Кога професорите ќе замолчат

Во познатиот роман „Приказната на слугинката“ (кај нас попознат поради ТВ-серијата), авторката Маргарет Атвуд на едно место ќе напише: „Тоа се случи кога рекоа дека уставот се суспендира. Рекоа дека тоа е само привремено. Дури немаше ни протести на улиците. Луѓето останаа дома преку ноќта, гледајќи телевизија, барајќи некакви насоки“. Поентата е дека диктатурата доаѓа речиси нечујно, без фанфари. Ненормалното се нормализира, лудостите и криминалот се легализираат, лажните пророци стануваат сè помоќни властодршци, сила за отпор и дисиденти речиси и да нема. Чудовишните работи стануваат секојдневие. Сите се во исчекување сè да се среди само од себе. Други одбираат ескапизам (бегство од стварноста) низ забава, спорт, обложување, опивање и слично. Трети заземаат страна, онаа помоќната, со надеж дека можеби дошле нивните пет минути. Или едноставно стануваат тивки, тивки, што и здивот си го воздржуваат од страв да не бидат посочени како непослушни, политички некоректни или нешто полошо. За кетманизмот на македонските интелектуалци (и особено професори) сум пишувала повеќе пати и нема да се повторувам. Впрочем, феноменот што толку брилијантно го опиша нобеловецот Чеслав Милош во „Заробениот ум“ не е карактеристичен само за ова општество. Но ако неговата инспирација потекнувала од оној бившиот (сталинистички) режим, сега материјалот за анализа се збогатува катадневно во услови на божем либерален систем или дури и во оние општества што себеси се сметаат за „вистински демократии“. Само што немаме нови Милоши да го опишат сето тоа. Во нашиот локален речник (благодарение на една брилијантна колумна на Игор Радев) се служиме со синтагмата за „кафеавите сахиби“ (прислужници на службите, обично оние однадвор ама и домашните, бидејќи за хиерархија станува збор). Компрадорската елита е составена од медиокритети (салијеризмот не го убил само Моцарт туку и сè што отскокнува од просекот на неталентирано, лакомо, амоициозно, бескрупулозно, а желно величие). И сега дали кажав нешто ново, нешто што не го знаевте? Се разбира дека сето ова е само кусо кроки на времето во кое не живееме. Ние едноставно тивко умираме – духовно, интелектуално, елементарно човечки и етички.
Во ова мрачно време (а по распарчувањето на Сирија сме уште поблиску до амбисот) некогаш е тешко да најдеш мотивација за битка, ако сè изгледа загубено. Можеби тоа е и добар изговор за лична капитулација: па што да правам и онака ништо не вреди, сè отишло по ѓаволите? Еве, токму во ваков миг ме поканија да станам член на една група на извонредни и храбри јавни интелектуалци и професори што се здружени под името колектив „Не за студената војна“. Виџеј Прашад е неформалниот интелектуален двигател на оваа група од околу петнаесетина луѓе буквално од целиот свет. Така, кога се случува нешто, имаме размена буквално од терен, од самото место. За време на еден од нашите состаноци, колегата од Пакистан нè информираше за протестите за ослободување на Имран Кан и бруталниот полициски одговор на властите.

Не мина долго, а колегата од Сеул, почна со „пренос во живо“ од случувањата во Јужна Кореја (обидот на корумпираниот претседател да воведе воена управа). Разменуваме не само информации туку заеднички размислуваме зошто нешто се случува и како можеме ние да помогнеме со мобилизација или артикулација на некоја спасоносна идеја. Накусо, можеби личиме на дон кихоти, ама кога сме заедно знаеме дека не сме сами – и знаеме дека сме нормални среде ненормален свет. Сепак, битката на корејските граѓани во одбрана на демократијата од милитаристичкиот и расипан режим го спречи претседателот да им ги задуши слободите. Тоа е мал, ама значаен повод за надеж дека „отпорот не е залуден“ (како што викаат Борговите). Се мобилизираме низ светот со видеопораки на поддршка, која колку и да е симболична, на луѓето што смрзнуваат пред зградата на парламентот им е зрак во ноќта кога им го суспендираа уставот (Атвуд).
За жал, на некаков бизарен начин и јас станав „случај“ околу кој сега се собира солидарна поддршка од разни страни на светот. Можеби претерав со предизвикувањето на судбината во овој сталинистички НАТОленд кога наспроти сè организирав (со помош на неколку колеги и многу граѓани со ситни донации) конференција каква што во Скопје не смееше да има. На оние богатите кога ќе им побаравме спонзорство им се креваше косата на главата, па затоа тргнавме одоздола нагоре, од обичниот човек, кој имаше повеќе разбирање за значењето на таа средба од оние божем умните и учените. За тоа и ја напишав онаа колумна „Се срамам, но ви благодарам“. Но малку ми беше тоа, па заминав на три еретички конференции во земјите што овде ги нарекуваат непријателски (двапати во Кина и еднаш во Русија). И тоа ја прелеа чашата кај оние што ме толерираа. Најсмешниот детаљ на еден мал (не по раст, туку инаку) „Наполеон“ е што покажа сила, тренираше строгоќа и покажа пример за ум на другите со тоа што ме разреши од неплатена (симболична) позиција на раководител на Центарот за глобални промени. Да не е трагично, би било смешно. Сега како Сократ чекам што ќе измислат во диспозитивот на одлуката, но знам дека веќе се служат со клевети. И овие кафени сахиби немаат друг начин, освен да измислат нешто поврзано со финансирање (чудна е таа саморефлексија) и да ве симнат во калта да се валкате со нив. Она што ме изненади во целата работа беа реакцијата и зборовите на странските колеги. Не, не зборувам за топлите зборови на поддршка, туку споделувањето и на нивните лични слични искуства. За да припаѓаш на групата луѓе што не се кријат во тишината и топлината на толпата треба да имаш храброст да заслужиш да те внесат во клубот на непожелните. Како што вели мојот германски колега Клеменс Хутчел, понекогаш имам впечаток дека е чест да примаш признанија во вид на казни за она што го чиниш со добра кауза. Фрапантното е што во западниот свет денес има повеќе замолчени, па и казнети, професори, интелектуалци и новинари отколку во незападниот.

Неодамна снимав поткаст со активист од Холандија. Беше вџашен дека носам на себе кефија (палестинска шамија). Ми рече дека ако така се појавам на улица во неговата земја, ќе бидам приведена од полиција како радикален елемент. Го знаев тоа. Моите колеги во Германија губат работа поради кефијата. Во овој свет (поточно неговиот западен дел), мирот и соработката се табу-тема, надминувањето на невидливите ама високи геополитички граници (меѓу нас, Западот, и тие надвор од градината на Борел) е најголем грев што може да го сторите.
Но во сето искуство што се прекршува на грбот на оние што не молчат пред вистината и трагедијата на нашето време носи нешто што исполнува: тоа е доказ дека не успеале да ги убијат (симболички)! Дека не можат да бидат игнорирани! Штом стасуваат „задачки“ некому да му се скине главата, тоа само зборува дека преземената акција била гласна и убедлива, била и субверзивна кон оние што го чуваат статус квото во жабурникот полн со крокодили. Не е време за изигрување жртва, ниту за самосожалување. Не, не! Ова е време на борба. Во духот на онаа изрека на стариот Мао: „Сè под небото е во целосен хаос; ситуацијата е одлична“. Секој што постапува според научната и личната совест и морал нема право на жалење; напротив, субверзивните мисли и идеи за инаков светски поредок, за демилитаризација (меѓу другото и на академската заедница и научната мисла), за соработка и дијалог и со оној со кого не сосема се согласуваш – сето тоа е единствен начин науката да добие смисла. Особено кога станува збор за општествените и хуманистичките науки. Нашето „вјерују“, без оглед на цената што ќе се плати, гласи: зборувај ја вистината и кога гласот ти трепери, зборувај им на моќните в лице со дигната глава, бори се за правдата за твојот народ, ама уште повеќе за оние што страдаат, а што ти ги прикажуваат како непријатели. Не заборавај ги децата во Газа, Либија, Либан и во Сирија. Учи од примерот на корејските граѓани (оние во Тбилиси простете нешто ми се познати и им го знам сценариото). Води дијалог, разговарај за она за што другите молчат и кажи им дека светот не само што не почнал туку нема ни да заврши со рефренот за НАТО и ЕУ. Грамши зборуваше за време на монструми среде премин од еден во друг систем – и уште е во право. Но некој треба да се спротивстави. Кој, ако не интелектуалците? Сѐ друго е бижутерија и фолклор.