Зборот празник во себе содржи и еволутивна состојба. На пример, празник е кога дузина нордистанци еволуираат во циганоскопјанос, а другите им се лутат затоа што не можат да си го дозволат тоа, па се чувствуваат како изгубениот линк на еволуцијата. Но, секој може да еволуира во што сака, ова се модерни времиња и ако денес се чувствуваш како маж, веќе утре може да си чучулига, додека не дојде празник, па од нордистанец еволуираш во циганоскопјанос, но ако случајно се фатиш пожестоко за чашката, те мава некој чуден наплив и ти се престоруваш во опасен Македонец што жестоко мава тупаница од маса и гласно вели, ма кој ги онади сите, може да ме викаат како сакаат, јас длабоко во себе знам кој сум и што сум.
Чучулига?
Не сери, Русјаков!
Ми се мрчи, извинете, не мора да се бавите со оваа намќор-колумна, сигурно ќе ви збоктиса, мрчендајзинг ми е денов. А ден како ден, релативна работа. Вам ви е сабота, а мене петок. Како што порано на 2 мај славевме 1 мај. Така е тоа со времето. Апстрактна заебанција исто како сисссст… Да, време е килава работа и наскоро ќе го мериме поинаку.
Кога ја мажевте ќерката?
Пред три интерпелации на Тошковски.
Барем ќе звучиме како сајберпанк-приказна. Океј сум јас со интерпелации, исто како и со чучулиги, може кој сака, колку сака да интерпелира, само ако може да се намали со хистерија и омраза, тоа ми прави гадни флешбекови и ме враќа во едни рашлакани презерватив-времиња наречени шарена револуција кога еволуцијата потфрли, па интелектуалната бижутерија еволуираше во шуто и рогато.
А не дека не ги разбирам гневот и нервозата, ама логиката вели дека она времето постојано е во модни трендови и сака да менува гардероба што некој ги нарекува циклуси, па денес живееме вакви, утре такви, а веќе задутре, пу, пу, едни никакви времиња. Е па, поминаа оние нирвана-времиња на Оливер Спасовски кога сите живееја во шамбала, а секоја негова реакција за нордистанците стануваше сатори, кога времето беше хармонија, а просторот рајска градина. Ама не може така постојано, не може секогаш кога нешто за миг ќе те извади од хармонија, само да го опцуеш кабелот и да се вратиш во нирваната, мора да дојдат и нервозни времиња како овие сега кога Тошковски сака да го исфрли нордистанецот од рајската градина на шамбалата.
Пред една недела појдов од Карпош 2 накај Центар да платам кирија. Ми се погоди четири пати да ја префрлам Партизанска. Прво да ја извадам од банкомат киријата, па да се вратам на мојата страна од булеварот, а потоа на враќање, да видам што ново не можам да си купам од книжарница, оти, нели, се испразни картичката и одново да се вратам на својата страна од приказната. На секој пешачки премин, најмалку тројца поминаа на црвено, автомобили нагло кочеа и нервозно свиреа и мене ми беше јасно, овие луѓе, толку ги има изгазено системот што ни лево ни десно не гледаат, туку одат само право против тој систем, а оној Тошковски редно време е да јаде интерпелација. Додуша опоменав една тетка, ама ми фрли страшен поглед како мисис Робинсон што го погледна Бенџамин откривајќи дека овој се мува и со ќерка ѝ Илејн и засрамен ја наведнав главата. Потоа светна зелено, јас како полтрон на системот тргнав преку пешачкиот и додека стигнав на другата страна, двапати ќе ме згазеа ликови на мотори кои не возеа брзо (преку пешачки), туку се бореа против систем на кој јас робувам.
Е браво бе, Русјаков, за да го оправдаш системот, го нападна народот.
Не знам, така е, ако така ви се чини, жими Пирандело. Во мојот ум полн стихови и изопачени приказни, тој систем секогаш бил неоправдано отсутен, повеќе ме интересираше мојата вселена составена од крикови и воздишки, отколку „фак д систем“ флоскули. А можеби и сакам, не да го оправдам, туку да го гушнам системот, оти ме маваат фрустрации. Како дете на сиромашни родители, имав стар касетофон што ми ги џвакаше касетите, кога сите мои другари си добија музички столбови(???), кои ние ги нарекувавме системи. А-ха, систем беше она прекрасно чудо со дупли касеташ, радио, „појачало“, грамофон, простор за плочи и стаклена врата на која, залепен за неа, оставав траги од мојот вознемирен здив, бидејќи само јас не можам да ја имам таа совршена играчка.
Се заебаваш, а Русјаков?
Јок бре, мрчам. Време е да им се изнамрчам на вмровците што ги гласав. Поточно, на режимот на ДПМНЕ. Така е модерно да се кажува. Кога вмровците се на власт, тогаш тоа е режимот на ДПМНЕ. Овие претходните беа, онака нежничко нарекувани, тендер-коалицијата на СДСМ/ДУИ. Ако некогаш дојдат и Левица на власт, тогаш ќе биде демократија… во нивни редови, оти марксисти, ленинисти, троцкисти, сталинисти, маоисти, енверисти, титоисти и други фракции меѓу кои ќе можеш да си ја избереш вистинската.
Значи да им се изнамрчам за крај на вмровците. Бесмислен ми е оној муабет дека системот мора да се оправи, оти секаде е навлезена корупција. Кога системот ги џвака касетите, не може да се оправи ако ја избришете прашината од стаклената вратичка. Најпрво мора да се почне од суштината. А тоа е специјалната војна против Македонија, која почна на 27 април 2014 година, а заврши на 27 април 2017, кога беше извршено терористичко загрозување на уставниот поредок преку нелегитимен избор на претседател на Собрание. Плус беше составено неуставно СЈО со цел вршење политички притисок и уцени на политичари за да гласаат промена на име, а во полициско-политички монтиран процес беа осудени невини луѓе на драконски казни за да се внесе страв во коски кај народот од иста причина, промена на име, за на крајот тоа име да се промени преку нацистички договор во кој Македонија е ставена во подредена положба на друга држава. И како кулминација на организираниот криминал и злосторничкото здружување, волјата на мнозинскиот народ изразена на референдум беше поништена, а во Собрание, уценети и амнестирани пратеници обезбедија мнозинство за потврдување на идентитетскиот геноцид. Да не споменувам дека за сето време во игра беа незаконски набавени прислушувани муабети со кои се тргуваше на пазарот на безумноста. Сè додека не се процесираат овие случаи, а невините не се ослободат, сите муабети за нефункционалност на системот и негово оправање се бесмислени.