Долго време се барав себеси. Не можев да се пронајдам. Се чувствував како глуварче расфрлано од ветерот низ времето и просторот. Светот беше замка што ме демне од непозната димензија, стапица што сака да ми ја улови граматиката на фантазијата за да ми создаде паника како во срцето на тинејџер чии прсти треперат од возбуда пред комплексноста на женски градник спремен за откопчување.
Кој сум јас? Зошто сум сега и тука, а не во мислите на Моника Белучи? Која е смислата на животот? Каква сила ја ткае суштината на мојата приказна, дали патувањето продолжува откако ќе се појави смртта како кулминација на животната рапсодија и кој ги храни китовите што ја носат нашата матична плоча кон границите на бесконечните глупост и вселена? Дали моето битисување е глупост или смислена равенка на математичката вселена за која само некоја нестварна сила побитна од онаа седмата што се доживува за најбитна, ги има во свои раце решенијата? И дали на таа нестварна сила, ако стварно има раце со кои ја диригира музиката на нашата симфонија, понекогаш ѝ застудува, па навлекува плетени ракавици за да си ја стопли смислата?
Ете какви прашања ме измачуваа и ме тераа да се чувствувам изгубено и стуткано во мрачното ќоше на сета оваа комплексна, а нефункционална хармонија. И потоа се појавија социјалните мрежи и ме уловија во својата прегратка. О, радост, о, сатори! По долго плутање по површината на немирните бранови во морето на неодлучноста, социјалните мрежи ме донесоа до пристаништето на сите одговори на прашањата што ме измачуваа. Толкав пат преку минските полиња на духовните учења, филозофските правци и аргументите на агностиката, за конечно,о социјалните мрежи да ми ја донесат смислата на животот врз послужавник, во меката постела на сите наредни будења.
Не дека нема остатоци од паниката. И сега кога ќе се разбудам, онака нерасонет за стварноста, ете ги прашањата: Кој сум јас, зошто сум тука и сега, а не кај Марго Роби во фантазијата? Но сега тоа трае кратко. Со допир на табаните врз паркетот на несигурноста, се фаќам за мобилниот телефон и сурфам кон оазата на социјалната мрежа каде што ме чека спасоносната информација. Требаат само неколку мига да видам со што се занимава јавноста и веднаш го добивам потребниот одговор. Јас сум денеска експерт за економија.
А што друго? Не експерт, јас сум гуру за макроекономија и микробранова енергетика. Само да видам што на оваа тема зборува рајата. А ха, па нормално, тресат зелени. Тоа е тоа наше образование кое произведува кусогледи личности на кои им треба мојата стручна диоптрија, боси се бре луѓето, ама тука се моите обувки со кои ќе им помогнам да ја изодат оваа нерешлива загатка, оти сум врвен економист каков што социјалната мрежа уште не запознала.
Сега ќе ви објаснам, само набрзина да ја прочачкам темата за која се расправате. А ха… Па, да… Океј, Трамп ѝ акна царина на цела планета со тенденција да ги опфати Сончевиот Систем, Млечниот Пат и перифериите на нашата галаксија. Поентата е во когнитивното изедначување на децималите меѓу кратенките БДП и ЛСД, точното компарирање на термините суфицит, дефицит и плебисцит преку кои ја добивате основната вредност што се вади од соодносот на маржите и тарифите на берзата. Ако сето досега наведено го флуктуирате во крајната табела на трансцедентната наноекономија, лесно ќе сфатите како Трамп се обидува, преку новосоздадениот царински сончев систем, да уфрли свои проекции кон чоколадизирање на млечниот ќор-сокак.
Следен ден. Будење. Блага паника, трепет во колената. Кој сум јас? Зошто сум тука и сега, а не во стриповите на Мило Манара како главна машка улога? Чекај, застани! Земи здив! Земи го мобилниот телефон. Влези во социјалниот матрикс. Што има таму? А ха, ВМРО-ДПМНЕ и Левица си маваат ѓонови во цеваници на политичкиот терен. Кој сум јас сега? Левица… десница… централна? Зошто ми се појавува некоја Ена во мислите со која на ист велосипед се возиме низ фантазијата? Полека! Внимателно избирај како да бираш бамји за турлитава? Кој сум јас? Судија? Не! Судија педер, нека ми прости ЛГБТИ-заедницата. Коректор на судијата? Па, нормално! Video assistant referee. Јас сум ВАР. Гасена… негасена… Цигара? Така е, запали цигара, однесувај се како ВАР и живеј во полуавтоматски офсајд до крајот на сезоната.
Тоа е убавината на социјалните мрежи. Диверзити. По нашки, разновидност. Кој сум јас? Вечното прашање. Мрежата ти одговара, можеш да бидеш кој сакаш, битно е да си експерт на темата што како коска ја глода јавноста. Зошто сум тука? Уште едно прашање суштинско за битисувањето. За да им објасниш на овие неуките што е вистината. Совршено! Веќе никогаш нема да талкам низ равенките што досега ми ги сервираше стварноста. Јас сум на социјалната мрежа и секако сум експерт на темата што ја измачува јавноста.
Долго време се барав себеси, ама би светлина и мене ме пронајде мрежата, па во неа знам кој сум, што сум, зошто сум, секогаш различен, но истовремено ист, експерт за сите прашања. Денес сум десничар, сакам да ги конзервирам вредностите на мојата нација. Само каде, по ѓаволите, го ставив отворачот за конзерви? А да, левичарите им го дадоа на Грците и сега тие ќе ја сркаат нашата суштина.
Утре ќе се разбудам, мала паника, фати се за телефон и, ете чудо, јас сум левичар. Во крвта ми зоврива праведна револуција, некогаш црвена, некогаш портокалова, битно шарена во гневот, кој секако исцрпува, крвта врие, но телото ослабнува, треба да се нахранам со децата на секој што различно размислува, ама и кога тоа не го удоволува гладот, тука се и сопствените деца кои застранија од зацртаната линија. Така е, линија… Јас сум прогресивна авангарда, одгледувана како црвена буржоазија и на „малиот човек што сака преку црта“ ќе му акнам две воспитни за да му покажам кој е кој, а каде нему му е границата. А граница нема во бескрајните можности на мрежата, каде што јас, верувајте ми, имам одговори на сите прашања. Оти сум верник, религијата ми е традиција, бацувам икони и плукам на ѓаволот сместен во очите на сите што ме гледаат попреку. Нели така учи христијанството? Не, а? Е па, не ми одговара, гледам дека атеизмот сега има логика. И онака сите попови возат џипови. Затоа отсекогаш сум ѝ верувал само на науката, стојам пред неа како мајмун пред монолит и се бустам со сите нејзини препораки за доброто на мојата иднина, а не како оној ненормален Русјаков што сè уште се прашува кој, по ѓаволите, ги храни китовите што ја носат нашата матична плоча кон границите на бесконечните глупост и вселена?