Психолошка и духовна димензија на заздравувањето
Кога во јавноста се зборува за насилство врз жени, вниманието најчесто се насочува кон самиот настан. Се отвораат правни постапки, институциите реагираат, а општеството бара правда. Тоа е неопходно. Без правна заштита нема вистинска безбедност. Но ако насилството престане, тоа не значи дека страдањето завршило.
Кога една жена преживува насилство, повредата не се случува само во конкретниот настан. Таа остава траги во начинот на кој телото реагира, во чувствата што се појавуваат и во односите што подоцна се градат со другите луѓе. Психотерапијата сведочи дека траумата се впишува во организмот. Телото учи да биде будно како опасноста сè уште да е блиску. Дишењето станува плитко, мускулите се напнати, а вниманието постојано бара знаци на закана. Жената можеби повеќе не живее со насилникот, но во нејзиното тело продолжува да живее искуството на страв и небезбедност. Од психолошка перспектива, насилството ја нарушува и основната структура на довербата. Она што требало да биде однос на љубов и сигурност станало извор на страв.
Присутни се и други непријатни чувства. Едно од најдлабоките е срамот. Многу жени што трпеле насилство се чувствуваат „скршени“, „обележани“ или „недостојни“. Срамот ги замолчува и може да се повлечат од социјалните контакти. Покрај срамот често се јавува и чувство на вина. Иако рационално знаат дека не се одговорни за насилството, многу жени се прашуваат дали можеле нешто да направат поинаку. Овие прашања можат долго да го оптоваруваат внатрешниот свет на жената што се соочила со насилство.
Понекогаш траумата се изразува и преку односот кон сопственото тело. Телото
што било место на страв и понижување може да стане извор на одбивност или
дистанца. Некои жени што се соочиле со насилство зборуваат дека се чувствуваат отуѓени од сопственото тело, како да не им припаѓа целосно. Во православната вера, телото има голема вредност. Апостол Павле пишува дека телото е храм на Светиот Дух (1 Кор. 6,19-20). Оваа мисла не се однесува само на морална поука. Таа потсетува дека телото има достоинство и вредност. Кога телото на жената е повредено и понижено, повредено е и тоа достоинство. Поради тоа заздравувањето има и духовна димензија. Не станува збор само за тоа жената што се соочила со насилство да се ослободи од стравот, туку и повторно да ги открие сопствената вредност и достоинство.
Оттука, духовната и психотерапевтската поддршка на жени што се соочиле со насилство бара голема чувствителност. Добронамерните утешни реченици понекогаш можат да звучат како дополнителен товар. Така, на пример, речениците: „Бог знае зошто се случило“; „Сè има своја причина“; „Треба да простиш и да продолжиш понатаму“; „Биди силна“; „Обиди се да не мислиш на тоа“… често се изговараат со добра намера. Но за жена што носи траума тие можат да звучат како порака дека нејзината болка не е доволно разбрана. Наместо тоа, многу повеќе помагаат едноставни и искрени зборови: „Жал ми е што си го поминала тоа“; „Твојата болка е разбирлива“; „Тука сум за тебе“; „Не си сама“; „Тоа што се случило не ја одредува твојата вредност“.
Сепак, најголемата утеха не доаѓа од зборовите, туку од присуството на некој
што слуша без осудување и етикетирање, без брзање да даде решение и со признавање на страдањето. Тука се допираат психотерапијата и духовното искуство на Црквата. И двете сведочат дека човекот заздравува во однос. Траумата се раѓа во нарушен однос, а закрепнувањето започнува кога жената што се соочила со насилство повторно ќе почувствува сигурност, доверба и почитување во здрав однос.
Заздравувањето е долг процес. Понекогаш се движи напред, понекогаш се враќа чекор назад. Потребно е време телото да се смири, срцето повторно да се отвори, а довербата повторно да се изгради. Во терапевтската работа тоа значи постепено враќање на чувството за сигурност во сопственото тело и во односите со другите. Жената што се соочила со насилство учи повторно да ги препознава своите чувства, да ги поставува своите граници и да му верува на сопственото искуство.
Во духовната перспектива овој пат има уште една важна димензија. Православната вера сведочи дека Бог не стои настрана од човечката болка. Христос самиот поминува низ неправда, понижување и страдање. Тоа сведоштво ја носи пораката дека човекот не е оставен сам во својата рана.
Д-р Анета Јовковска
Авторката е вонредна професорка на Православниот богословски факултет во Скопје и гешталт-терапевтка
































