Има три универзални погрдни називи за луѓе што отстапуваат од некои одредени општествени норми. Тоа се зборовите хулиган(и), варвар(и) и вандал(и). Тие зборови најчесто се употребуваат при улични протести, при инциденти на навивачи на спортски натпревари, при пресметки на маалски банди и во други ситуации проследени со нарушување на воспоставениот вообичаен јавен ред. Трите именувања немаат исто значење и затоа може да внесат забуна, да им се даде или погрешна примена или погрешна намена. Како што понекогаш им се дава од незнаење и без причина.
Според нашиот Речник, хулиган е некој што е насилник или криминалец. И толку. Нема да најдете што значи изведенката „хулиганство“, а заслужува пошироко објаснување. Хулиганство е термин со кој се опишува однесување со кое се кршат правилата на општествените норми, бонтонот и законите, односно тоа е термин за означување општо деструктивно однесување. Терминот не е случаен. Го добил името по некој насилен Ирец што направил некаков инцидент, а се презивал Хулиган. Според тоа презиме Британците, кон крајот на 19 век, почнале да ги именуваат уличните банди што ја малтретирале околината. Оттогаш таквите банди речиси насекаде на светот го носат тоа „име“, хулиганството е нивниот заштитен знак.
Во светот, изразот хулигани денес најчесто се поврзува со групи спортски навивачи што се одликуваат со агресивно и насилно однесување, групи што уништуваат спортски објекти, автобуси и возови со кои патуваат, а пред или по натпреварот организираат намерни масовни тепачки. Таквите хулигани се насилници, но никој и никаде не ги подведува под графата – криминалци. Дури, во некои градови тие се редовен дозволен „фолклор“, пред некој важен или дерби-натпревар.
Зборот „варвар(и)“ има далеку, далеку постара историја. За Старите Грци варвари биле сите што слабо или никако не го знаеле грчкиот јазик, а со истото име ги ословувале другите народи што ги сметале за подолни од нив. Римјаните ги именувале варвари сите оние што не биле образовани, што биле прости, немиени, небричени, неизделкани. Денеска терминот насекаде се користи за луѓе што не се вклопуваат во општеството или во некое друштво, луѓе што се однесуваат некултурно, грубо, како дивјаци, суровици по наше речено. Како што има машки род – варвар, така има и женски – варварки, какви што запаметила историјата неколку познати царици. Како што има личности така низ историјата имало и цели народи и кралства што го носеле епитетот – варвари. За такви биле сметани Хуните, Франците, Германите, Словените, Аварите, Бугарите и некои други народи или племиња.
Според Речникот, вандал е „човек наклонет кон уништување, особено на културни вредности“. А вандализам, во најгрубата форма, е непримерно и дивјачко уништување на цивилизациски придобивки, на културни вредности, на свети места, на уметнички дела и други човечки достигнувања. Во поширока смисла е израз со кој се опишува нагрдување, оштетување или уништување на нечиј туѓ предмет или објект, како што се споменици, гробници, натписи и слично.
Вандализмот може да има религиски, идеолошки или политички мотиви. Вандализмот е мошне карактеристичен при војни кога едната страна се труди да им ги урне сите материјални и духовни добра на другата, кога еден народ сака да му ја разори историјата на друг народ. Изразот „вандализам“ е француски, првпат бил запишан кон крајот на 18 век кога некој бискуп го опишувал уништувањето на објектите на Римокатоличката црква од страна на француските револуционери. Но иако оригиналот е француски, неговите траги досегаат далеку во историјата, речиси од самиот нејзин почеток. Потеклото му е француско, но корените им се припишуваат на Вандалите.
Кои биле Вандалите? Иако за тој народ нема речиси никакви зачувани пишани документи, ниту остатоци од каква било градба или спомен од тие дамни времиња, постојат неколку теории кои биле и од каде биле. Според едни истражувачи, тоа било германско-готско племе, според други, живееле во Скандинавија (Норвешка, Данска), а според трети, руските предели покрај реката Дон се нивната прататковина. Сепак, во неколку работи се согласуваат повеќето научници. Имено, дека Вандалите биле голем, добро организиран воинствен народ, дека уште од третиот век пред новата ера успешно војувале со Римјаните и дека полека–полека од север се движеле кон југот на Европа. За време на големата преселба на народите, во 5 и 6 век од новата ера, стигнале до Шпанија на запад, а го поминале Дунав на исток.
Најсилен и разурнувачки поход извршиле врз Рим во 455 година кога десетина дена ограбувале, пустошеле, уривале и ги ништеле сите вредни културно-историски споменици и уметнички дела, објекти и дела по кои Римското Царство било познато во тогашниот свет. Нецел век подоцна воделе војни со силната Византија. Вандалското царство го уништил византискиот цар Јустинијан, оној Јустинијан за кого некои научници веруваат дека е роден некаде во Скопско, денешна Македонија. Оттогаш на Вандалите како народ им се губи секаква трага, но неславното име остана запаметено во историјата низ изразите – вандали, вандалство, вандализам, вандалски постапки.
За нас Македонците, една од поинтересните теории е дека Вандалите не биле тевтонско-германски народ, туку, всушност, биле Словени, односно дека Вандалите и Словените биле еден ист народ, најстариот народ од кој подоцна настанале сите народи на Европа. Тие историчари (или квазиисторичари) ги поткрепуваат таквите тези со фактот што Вандалите низ времето имале различни имиња: Вандали, Венеди, Венди, Венети, Вали, Словени, па дури и Срби. Има една друга, не словенска, туку античка легенда, која кажува дека Вандалите биле пријатели и тесно соработувале со Македонците уште од времето на Аминта Трети, таткото на Филип Втори. Колку во тие тврдења има вистини, никој не докажал точно и уверливо.
Денеска и во модерниот свет вандализмот генерално, по правило се смета за негативна појава. Но во некои подемократски средини некои негови манифестации се сметаат за прифатливи, како израз на слободоумие, како демократска придобивка, особено ако преку него се напаѓаат симболи на некоја неприфатлива идеологија, ако низ разни ненасилни форми се нагрдуваат или се карикираат споменици на диктаторски и корумпирани режими.
Во таа смисла во некои општества тој вид вандализам се третира како нова „автентична, модерна култура“, како протестирачко движење, кое само по себе претставува нов вид уметност, уметничко создавање. Сепак, поголемиот број држави го забрануваат вандализмот со закон, односно таквите дела ги третираат како прекршочни или кривични и определуваат соодветни казни, некогаш строги, но во поголем дел симболични или условни.