни.
Во старата грчка митологија и книжевност, исто така, изреката често се спомнува, а позната е во народните преданија низ Европа и Азија и се користи да се каже дека злото што им го правиме на другите често на крајот нѐ погодува и нас самите. Накусо, поговорката произлегла од потребата да се шири моралната порака дека злобата и лошите намери даваат лош резултат.

Пословицата се темели на универзалната мудрост и човековото искуство, кое укажува дека злонамерните дејства често го погодуваат оној што ќе ги започне. Главната порака е предупредувањето дека злонамерните постапки како што е обидот на другите да им се направи некоја штета често излегуваат на штета врз оној што го презел тоа. Лицето што им прави интриги и сплетки на другите често и самото станува жртва на сопствените интриги. Поговорката укажува на моралната правда при што секое зло дело на крајот бидува казнето, дека постои некој вид космичка правда, која кога–тогаш излегува на виделина. Злото со зло се враќа.
Поговорката се користи во книжевноста кога се сака да се пренесат пораки за совет или за опомена да се одбегнуваат злонамерни постапки и дека негативните последици на злото често се неизбежни. Во народното творештво, во бајки и народни приказни за деца (и за возрасни), често се користи да се пренесе моралната порака за правда. Ликот што се обидува да ги измами или да ги повреди другите на крајот и самиот станува казнет. Луѓето ја користат поговорката како предупредување да не се претерува во плановите бидејќи може да се соочат со лоши последици.
Сите горенаведени морални норми народот ги има срочено само во два–три збора, како на пример „Господ сѐ гледа“, „Господ е голем“.
Мошне позната е уште една библиска фраза што се среќава во Стариот завет, а се споменува до денес. Таа е „око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога, скршеница за скршеница, рана за рана, модринка за модринка“.
Што значи правилото „око за око, заб за заб“, кое за првпат се спомнува во Вавилон во законот на владетелот Хамураби, а запишано е од Мојсеј во книгата „Излез“ и кое сѐ уште е предмет на спротивставени дебати. Некои сметаат дека тие покажуваат дека господ ја одобрува одмаздата, други мислат поинаку.
Како пример Мојсеј ја опишува следнава ситуација. Се степале двајца мажи, едниот ја удрил трудната жена и таа предвреме го родила детето. Што пропишувал божјиот закон во таков случај. Мажот не смеел да ја земе правдата во свои раце. Ако жената и детето преживееле, мажот што ја удрил требало да ја плати оштетата што ќе одреди мажот на удрената жена, но во судска расправа. Ако жената и детето умреле од повредата, истите судии би го осудиле сторителот на делото на смрт. Значи, судиите постапиле според начелото „живот за живот, око за око, заб, за заб“, односно казната била одмерена според тежината на злосторството.

Правилото „око за око“ никому не му го давало правото да спроведе лична одмазда. Тоа им помагало на судиите да одредат соодветна казна, ни престрога, ни преблага. Оттаму е заблуда дека правилото е премногу строго и дека дава основа да се преземаат одмазднички чекори. Во Мојсиевиот закон пишува: „Не се одмаздувај и не биди лут на своите синови и својот народ, не поттикнувај го народот на такви грешки туку верувај му на правниот систем, кој е поставен за да се исправа секоја неправда“.
Така стојат работите во Стариот завет. Во Новиот, Исус на своевиден начин ја исправа погрешната примена на правилото „око за око“. Во Евангелието по Матеј, Исус го кажува следново: „Сте чуле дека било речено: ‘Око за око и заб за заб.’ А Јас пак ви велам: не противете му се на злото; туку, ако некој те плесне по твојот десен образ, сврти му го и другиот. Ако некој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, остави му ја и наметката. Ако некој те принуди да одиш со него една милја, ти оди две со него. Дај му на оној што бара од тебе, и не свртувај се од оној што ти сака на заем“.
На која божја порака, на која филозофска и социолошка теорија му верува и му се приклонува човекот е негов личен избор. Како ќе постапува во животот зависи од него лично и од околностите, се разбира. Дали некому ќе му копа дупка, дали некому ќе му враќа око за око или ќе ги прима нештата на посмирен начин, ќе го врти другиот образ, тешко е да се најде вистинскиот одговор. Луѓе сме, од Бога сме, но никој не е совршен.

[email protected]