Кога туристичките работници ќе замолчат, тишината силно одекнува!

Оваа година ќе се карактеризира со поголем број турски гости, а сѐ друго ќе биде во границите на просечноста односно 2-3 отсто повеќе или исто како претходната година. Домашните туристи и остварените ноќевања ќе бележат опаѓање, што можеше да се спречи со воведување на системот за субвенционирање домашни туроператори и домашни гости усвоен во 2023 година. Очигледно е потребно да му се одговори на туристичкиот сектор зошто не е имплементиран системот за субвенционирање домашни туристи од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот!?

За да можеме да оцените една туристичка сезона, туристичките трендови во дестинацијата, перцепцијата, структурата на туристите и сѐ што е сработено во претходната година на ова поле во Македонија нема потреба да ги испратиме сите празници и продолжени викенди бидејќи за експертите во оваа индустрија сѐ е јасно. Сезона во која имаме повеќе откажувања на долгогодишни стратегиски интернационални туроператори со холандски туристи, кои во дестинацијата оперираа со пет-шест чартер-лета неделно и седумдневни аранжмани, полски туристи што летаа со два-три чартери во сезона и седумдневни аранжмани, намалени операции на туроператори, кои веќе втора година имаат намален интерес за Македонија, до пренасочување на дестинацијата само за едно или дводневни кружни патувања! Сезона во која поради големиот број на кружни тури на ден или два во нашите туристички места ќе имаме максимален притисок на дестинациите, и тоа:
– Зголемен ризик за животната средина, сервисирање на комуналниот отпад, управување со депониите, застарена инфраструктура поради неможноста во високите пикови во сезоналноста;
– Работен притисок врз вработените, пад на услугата и нивна висока флуктуација надвор од државата;
– Зголемен процент на сива економија поради недостиг од туристичка инспекција и дигитализација на туристичката индустрија.
Ова се само дел од импликациите што ќе се случуваат во туристичкиот сектор, а ќе се снаоѓа секој како знае и умее тешејќи се дека оваа сезона ќе имаме повеќе туристи од лани. Генерално ќе имаме квантитет на туристи со раст од 6-8 отсто и драстично помал раст во ноќевањата од 2-3 отсто, намален просечен престој на туристите во дестинацијата со намалена вонпансионска потрошувачка, која е еден од најзначајните фактори на локалниот економски развој во одредена дестинација. Оваа година ќе се карактеризира со поголем број турски гости, а сѐ друго ќе биде во границите на просечноста односно 2-3 отсто повеќе или исто како претходната година.

Домашните туристи и остварените ноќевања ќе бележат опаѓање што можеше да се спречи со воведување на системот за субвенционирање домашни туроператори и домашни гости усвоен во 2023 година. Очигледно е потребно да му се одговори на туристичкиот сектор зошто не е имплементиран системот за субвенционирање домашни туристи од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот!?
За да летаме до голем број дестинации ќе ги користиме аеродромите во Тирана и Приштина, на кои очигледно нема да можеме да им се приближиме во нивниот раст во следните пет години.
Многу прашања на кои треба да се одговори и од Министерството за култура и туризам, кое сѐ уште не може да го фати ритамот во туризмот со преземени ингеренции од другите министерства и градење на македонскиот туристички сектор:
– Инвестиции во туристичката индустрија
– Валоризација и приспособување на археолошките локалитети за туристички посети
– Создавање долгорочна стратегија
– Потстратегии за развој на најзначајните туристички форми што можат да се развијат во следните пет години
– Интегриран пристап во промоцијата и брендирањето на Македонија како туристичка дестинација
– Комисија за категоризација на сместувачките објекти и ресторани
– Создавање туристичка инспекција и туристичка полиција
– Продолжување на процесот на дигитализација
– Нов закон за туристичка дејност
– Трансформација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во национална туристичка организација
– Развој на туристичката дипломатија
Ова се дел од предизвиците што очигледно не можат да бидат реализирани без да се создадат силни институции при Министерството за култура и туризам потпомогнати од домашните експерти, туристичките комори и научната фела во туризмот. Сѐ дотогаш ќе ловиме во матно од туристите што ќе се прелеваат од Албанија и Србија, заковани на дното по резултатите во туризмот споредено со регионалните земји. Тоа може да се погледне и од последните проекции за растот на бруто-домашниот производ (БДП), каде што стабилно го заземаме последното место без знаци на подобрување. Туризмот е македонската можност во следните пет години многу брзо да ја раздвижи економијата со зголемен удел во БДП, но за да се случи тоа се потребни вистински луѓе на позициите и стратегиски пристап, кој во моментов недостига. Туризмот не треба да биде скапа играчка во рацете на мало дете или можност да се пропатува светот на државна сметка, а дали е тоа така – оставам сами да донесете заклучок.
Македонија мора напред!

Доц. д-р Љупчо Јаневски, Универзитет „Скопје“