Дури и во физиката се знае дека некои величини, параметри, варијабли се зголемуваат или пак се намалуваат во согласност со некоја состојба во природата, а од која се дел и тие самите. Па така, на пример, според законот за ентропија, температурата од потоплото тело природно преминува кон постуденото и го стоплува, т.е. ја зголемува неговата температура. Кога надвор е многу студено (иако кај нас одамна нема ниту саглам зима!) и кога по долгото талкање по темните улици на нашиот град, ќе влеземе во некоја млака просторија, ние имаме чувство дека сета топлина на светов е овде за нас. Или, пак, кога температурата надвор (како во пекол-летово) е изгор, секоја и малку ладникава течност ни го освежува организмот, небаре сме се наместиле под најстудениот водопад на светот. Значи, големината на присуството на нешто секогаш е релативна вредност, која покрај своето чисто бројчано, денотативно и буквално значење, си има и свое стекнато, конотативно, ситуационо значење, кое произлегува од самите околности во кои нештото се случува. Ако нешто е студено, со малку топлина се загрева, ако нешто е врело, со малку студенило се оладува, ако нешто е гневно и луто, со малку насмевка се стоплува и смирува, ако е нешто депресивно, со малку емоција за разведрува, ако некој е сиромав, со малку материјални средства се окрепува итн. до недоглед. Што сакам да кажам?! Сакам да кажам дека ниеден квалитет не може да се осознава и проценува без присуството на квантитетот на истото тоа во одредена единица време и соодветните околности во согласност со значењето на истото! Некој ќе рече, па добро бре, Мирослав, во минатиот текст велиш дека квалитетот е поважен од квантитетот, а овде пак дека квалитетот е рака под рака со одредено количество квантитет на истото тоа, ама во единица време и единица околности. Па што, јас немам проблем со тоа ако ти не можеш да разбереш дека такви лабораториски чисти вредности не постојат во катадневниот живот! Ако беше така, тогаш секоја и онака валкана и природно релативизирана вредност на сенештото ќе нѐ натераше да се фрлиме од првиот висечки мост во Вардар, токму заради фактот дека и најчистото нешто во природата не е ниту 0,5 отсто од чистата, теоретска, фиктивна и научна вредност на која било појава на овој свет. Ако беше така, тогаш богатството ќе значеше поголема среќа од немаштијата, а не значи секогаш! Ако беше тоа така, тогаш големината на нечиј успех изразена во квантитет и бројки ќе значеше поголемо чувство на успех и задоволство од релативниот успех, ама не е така. Токму затоа имате спортисти што освоиле трето место а се чувствуваат успешно како да се искачиле на највисокиот пиедестал! Ах, заборавив, има уште една величина, варијабла, појава, карактер, личност се вика! Имено, значи како заклучок, квалитетот на нештото (КН) е функција на квантитетот на тоа нешто во единица време (КВНЕВ) врз релевантните околности во дадената единица време (РОДЕВ) помножено со личното значење на тоа нешто за единката (ЛЗНЕ) врз личната перцепција во тоа дадено време и тие релевантни околности (ЛПДВРО) или, математички (како за лаик во математиката доволно е добро!), би изгледало вака некако:
Ако се обидеме да го објасниме ова сложено нешто, тогаш тоа би изгледало приближно вака:
„Маја е академска сликарка, завршила пред 20 години, во време во кое на академското сликарство се гледало како на респектабилна професија и како на нешто со кое човекот се вдахновува спиритуално, се надградува естетски и каде што заработката не е најважното нешто, туку квалитетот на делото (релевантни околности од минато време). Со годините таа перцепција на општеството се менува и сликарите сѐ повеќе се насочуваат кон тоа да ја прагматизираат својата професија бидејќи сакаат да заработуваат од тоа што го знаат и сакаат, а во исто време можностите за тоа се сѐ помали. Маја добива ретки шанси да ги изложи своите дела на изложби, групни или самостојни, или пак да учествува во галерии или некакви базари, за да може да ги прикаже и продаде своите дела (релевантни општи околности во сегашно дадено време) Но, по неколку неуспешни проекти, претходниот месец, таа добива скромни средства од една странска амбасада и една голема невладина организација од западниот свет задолжена да ја поддржува уметноста. Маја добива мал грант да направи своја изложба (квантитет на нештото во единица дадено време – КВНЕВ). Релевантните околности во единица време, т.е. во време на овие настани се многу малку наклонети, но, поради оваа шанса, за Маја се нешто малку подобри (РОДЕВ). Личното значење на нештото за единката (ЛЗН) т.е. прагматизација на уметноста и занимавањето со уметност за Маја како единка се од огромно лично значење, додека, пак, Маја тоа нешто, уметноста во дадениот момент, единицата време и релевантните околности, нештото (прагматизација на уметноста и занимавањето со уметноста) го перципира како помалку присутно во сооднос со големината на значењето на нештото за неа (ЛПДВРО).
По прикажувањето на тоа како стојат работите, кое погоре е детално објаснето, еве како би изгледал резултатот наречен квалитет на нештото: Маја сѐ послабо се занимава со уметност, а уште помалку живее од тоа (тоа значи дека квантитетот на нештото е ниско присутен, т.е. Маја ретко се занимава со уметност – ниско КВНЕВ), т.е. таа нема многу реални можности да се занимава со тоа што има огромно значење за неа (ЛЗНЕ), бидејќи околностите генерално биле неповолни во последните години (РОДЕВ). Со промената на релевантните околности во единица време, т.е. сегашното време со појавата на проектот-шанса (зголемено и подобрено РОДЕВ), личната перцепција на нештото (занимавањето со уметноста и нејзина прагматизација) во новите релевантни околности во сегашното време (зголеменото РОДЕВ) автоматски станува попозитивна (зголемено ЛПДВРО) и мотивацијата се зголемува. Со тоа, Маја повторно се занимава со уметноста, почнува да продава од своите дела, со тоа значењето на оваа дејност за неа добива и нов квалитет, повратно, се зголемува и квантитетот на нештото (КВНЕВ), кој сега така зголемен, кога ќе се подели со малку подобрените релевантни околности (РОДЕВ), дава повисока вредност. Личната перцепција на нештото (ЛЗПНЕ), која е сега видно зголемена вредност заради повторната шанса да се занимава со уметност и да живее од неа, поделена со реалистично позитивната перцепција на новите релевантни околности (ЛПДВРО) дава исто така позитивна вредност. За крај, кога првиот дел од равенката, т.е. вредноста на квантитетот врз релевантните околности во единица време ќе се помножи со резултатот од личното значење врз перцепцијата на околностите, ќе добиеме повисока вредност на квалитетот на нештото! Ете одличен пример, како малкуто може да стане многу ако постојат одредени макар минимални околности што ќе го поддржат тоа и, уште поважно, ако личното значење на нештото за некого е големо! Тогаш не постојат нешта што ќе го намалат огромното задоволство што „малите“ или пак ретките шанси и моменти да се занимаваме со нив, прават голема добивка во нашата душа. Таа добивка се вика задоволство, среќа, исполнетост, нема мали и големи нешта надвор од нашето поимање на тие нешта и, уште поважно, од личното значење што тие нешта го имаат за нас. Сепак, останува на нас да ги подобриме околностите на подолг рок и да ја држиме во живот вербата дека, сепак, зголемениот квантитет на добрите нешта го дава и зголемениот квалитет на истите тие за нас! Со други зборови, малку имате корист од нештата што ги сакате а кои толку ретко ги применувате, правите, доживувате, уживате! Никаде не пишува дека личната одговорност се купува во „туѓа продавница“! Ма, колку сакате имајте ги средствата! Проблемот е што со тие средства не се купуваат такви производи! Постојат нешта што се купуваат со поинакви „пари”!
П.С. Ве поздрави Маја, која, патем, не се збогати од продажба на своите дела, ама е среќна бидејќи излегува накрај со сите неопходни нешта за нејзиниот живот и животот на нејзините најмили. Патем, ах, да, ми кажа да ви кажам да не сте рекле дека не ми кажала да ви речам дека околностите не се идеални, времето поминува, идеалот е прагматизиран, а розовата слика е само црвена, ама сепак Маја сега е малку посреќна и, да, живее поквалитетно!
Мирослав Пендароски
Авторот е психолог и универзитетски професор