Ивица Боцевски
Дали има македонската држава капацитет за заштита на македонските национални малцинства во соседството и во поширокиот регион? Резултатите од последниот попис во Албанија ја шокираа македонската јавност, како во матицата Македонија, така и помеѓу Македонците во оваа соседна земја. Одеднаш изникнаа граѓани со бугарско етничко самосознание во Албанија, каде што никогаш ги немаше во сите досегашни тамошни пописи, било да биле спроведувани од комунистичкиот режим на Енвер Хоџа, кој беше јасно антијугословенски определен, било да беа спроведувани од актуелна демократска Албанија.
Совршено се јасни активностите на бугарската држава. Преспанскиот договор за бугарските национални кругови само ја потврди нивната теза дека македонската нација е вештачка творба, создадена на лажни основи и со фалсификувана историја. Затоа и дојде до јуришот за „свестување“ на Македонците и нивно враќање во пазувите на обединетата бугарска нација, токму онаа што се хомогенизираше некаде во раниот среден век, па заеднички патуваше низ историјата, сè додека Тито (и Сталин) не ја разделија и не им ги испраа мозоците на Македонците. Тоа би бил описот на актуелната бугарска дипломатска акција кон Македонија, кон Македонците во Албанија и на Косово. Чудно е што изостанува и „егејскиот вектор“ во овие бугарски напори, но веројатно нивната процена е дека нема причини сега да се вознемирува Грција и да се отвора фронт и со нив, барем не додека не се заокружи целосно западната интеграција на Бугарија (преостана уште влез во шенген, во еврозоната и во ОЕЦД).
Налудничавата авантура на Заев со прифаќањето на Преспанскиот договор и газењето на сите црвени линии, грижливо и едногласно исцртувани од македонската дипломатија сите години по независноста, ги разбуди најмрачните националистички духови насекаде во регионот. Иако тој се обидуваше да го претстави неговиот потег како некаков дипломатски триумф, уште од самиот почеток беше јасно како ќе се одвиваат нештата. Сите сеништа на балканската историја се разбудија и се отелотворија во најконкретни политики насочени против Македонија. Да, членството во НАТО ги гарантира актуелните граници на државата, укажува на тоа дека додека трае американскиот примат во Европа и, воопшто, во западната алијанса, Македонија ќе постои како држава, но Преспанскиот договор беше истовремено и пукот што го означи почетокот на новата „македонска борба“, онаа што требаше да биде завршена со Балканските војни и со Букурешкиот договор. Овој пат борбата е за „душите и срцата“ на Македонците, да ја употребам таа излитена фраза, кои се вратија во состојбата на „аморфна маса“, погодна за национално претопување, токму онака како што на времето нè опиша Јован Цвииќ.
Треба јасно да се утврди политичката и историската одговорност за оваа погубна национална политика. Умртвувањето на македонската дипломатија има имиња и презимиња, а тие се Зоран Заев, Стево Пендаровски и Бујар Османи. Нивна свесна одлука беше македонската држава да се откаже од сите форми на одржување активни врски и односи со македонските национални малцинства во регионот. Буквално сите лостови на македонската држава беа сопрени. Во случајот на ДУИ тоа е одамна свесна политика. За разлика од другите албански чинители и движења во Македонија, Али Ахмети и ДУИ системски и систематски работат на релативизација на македонските државни институции. Како типично иредентистичко движење, израснато од некогашните енверисти, нивната логика е дека „колку македонската држава е послаба и понеефикасна, толку сништата за некои други држави, големи, природни и обединети, се сè поблиску на дофат“. Оттука, беше навистина целосно непромислен потегот на Зоран Заев и на СДСМ да ѝ ја доверат македонската дипломатија на ДУИ.
Сопирањето на сета активна работа со македонските национални малцинства во соседството е свесна одлука на Бујар Османи, толерирана или поддржана од Зоран Заев и од Стево Пендаровски. Се надевам дека Собранието ќе најде сили за да воспостави анкетна комисија за да се утврди што им било на ум кога отишле во таа насока. Веројатно мислеле дека така испраќаат некаква порака на пријателство, на соработка и на „европски дух“ кон соседите. Општо земено, нема никаков проблем да се пристапува кон секого со добра волја, но искуството и активните политики на Грција и на Бугарија кон Македонија се токму спротивното. Политика на уценување, на закани, на надменост, на притисоци и на злоупотреба на европската интеграција, на нејзина инструментализација и претворање во оружје против Македонија, не е ни пријателство, ни соработка, а не покажува и никаков европски дух. Македонско-бугарските односи, како и македонско-грчките односи, мора да се градат со отворен и искрен дијалог, каде што македонската страна јасно ќе укаже каде се границите на пристојноста. Не бараме ништо друго освен елементарна почит. Македонија е факт, македонскиот народ е факт и нема преговори за тие прашања со никого, а за неправдите од минатото, како длабокото, така и скорашното, имаме допрва место и простор за дијалог.
Често во кафеанските муабети во земјава, а, за жал, сѐ почесто и во медиумските дебати се поставува прашањето „Дали, воопшто, имаме држава?“ Отсекогаш ми одел на нерви овој начин на водење дебата, прво затоа што укажува на целосна интелектуална мрзеливост и немање волја за впуштање во асална дебата. Се разбира, ме нервира и сета потчинетост на духот, комплексот на пониска вредност, сервилност и инфериорност што зрачи од таквите дилеми, ако воопшто така може и да се наречат овие празни наклапања. Има ли подобар доказ дека Македонија како држава постои и функционира од разликата помеѓу учинокот во политиката кон македонските национални малцинства во регионот, кон странските директни инвестиции и кон инфраструктурната изградба, кога ќе се споредат владите од 2006 до 2017 година со владите од 2017 до 2024 година. Во првиот случај, резултатите од пописот во Албанија се јасен доказ што се случува кога свесно ќе се умртви македонската дипломатија. Во вториот случај гледаме како залетот со правилните политики трае и години потоа, а во третиот случај го имаме автопатот од Кичево до Охрид, како крунски доказ што се случува кога институциите ќе ја прекршат својата должност.
„Што еден неранимајко ќе растури, потоа ни стотина добронамерници не можат да го состават“ би била политички коректната верзија на една позната македонска поговорка. На македонската дипломатија ѝ престои долг пат во обновата на нејзината основа мисија, меѓу која е и заштитата на македонските национални малцинства во регионот. Сега не треба да се влегува во непотребни дебати, туку треба да се постават основите за идната работа со етничките Македонци во регионот, во унапредувањето на нивните права во поширокиот европски контекст, со користење на сите механизми што стојат на располагање преку ОБСЕ, Советот на Европа и Европската Унија, како и кон превоспоставување на нивните врски со матицата. Нека биде пописот на населението во Албанија пример што се случува кога ќе се умртват институциите, кога ќе се исклучи македонската дипломатија и кога македонската држава ќе се откаже од одбраната на своите легитимни национални интереси. Уште во текот на Втората светска војна беа поставени темелите на идната македонска дипломатија, ја градевме заеднички со братските народи во рамките на југословенската дипломатија и потоа ја утврдувавме во невозможни услови по македонската независност. Никогаш повторно да не ни се повтори власт што ќе ја умртви македонската дипломатија!