- Клучот на успехот на една држава (вклучително и воениот) е во образованието и културата – континуираност, ентузијазам, стимулација и поддршка на креативноста, особено во математиката, компјутерите, јазиците и културата, а не само финансиска трка…
Добар ден. Најважно во животот е да има мир. Сѐ друго е игра со ѓаволот и смрт. Империите одлучуваат. Што е четврти рајх? – Jus ad machina – животот е код и ресурс. А санкцијата е ескалација – мир нема. Ова што го кажувам не е мудрување, туку доживувања во енд-фестумот. Ми велат дека сум сам во „коментарите“ – точно е! Зошто да ги слушам оние што талкаат? Ги слушам како турбофолк. Животот е замор од журчења, фешти, чајанки, собиранки и пирови како кај Гетсби, Милер, Вулф, Рим, Шекспиради, ложи и Санхедрини. Кога си сам, откриваш, но стануваш уште посам.
За оружјето, образованието и науката…
Ајде сега да влеземе во проблемот. Минатата недела претседателот Путин и соработниците експлицитно кажаа дека почнува сериска продукција на софистицирани летачки и подводни системи – „буревестник“, „посејдон“, „авангард“, „сармат 1 и 2“, „осина РВ“, „кинзал“, „циркон“, „градиент ПБ“, „анчар“, „арктур класа“, „бореи класа“, „белгород“ итн. Паметно. Укажана е асиметрија во вооружувањето и тоа создаде „паника“ во светот, во САД, особено во Европа. Читав – точно е. Целта веројатно беше одреден психолошки притисок, да се влијае врз идните преговарања во одредени правци. Коментарите кажуваат дека Русија има сигнификантна предност во нуклеарното вооружување во однос на САД, а Европа е во „амбис“. Таа предност се однесува на бројот на боеви нуклеарни глави, но особено на „системите за испорака“ за кои на Западот ќе му требаат години и децении за да ја надминат, ако тоа воопшто е можно. Причината за тоа е „системска“ и јас ќе се обидам подоцна да дадам свое објаснување.
Еве неколку цифри за бројките на нуклеарни боеви глави во разни земји според ФАН (Federation of American Science): вкупно во светот = 12.241 глава, Русија = 5.459, САД = 5.117, Кина = 600, Франција = 290, Обединетото Кралство = 225, Индија = 180, Пакистан = 170, Израел = 90, Северна Кореја = 50. Во 1980-тите имало вкупно над 60.000 нуклеарни глави, но се уништени по договор. За да се уништи животот на Земјата, доволни се околу 100 боеви глави, значи сега тоа може „12 пати“, а порано 60. И што е разликата од еднаш и 12 пати? А продолжените дејства – нуклеарна зима, зрачење, глад, болести, банди, конфликти…)? Да се распарчи Земјата, сега не е можно – потребни се 2*10^32 џули, што е 32 квинтилиони хирошима-бомби. Тесла велел дека со направа би можел да ја раздели Земјата како јаболко – којзнае. Во 1960-тите академик Павле Савиќ кажуваше за „кобалт бомба“ (идеја на Лео Зилард) – хидрогенска бомба обложена со кобалт-59, која при експлозија под дејство на неутронски „туш“ преоѓа во кобалт-60, силно радиоактивен. Честичките од овој изотоп преку стратосферата „ја обложуваат“ целата земја и може да ги уништат сите живи суштества. Хммм…, а може ли овој кобалт-60 да се направи без бомба? Или други долготрајни – бизмут-209, талиум-128…. А може и вируси, глад… Ееееј – лош дедо бре! Е па, зошто се мачат да откриваат нови и нови софистицирани средства за испорачување? Тоа е постојан психолошки и економски притисок дека еден е „посилен“ од друг, па треба да се тркаат економски, научно, политички, филозофски („етички“) со разни притисоци врз „поситните“ земји и нации. На пример – „ако не сте во НАТО, вие сте готови“, или „ако не сте во Европа готови сте“, или „ако Европа не ѝ плаќа толку и толку на Америка – готова е“. Потоа Европа создава параноја дека ќе биде нападната, па се бара лидер (Германија) и ќе ги „исмука“ вашите имоти за ваша фиктивна „сувереност“. Една мала дигресија – ве молам! Пред некој ден испративме учебници во Бугарија на „баци-рака“ – а тие ќе кажат „ту би Македонци ор нот ту би Македонци“… Ви велам – овој „комесаријат“ е колонизација! Поента сега – сувереноста е сила, а силата е – образование!
Второ навраќање на оружјата, заради образованието и науката
Но да се вратиме на оружјата. Некои од нив професорот Милиновиќ ги кажа пред неколку години, но сега се оперативни и сериски. Крај е за подземни градови и преемптивни војни! „Буревестник“ е аналогно на „нисколетачка нуклеарна подморница“, со „безбеден“ мини-реактор. Навигацијата е комплексна за да не се судри со верига од планини и ридови, бидејќи лета ниско (10-100 м) и е невидлива за радари. Навигацијата е сложена, од вградени елементи – оптички, сензорски, ласерски, компјутерски водени со АИ – со споредби на огромни бази податоци за географијата, геологијата, климата итн. (книга – Џефри Стрикланд, QCPINN 2025 метода – Atah Ferea), а и надворешни (сателитски, УСНИ њуз 2025). Инцидент значи „Чернобил“. Се планираат „роеви“ од „буревестници“ – невронска ескадрила (мултипен вектор) и може да се супервизира дел од светот. Западот е многу далеку од оваа опција. „Авангард“ е суперсонично летало – глајдер со брзина до 27 маха, а втора космичка брзина (за да излета од орбитата на Земјата) е 33 маха. Проблеми што се решаваат тука се брзина, забрзување (Циолковски), висина, прецизност, загревање, термална заштита, носивост и невидливост. Носач е суперсонична ракета (ICBM – R-36M2 и RS-28) до висина од 100 км, потоа се откачува и паѓа „како метеорит“. Експлозив – класичен или нуклеарен (до 2 Мт). Нови носачи се „сармат-28“, со по 3-6 „авангарди“. Еволуира во „градиент-ПБ“ и „аншор-ЕВ“, „скракрамџет“, „осина“ (повеќе глави, поголема мобилност, прецизност, нов лансер), „кедр“ итн. Американскиот „Ц-ХГБ“ (Locheed-Martin и Dynetics, брзина до 8 М) е во развој. Исто се најавува „дарк игл“ со брзина од 5М и домет до 2.300 км. Иран има суперсонична ракета „фатах-1“ со брзина од 15М, мултиглавска „кадр-Х“ и „растакиз“, многу опасни офанзивни оружја. Израел не произведува хиперсонично оружје (?), а финансиите ги концентрира на нов „штит“ веројатно со енергетски зрак. Доволно е? Со оглед на актуелните политики, таму (нема да ги дискутирам) состојбата е мрачна. Дроновите се „летачки командоси“ и следат „десантни армии“. Иран сам за себе не е толку опасен, колку што е „експортот“ на џихадистички групации низ светот, во чии игри се и службите од Запад и од Исток. И ние сме инфилтрирани и заокружени. Се лечиме со незнаење и очекувања дека НАТО решава сѐ. Во Британија речиси сите градоначалници се од овие групи, а сега го имаме и во Њујорк. Двојни игри? – Ќе видиме.
Трето навраќање на оружјата, и повторно заради образованието и науката
Се враќаме на оружјата: „посејдон“ – огромно, нуклеарно торпедо, со брзина од 100-180 километри на час, намена – рушење крајбрежни објекти. Планиран во склоп и на идните подморници „арктур“ и „кабардовск“. Српски извори ентузијастички велат дека создава цунами до 300-500 метри, што во литературата е невозможно вештачки (најголемото цунами од 500 метри во Литиа Беј е еквивалент на 5.000 атомски бомби, ранг на две „цар бомби“). Балтикот е „базен“ за плитководни подморници (НАТО = 130+, Русија = 30+). „Орешник“ е „ѕвезда на годината“, интермедиерна балистичка ракета со брзина од над 10М (6М за 90 секунди), на височина од 500-1.000 километри, домет 3-5.500 километри, 1-6 глави (МИРВ, МаРВ), на 10М има температура 8.000К (заштита – карбон-плочи, керамички оклоп и радиактивно ладење), навигација со ИНС, сателитски (ГЛОСНАСС) и гас-коректори, употребен (демонстративно) во Украина, поставени и во Белорусија и така стратешкиот баланс во Европа е поместен, со видливата економско-политичка конфузија, која ја гледаме. Други оружја – кинетички, електромагнетни, роеви, АИ-напредоци, кју-сензори, психотронски – остануваат за друг пат.
Навраќање само кон образованието и науката, затоа што тоа е клучот на
успехот на една држава и нација!
Мојот другар Николај Попов од Москва со кого кратко работевме во САД (НИХ) беше гениј и полимат. Одличен математичар, познавач на јазици и сешто – благодарение на „руската гимназија“. Мајка му беше Еврејка и народен херој на Советскиот Сојуз (се извинувам го заборавив името), а татко му полковник на КГБ (математички – би испаднало во време на Андропов како шеф, значи пред повеќе од 45 години). Вели – често со татко му летал на другиот крај од СССР со суперсоничен авион, за научни мисии и истиот или другиот ден се враќал. Го научив Николај како да заработува од читање новини во Вашингтон и тој, бидејќи беше попаметен од мене, стана многу богат. Отиде во Калифорнија и после не го видов. Значи – едукацијата во Русија (и Советскиот Сојуз) беше многу интензивна и веќе со средно школо си на ниво на инженер. Значи – учењето тогаш било императив. Ирина и Владимир Веил, кои работеле за Леонид Канторович, ги запознав во Бостон. И тие беа сезнајковци. Иако беа дисиденти, ми кажаа една неверојатна работа – дека најголема слобода во светот имаш ако си математичар или физичар во Советскиот Сојуз. Велеа „имаш неограничена слобода и можеш да публикуваш што сакаш“. Имале и посебни привилегии. Тоа богами на Запад го нема – за секоја идеја мене ми наоѓаа замерки и само Леон Купер и Хари Блум беа тие што прифаќаа. Страшна фрустрација. Исто како Николај, велеа дека руската гимназија е најјака во светот. „Е па зошто дојдовте во Америка каде што едвај најдовте работа и егзистенција?“ – ги прашав. Ми дадоа некои навистина апсурдни одговори и од пристојност не истражував длабоко. Заедно го изработивме солитонот на Давидов и на Фролих – модел како молекули влегуваат во клетките. Во СССР бев и порано, во 1965 г. Кога имав 15 години, ги сретнав таму Смилка Здравковска и Виктор Урумов, кои студираа математика и физика на „Ломоносов“ во Москва со големи луѓе. Додуша Смилка ја познавав од многу одамна. Големи луѓе, мултиталенти – секоја чест. Уште беа живи Лаврентиев, Там, Гинзберг, Богољубов, Беркович, Колмогоров, Новиков, Исаија Кантор, Савелјев, Гелфанд, Понтријагин, Громов, Шафаревич и Арнолд.
Физичари беа Сахаров, Лаврентиев, Капица, Флеров, Абрикосов, Каритон… зрачеа. Беше сосема нов свет со нив. Татко ми велеше – „успехот на една земја е математика и креативност“. Секоја идеја ја прифаќаа и од неа излегуваше теорија. Со нив (Урумови) отидов во космичкиот музеј (ВДНК Москва, како град), а и во други музеи, „Ломоносов“ и „Бородино“. Со нив ги купив физиките на Ландау и Савељев, потоа на Пискунов, Бронштајн, Розенфелд и други. Таму беа Таџер и Дејанов. Растевме. На час по физика реков дека Њутн имал подруга дефиниција за материја и сила и станав „црна овца“ за физичарот, а кога му покажав книги – дефинитивно бев омразено суштество и морав да променам гимназија… Да бидам искрен – кога се вратив во Скопје, буквално не смеев да мислам, секоја идеја се прогласуваше за голема глупост. Тоа ти е „креативно школство“ кај нас, љубомора и просечност. Подоцна од Германија донесов еден истакнат професор (Х. Рутерјанс) – немаше речиси никој на предавања. Еднаш дојде нобеловецот Ели Визел и верувајте не дојде ни еден слушач, а и промоторите на неговата книга не дојдоа. Значи – успехот овде е болест, чума, а добрината е лудило. Школството е герила. Љубов заменета со љубомора. И каде ќе одиме? Ете тука е поентата – без најсолидно образование, стимулација на мислењето и креативност нема држава на врвот! Ќе си останеме во приземните катови на гетото. Пред некој ден министерката за образование „и ќотек ќе изедеше“ оти побара превод на македонски јазик. In spiritus miasma. И американското образование е гетовско. Јавните училишта се пониски од нашите, а приватните училишта се добри, ама за оној што во мое време плаќаше по 10.000 долари годишно – сега сигурно повеќе. Евреите одат во еврејско училиште. Католиците во католичко. Сретнав и учени од Иран – секоја чест. Искуство: ако сретнеш многу учен Арап или исламист – или е вистински гениј или британски агент. Некои се комунисти. Ги произведуваат „Бенгалските тигри“ или 77-Бригада – инфлуенсери. Обратно – познавав еден екстремно учен (најучен) од Романија, д-р Е. Бозин, кој живееше во Вашингтон како клошар. Меѓу бездомниците во САД и ЕУ има инженери, доктори, ветерани, па и сенатори (Вилиам Рот) – поради губење стан, развод, ментална болест, зависности, ниска пензија, неплатено лекување, даноци, транзиции итн. Факултетот е ужасно скапа работа. Книгите на Ани Јакобсон и на Белфиоре кажуваат за ДАРПА дека се финансира според потреба, а не континуирано и систематски. Идеите за суперсонични и нуклеарни летала одамна се таму, но не биле исплатливи, па сега ги фаќа паника дека ги имаат Русите. Кинезите се поназад, но најбрзо учат. На Америка и Западот ќе им требаат неколку години интензивна работа за да ги стигнат, ако ги решат финансиските и човечките ресурси. Значи, клучот во успехот на една држава (вклучително и воениот) е во образованието и културата – континуираност, ентузијазам, стимулација и поддршка на креативноста, особено во математиката, компјутерите, јазиците и културата, а не само финансиска трка.
Професор д-р Самуел Садикарио Колономос

































