Киро и Димче – хероите од Кавадарци

Минатиот понеделник, 7 април, бев во Кавадарци. Не бев на гости за Благовец туку по друг повод. Присуствував на полагање венци на споменикот на народните херои Киро Крстев и Димче Мирчев, кои загинаа на таа локација во иста ноќ пред 81 година. Едно прикладно одбележување од Сојузот на борците поддржувачи од Кавадарци, за што голема заслуга има Боро Бојаџиев, претседател на здружението, еден наследник на револуционерна фамилија, симпатичен, ентузијастички ангажиран активист и покрај неговите 85 години. Посредно настанот го поддржува и Општина Кавадарци, преку Градскиот музеј и галерија. Градоначалникот Митко Јанчев е заслужен што локацијата, на патот кон Неготино, ја разубавил во вкусно урбанизиран споменик и допадливо одржуван зелен парк. Кавадарци, градот што сѐ уште ги чува солзите од стрелањето на 12 младинци во блиското село Ваташа, ја памети и ноќта кога загинале двајцата партизански борци.
Киро Крстев Атанасовски Налбатот познат по псевдонимот Страшо (не е Страшо Пинџур) е кавадарчанец, роден во 1923 година, загинал во 1944 година, за народен херој е прогласен во 1951 година. Димче Ѓоше Мирчев е велешанец, роден во 1913 година, загинал во 1944 година, за народен херој е прогласен во 1949 година. Како што се гледа од кратките биографски податоци, двајцата загинале на 7 април 1944 година. Според една дамнешна директива на ЕУ до македонските власти и според духот на Договорот за пријателство со Бугарија не би требало да се пишува дека загинале во судир со бугарскиот фашистички окупатор. Но тој ден така го загубиле животот дури и ако се напише дека загинале од бугарскиот милостив администратор.
Како загинале? Во почетокот на април 1944 година, по директива на КПЈ, Киро Крстев, кавадаречки илегалец, и Димче Мирчев од Велес, десет години постар, секретар на Обласниот комитет на КПМ за Кавадарци, успеале да организираат излез од градот на шеесет нови борци за Втората македонска ударна бригада. Вечерта на 7 април таа година бугарската полиција ја опколила куќата во источниот дел на градот во која се наоѓале Киро и Димче. Во нерамната борба меѓу многубројната полиција и двајцата комунисти, која започнала пред мракот и траела до раните утрински часови, прв загинува Мирчев. Киро и натаму давал отпор, чекајќи пригода да се пробие низ обрачот. Во зората го минал нискиот ѕид и кога се чинело дека е на дофат на слободата, паднал смртно погоден.

Другата верзија вели дека поради тоа што одлучиле да не се предадат, давале отпор додека имале муниција, по што решиле сами да си го одземат животот, но повеќе извори не ја потврдуваат таа верзија.
Како се најдов јас во Кавадарци? Таму, заедно со колегата Љубомир Гајдов, нѐ однесе Ѓоше Мирчев, внук од брат на Димче Мирчев. Ѓоше и Гајдов се велешани, ја знаат историјата на Велес, а и велешани ги знаат нив двајца и нивните фамилии, особено Гајдов. Ѓоше беше технички директор на ФАС „11 Октомври“, тој е еден од главните македонски машински инженери што ги научија Кинезите да прават автобуси. Една деценија инженер во МАН во Минхен, подоцна нивни застапник во Македонија. Врзан емотивно (дури преемотивно) за делото на својот стрико, во последниве години е живо заинтересиран да се додржи споменот за него. Настојува тоа да се случува и во Кавадарци и во родниот Велес, каде што главната детска градинка го носи името на херојот и има негова биста на самиот влез.
На скромното чувствување, освен десетина кавадарчани и неколкумина од борците поддржувачи од Неготино, главно пензионери, немаше официјални општински лица, што е донекаде разбирливо. За жал, поради неинформираност или незаинтересираност немаше велешани, претставници од нивната боречка организација. Вистина, нема веќе живи учесници од Народноослободителната и антифашистичка војна во Македонија, но Сојузот и неговите општински подружници се трудат да го одржуваат споменот за нив како нивни семејни наследници или почитувачи на нивното дело.
Но многумина од нив како да се во илегала. Без простории, без минимална финансиска подршка, без признавање на нивното заслужено место во историјата на слободна и независна Република Македонија, полека-полека тонат во длабокиот заборав. А тие се оние што го живеат претпоследниот или последниот животен круг, кои треба да ги потсетуваат младите (и владите) дека борците – партизаните ги положија своите животи во борбата против фашизмот и ги поставија темелите на денешна слободна и самостојна, современа, меѓународно признаена, атлантска Република Македонија. Да не се заборави дека клучниот период за македонската државност и за воведувањето на македонскиот службен јазик во нашата денешна македонска држава е Народноослободителната борба.

Македонскиот народ и другите националности што живеат во Македонија, осојузени со членовите на големата антифашистичка коалиција, во време на Втората светска војна, четири години се бореа против германскиот, италијанскиот, албанскиот и бугарскиот фашизам и ја создадоа македонската држава. Во таа борба животот го загубија илјадници македонски борци. Таа борба е неотуѓив и нераскинлив дел од македонската национална историја и од македонскиот национален идентитет. Таа национална револуција е темелот врз кој е поставена македонската држава. Ревизијата, оцрнувањето и негирањето на таа македонска историја значат уривање на македонската национална држава и директно посегање по македонскиот национален идентитет.
Нема земја, западноевропска или источноевропска, што не се гордее со својата историја, поблиска или подалечна, дури и ако минувала низ периоди што не се поврзани со светли настани и личности. Врз историска подлога, врз вековни традиции се градат единство, слога и просперитет. А самиот збор традиција значи „нешто што се пренесува натаму“. Преносот на националната меморија на македонскиот народ не е должност само на старите генерации туку истовремено е задача и на младите генерации. Без оглед колку и да е таа меморија богата со светли периоди, колку и да е оптоварена со темни петна, не смее да се фрли и да ја однесе реката на заборавот. И без оглед колку од ЕУ и од други држави да упатуваат директиви да не се спомнува пречесто антифашистичката војна и бугарската окупација на Македонија.
[email protected]