Коцката е фрлена во Иран

  • Вашингтон е лошо опремен да се справи со регионалниот пожар што го предизвика

И така започнува најновото дрско и целосно предвидливо коцкање од Америка и Израел за преобликување на Блискиот Исток по нивен вкус. Многумина погрешно верувале или избрале да веруваат дека претседателот Доналд Трамп е против војна или спроведувал суптилна принудна дипломатија за да добие ограничени отстапки од Техеран. Ако на Трамп длабоко му се важни неколку работи (помислете на царините, Гренланд, изградбата на ѕидот кон Мексико), за повеќето други прашања тој е алатка што другите ја управуваат со ветувања за брза победа и слава. Иран е едно од овие прашања. Неговите јастреби советници и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вешто маневрираа за да го доведат до позиција каде што војната е неизбежна.
Набргу откако почнаа да паѓаат бомби, Трамп недвосмислено повика на промена на режимот. Откако ќе го обезглави режимот, посочи тој, ќе зависи од иранскиот народ да го искористи подарокот. Тој исто така тврдеше, без докази, дека кампањата ќе „го одбрани американскиот народ со елиминирање на непосредните закани од иранскиот режим“. Израелскиот министер за надворешни работи ја повтори оваа логика, нарекувајќи ги нападите „превентивни“. Не многумина веруваат во овие аргументи, но ова не е важно.
Трамп и Нетанјаху сега се насочуваат кон каротидната артерија. Американските и израелските авиони и крстосувачките ракети ги нападнаа лидерските места на Иран, командните структури и ракетните објекти. Властите на Иран и високите безбедносни команданти остануваат невидливи во моментов. Штетата врз структурите на Иран за донесување одлуки и воените структури веројатно ќе биде огромна. Иранските власти ги повикаа жителите да го напуштат главниот град.
Но Иран беше подготвен да возврати и се обидува да удри силно и брзо. Прекршувајќи го самоограничувањето во претходните циклуси, висок функционер на Револуционерната гарда рече дека сите црвени линии се укинати. Бидејќи Иран не може да се одбрани, се вели во размислувањето, тој мора брзо да наметне значителни трошоци и штети на другите, за тие, пак, да ги сопрат нападите.
Иранските ракетни единици одговорија во рок од неколку часа по нападите, што е доказ за децентрализиран одговор за континуирано лансирање без оглед на тоа дали раководството во Техеран е живо и функционира. Иран го искористи својот огромен арсенал на прецизни балистички ракети со краток дострел, кои ја преживеаја 12-дневната војна минатото лето, против целите најблиску до неговиот брег. Во времето на пишување на текстов, неколку брана ирански напади наводно насочени кон американските бази се пријавени во Бахреин, ОАЕ и во Кувајт, додека ракетите наводно биле пресретнати над Катар, Ирак, Јордан и над Сирија.
Сега прашањето е дали Иран може да го издржи ова темпо. Секојпат кога неговата војска лансира ракета, таа остава трага што супериорните американски и израелски воздушни и разузнавачки системи можат да ја користат за да ги уништат лансерите, чиј број е ограничен. А единиците распоредени низ целата земја ќе се борат да одржат подготвеност и да обезбедат снабдување без централна команда.

Ескалациските опции на Иран вклучуваат вознемирување на поморскиот сообраќај во Ормускиот Теснец за да се зголемат цените на нафтата и да се принуди американската морнарица, која претпочита да работи на далечина, да се изложи во водите на Заливот. Но и ова е ризично бидејќи крајбрежната инфраструктура на Иран за извоз на енергија е ранлива на одмазда од САД, што би го исклучило од трговијата. И многу од партнерите на Иран во регионот сега веројатно ќе се мобилизираат.
Иран проценува дека страдањето во Заливот, исцрпувањето на одбранбената муниција во САД и Израел и меѓународната вознемиреност ќе предизвикаат пократка кампања. Може да се случи токму спротивното. Официјалните изјави од Саудиска Арабија и други држави, но и приватните коментари, изразуваат значителен гнев кон Иран. Тие очекуваа нивната дипломатија да ги заштити од бесот на Иран, но видеата од голема експлозија во американската база во Манама и од пресретнувањето на ракети во Обединетите Арапски Емирати го покажуваат токму спротивното од она што владите на Заливот, нивните заштитени државјани и богатите иселеници го очекуваат таму.
Доколку се интензивираат нападите, земјите од Заливот можеби ќе го олабават своето противење на користењето на нивната воена инфраструктура и воздушен простор од страна на САД. Западните земји исто така се соочуваат со дилеми. Со Украина и Гренланд на ум, многумина се редат за да поддржат војна во која не веруваат нужно. Доколку бидат повикани од нивните партнери од Заливот да дејствуваат според своите одбранбени обврски, можеби дури и ќе мора да ѝ се приклучат на кампањата. Но дури и меѓу оние што го осудуваат нападот има малку разбирање или сочувство за Иран по репресијата на протестното движење.
Не треба да се биде заслепен од воената предност што Америка и Израел ја покажаа во раните часови од овој конфликт. Она што е важно е како ќе заврши војната – а Америка на Трамп веројатно нема да управува долгорочно со регионалниот хаос што го создава.

Емил Хокајем

Авторот е директор за регионална безбедност во Меѓународниот институт за стратешки студии