Луѓето како мене што никогаш не спијат или спијат многу малку, во согласност со соодносот со тоа колку се активни во будноста, се многу чудна сорта луѓе. Имено, ние сенешто размислуваме додека другите спијат и сонуваат за подобро утре. Ние, како да го обмислуваме животот, кој речиси никогаш нема да биде така изживеан утре, како додека го обмислуваме ноќва. Одамна сфатив дека нема да го разберам светот, ил животот, ил ако сакате неговата смисла, неговиот бит. Одамна сфатив и дека тоа нема да ме искачи погоре во социјалните скалила на успехот бидејќи сум бавен, бидејќи додека јас ги обмислувам длабоките феномени на сопственото постоење и кратам од сопствениот сон, некој друг што ниту ги разбира ниту пак сака да ги разбере тие длабочини, ете, на некој необјаснив начин веќе ги живее или им ја цица плодноста…
Одамна сфатив дека животот треба едноставно да се живее „сега и овде“ и тоа одма, инстинктивно, интуитивно, рефлексивно и автоматски, оти нема време, едноставно нема време. Но одамна сфатив и нешто друго, ја сфатив разликата меѓу квалитет и квантитет мерени според општите принципи на срaзмерната добивка, а не врз основа на она врз чија база денес сѐ се мери – квантитетот… повеќе пари, повеќе успех, повеќе слава, повеќе пријатели, повеќе сѐ! Уште од мал на некој, за тоа време, несразмерен начин, умеев да ја забележувам таа имплицитна разлика, која ретко кога се гледаше, бидејќи одамна овој свет се мери според квантитетот… На пример, никогаш не можев да прифатам една вистина што денес и научно ја спознав и разнебитив, дека луѓето мора да спијат од седум до девет часа за да функционираат оптимално. Никогаш не спиев и не спијам толку, освен по 11-те месеци професионално согорување и веднаш потоа пак се враќам на мојата нормала…
Исто така, никогаш не сфатив зошто луѓето што заработуваа повеќе се сметаа во социјалното опкружување како поуспешни… Никогаш не сакав сопствениот успех да го мерам според тоа колку заработувам наспроти други професии, кои можеби во очите на луѓето не изгледаа достоинствени како мојата. Ако ги гледав нештата така, денес ќе се лекував во некој санаториум, бидејќи не ќе можев да сфатам како еден мајстор (со должна почит кон сите занаети, не спомнувам посебни занимања) што завршил три години средно и учел две години калфа/чирак кај некого денес заработува повеќе од еден академски професор или еден врвен уметник итн. во недоглед.
Отсекогаш мислев и тврдев, а и денес исто мислам, дека квантитетот не смее да биде мерата на споредување, бидејќи, за мене, секогаш постоеја и други аршини за мера, на пример, дека моите раце не се извалкани, дека јас работам со умот и срцето, дека се движам во поинтелигентен и покултивиран круг на луѓе, иако, се разбира и во тие кругови има и ќе има вистински црепови од луѓе и обратно… Исто така, не можев да сфатам зошто повеќето луѓе мислат дека оние што прошетале повеќе краишта на светот се многу побогати од оние што виделе нешто, но ни оддалеку толку како првите… Едноставно не можев и не сакав да прифатам дека ако во квантитет виделе 58 земји од светот, тоа ги прави помудри од другите, доколку, како во многу случаи, воопшто и не го доживеале тоа вистински, автентично, квалитетно… Познавам луѓе, меѓу кои сум и самиот, кои не се толку многу прошетани во согласност со годините, но она што го виделе го разбрале на некој свој начин и извадиле некоја поука од тоа… Имате еден куп луѓе во нашата убава Македонија што не виделе ни десетина од градовите, а камоли селата во својата земја, па везден негде патуваат по светот, ама кога ќе видите што сликаат ќе сфатите дека ништо не разбрале од нивните патувања… Не треба и не мора никаде далеку да отидете за да се збогатите. Ене, појдете до првата планина, некое забито село или каде било каде што можете и препуштете се на приказната што се вика квалитет и феноменологија, доживување и ќе бидете побогати…
Исто така, не можев, а и денес не можам да разберам колку тоа може да биде вистина дека ако живееш во многу поголем стан од доволниот за живот ти си сметан за голем среќник и имашник?! Никогаш не успеав да сфатам која е таа грандиозна разлика во стан од 70 и стан од 100 квадратни метри?! Од што толку паѓаме во несвест околу тоа дека некој живеел во стан со три спални и четири вециња?! Некогаш дури се прашував како успева да спие во сите спални или да мокри во толку многу вециња?! И која е разликата ако имаш пари да купиш пет пива или педесет?! Ќе ги испиеш сите и тогаш ќе бидеш посреќен?! Простете ама мене тоа ми е длабоко тажно, декадентно и бесмислено…
Низ животот почнав да узнавам што значи да бидеш прагматичен, не скромен, прагматичен. Што значи тоа?! Да бидеш скромен значи да се задоволиш понекогаш и со најмалку неопходното што ти треба, но во согласност со твоите индивидуални целосно субјективни потреби во квантитет и квалитет. Да бидеш прагматичен значи да живееш доволно добро со она што го имаш, ама тоа што го имаш да биде соодветно на оптимум на твоите лични потреби за оптимално живеење, не за минимално! Сите сме различни, за некого две спални соби се доволни, за некого една, за некого четири, ама и тоа има свој горен лимит и горна апсолутна граница на здравиот разум и логика. Да бидеш прагматичен е уметност, да живееш успешно и задоволно понекогаш и со помалку од некој друг од твојот условно кажано сталеж, оти сталежите и социјалните класи во оваа денешна постмодерна папазјанија се многу релативна работа. Ако не беше така, тогаш како ќе си го објасниме фактот што процентот на самоубиства, пазете тоа е мера на квантитетот, е многу поголема меѓу луѓето што имаат повеќе?! Ако квантитетот значел среќа, тогаш значи ли дека најсреќните луѓе на земјава ни се самоубиваат?! Простете ама ако грешам поправете ме, мене таа Аристотелова или парадоксална логика не ми влегува в глава! Значи ли тоа дека посиромашните по квантитет се посреќни?! Ништо од ова не е баш така исто како што речиси ништо на овој свет не е како што изгледа!
Затоа ги замолувам квазипсихолозите (кој се пронајде негова е одговорноста) да престанат да ги обмануваат луѓето дека успехот, парите, моќта, најгорните лимити се извор на среќата… Никој нема право некому да му забрани да оди повисоко и повисоко, та и јас одам колку што можам повисоко во животот и професијата, ама не затоа што верувам дека тоа е извор на среќата, туку дека овој свет е така скроен и дека долниот лимит за преживување е толку високо качен во квантитетна смисла што се мора за да се преживее! Среќата е друго два… Ве молам да правите разлика и меѓу оние што успеваат само затоа што успехот им е единствената цел и оние што успеваат затоа што суштински се препуштиле на процесот на живеење на нештото што ги довело до природен успех, кој, се разбира, никогаш нема да биде ист како кај овие првиве. Ги замолувам погоре споменатите квазиколеги и колеги да не ги подучуваат децата, студентите, едукантите, клиентите, испитаниците итн. дека тоа што некој на овој бел свет од позиција на моќ го создал како аршин за успех мора да биде и нивно мерило! Оти секој има право да научи да мисли со своја глава и да си го вреднува својот квалитет според своите сфаќања за квалитетот! Не мешајте баби и жаби и не унифицирајте го човековото поимање на квалитетот на животот врз основа на вештачки избрани модели за идентификација, зашто момчињата ги престоривме во виртуелни машини за создавање моќ, а девојчињата во кукли од некое универзално списание на гротеската!
Оти убавината се мери според димензиите на женските гради и длабочината на паричникот на мажите. Оти успехот се вреднува само ако некој работи далечински (remote) и ако некој лесно доаѓа до средствата за живот. Оти немаме мајстори што се чесни и задоволни од денарот што го заработиле. Оти сите ја гледаат иднината на лесни места до море и плажа… Оти овој живот по неколку декади ќе нѐ однесе сите во бездната наречена бесмисла и очај, незадоволство и психологија на жртвата. Оти сешто многу скоро ќе стане недоволно и сѐ ќе ни биде малку, а тоа е толку многу тажно и депресивно… Оти деца од трето одделение ни се облечени како од модните писти, а се празни и тажни и не знаат што е долга магарица или криенка… Оти спортските игралишта ни зјаат празни, а моловите ни се преполни со тажни луѓе натоварени со непотребна облека… Оти одамна возилата не се потреба, ами престиж… Оти во земја од посиромашните сите се сликаат на луксузни места, а кукаат оти немаат… Оти ништо повеќе не ни е доста! Е па, доста ми е од таква лажна форма на квалитетен живот во кој квалитетот се мери според правилата на мерливото, а не на доживеаното…
Мирослав Пендароски
Авторот е психолог и универзитетски професор