Случувањата во Украина и во Бугарија покажуваат колку лесно антикорупциските тела можат да се политизираат
Минатиот месец украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша закон со кој на генералниот обвинител на Украина му се даваат нови овластувања над две основни државни агенции: Националното биро за борба против корупцијата и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата. И двете беа основани со ентузијастичка западна поддршка по револуцијата во 2013-2014 година.
Илјадници Украинци веднаш излегоа на улиците на Киев и во другите поголеми градови со слогани во кои се изјаснуваа дека „Корупцијата убива“ и „Украина не е Русија“. Митинзите беа првите големи антивладини демонстрации од почетокот на целосната војна во Украина во 2022 година. Тие го прекршија премолчениот договор дека критикувањето на владата во време на војна е ерес.
Потпишувањето на законот, исто така, ја предизвика најсериозната криза досега во односите на Киев со ЕУ и ММФ. Вкупно, до 60 милијарди евра поддршка поврзана со ЕУ беа во опасност да бидат замрзнати. И потоа дојде пресвртот на Зеленски. Тој го смени курсот, враќајќи ја независноста на обете агенции.
Излезе дека масовните протести и меѓународниот притисок може да бидат најдобрата стратегија за одбрана на демократијата. Но Брисел треба да внимава да не се заљуби во антикорупциските агенции. Не се сите создадени еднакви.
Во истиот момент кога илјадници лути граѓани демонстрираа во Киев, илјадници еднакво лути Бугари ги преплавија улиците на Софија протестирајќи против злоупотребата на моќта од страна на номинално независната бугарска антикорупциска комисија и барајќи нејзино затворање. Политички извалканото апсење на градоначалникот на Варна ја направи комисијата да изгледа како политички инструмент што сега се користи за дискредитација и поткопување на опозицијата.
Усложнувајќи ги работите, лидерите што бараат затворање на комисијата се истите оние што ја дизајнираа и ѝ дадоа овластување и да истражува и да апси.
Дали лекцијата е дека ги фаворизираме антикорупциските тела кога ги разоткриваат гревовите на нашите противници, но ги презираме кога ги разоткриваат неправилностите на нашите сојузници, или е нешто повеќе од ова? Протестите во Бугарија покажуваат дека граѓаните се добро свесни за корозивната моќ на корупцијата, но тие исто така ја разбираат штетата предизвикана од вооружувањето на институциите дизајнирани да ја искоренат.
Соочен со дилемата за правење непопуларни компромиси за да се стави крај на војната или непопуларни одлуки за продолжување на борбите, Зеленски разбирливо се плаши дека ескалацијата на обвинувањата за корупција насочени кон неговите сојузници, дури и ако се сомнителни, претставуваат голем ризик за неговата влада. Многумина Украинци ја обвинуваат државната корупција за фатално одложената изградба на одбранбени утврдувања и неодамнешните воени неуспеси на земјата. Тие исто така се плашат дека мрачните изгледи за исходот од војната би можеле да го зголемат ризикот од крадење високи позиции. За владин функционер што се чувствува загрозен дома, засолништето во странство може да изгледа привлечно.
Кога се обидуваше да ја консолидира својата моќ со ова ново законодавство, Зеленски веројатно се потпираше на презирот на Доналд Трамп кон антикорупциските агенции и општата европска воздржаност за критикување на Украина. Но таа пресметка се покажа погрешна. Тој погрешно ја протолкува Европа – и уште полошо, погрешно го протолкува сопственото општество. Неговиот потег беше ненаметната грешка и неочекуван подарок за Русија. Она што ги загрижува Украинците не е само очигледниот имунитет на оние на власт туку и можноста институциите за борба против корупцијата, доколку бидат заробени, да станат инструмент за поткопување на демократијата, како што Бугарите од сите политички бои добро знаат.
Граѓаните на улиците на Софија треба јасно да им стават до знаење и на своите лидери и на оние во Брисел дека институционалниот дизајн не е доволен за да гарантира дека таканаречените независни институции се всушност независни. Јавниот протест се чини дека е последната линија на одбрана, не само против корупцијата туку и против таквата злоупотреба на моќ.
Опасниот план на Зеленски да ги потчини антикорупциските агенции веројатно бил поттикнат од неговата желба да ги заштити своите лојални луѓе што се соочуваат со истрага. Но бугарскиот пример сугерира дека некои влади имаат помрачни мотивации: владите, особено оние под притисок, се заинтересирани за контрола на антикорупциските агенции не само затоа што сакаат да гарантираат имунитет на своите лојални луѓе туку затоа што сакаат да практикуваат селективна правда и да ги гонат своите противници.
Кога Карл Лугер, градоначалник на Виена на почетокот на 20 век, беше обвинет дека соработувал со многумина Евреи додека проповедал антисемитизам, тој ја даде познатата изјава: „Јас одлучувам кој е Евреин“. Ако корумпираните влади денес добијат моќ да одлучуваат кој е корумпиран, демократијата нема да има шанса.
Авторот е политиколог
Иван Крастев