„Отворени се преговорите со ЕУ, кои се очекува да завршат до 2030 година“. „Создаваме нова економска визија за европска Македонија, за да имаме држава што е попросперитетна и стабилна, почитувана дома и надвор и која во следните години ќе биде горда членка на ЕУ“, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски. Каква е врската на зборовите на лидерот на т.н. „државотворни“ со вистината. Речиси никаква. Стандардите за кажување вистина пропаднаа оној момент кога „државотворните“ ја презедоа власта. Македонија никогаш не била предводена од политички лидери што толку флагрантно лажат и толку непрестано ги понижуваат нашите демократски вредности и нашите институции. Историски невидените лаги, лажните тврдења и погрешните изјави на оваа власт во последниве пет години ги понижија фактите и вистината. Инсистирањето на власта да живее во светот на лагите и нејзината неспособност да прави разлика помеѓу вистината и фикцијата го загрозија нашиот уставен систем на владеење. Со Заев умре вистината во Македонија. Октроираниот премиер продолжува да се обидува да создаде атмосфера во која реалноста е ирелевантна. Да, власта не ја кажува вистината, поточно лаже, и тоа не е изненадување за никого. Особено ако се знае дека корумпираните општества поттикнуваат лажење. Затоа теренот на лагите на оваа власт е огромен. Затоа лагата ја претворија во фундамент на владеењето. Ова што го слушаме сега е само унапредена и надградена невистина (лага). Ова сега е малтретирање на јавноста, т.е. она што Лорен Берлант го нарекува „суров оптимизам“: инсистирање на неопходноста од позитивно размислување по секоја цена. Ваков општествен садизам што слави невистина не е виден во поновата македонска историја. Склоноста на „државотворните“ да заведуваат, дезинформираат, да кажуваат невистини и отворено да лажат е карактеристика на нивниот однос кон вистината и јавноста. Притоа не гледам баш дека се загрижени дека политичката лага ја убива демократијата.
Со оваа власт јавниот живот во Македонија стана рај за политичката лага. Всушност, лажењето стана скратен пат до политичкиот успех. Лагите и лажните изјави на власта направија огромна штета во нашата земја и низ светот.
Употребата на терминот „лажни вести“ од страна на власта не е ништо друго освен начин и метод да се пренесат нејзините невистини (лаги) и, по дефиниција, ги користи автократска власт за да ги замолчи новинарите, да ги поткопа политичките противници, да го одбие медиумскиот надзор и да ги заведе граѓаните. На тој начин власта го кородира правото на граѓаните да знаат што прави нивната влада и ги урнисува кредибилитетот и ефективноста на нашата нација на светската сцена, ставајќи им до знаење на нашите сојузници и противници дека на зборот на оваа власт никогаш не може и не треба да се верува. Овој свет креиран од власта е сè само не е реален, лажен е провлечен низ нашите пет сетила, кој нѐ измамува со неговите фини детали. Сега се гледа дека има многу добри причини зошто Оксфордскиот англиски речник го направи „поствистина“ збор на годината во 2016 година.
Една од причините зошто политичките лидери лажат е тоа што веќе не постои казна за тоа, а камоли вистинска санкција. Има нешто бизарно во сево ова. Ако сведокот лаже во судница, тој е виновен за лажно сведочење. Ако компанијата објави лажна реклама, таа се соочува со последици според законите за вистината во рекламирањето. Па, и децата ако ги лажат своите родители, добиваат казна. Но кога политичарот лаже и лаже многу, доаѓа до мало препукување меѓу неговите клеветници и поддржувачи, медиумите се занесуваат околу тоа чија тактика ќе ги импресионира гласачите, се спушта прашина и ништо не се случува додека процесот не се повтори со следната лага. Па, зошто да очекуваме да имаме демократија на која ѝ треба вистината за да функционира, кога незаузденото лажење од оваа власт се смета за помалку штетно од сомнителните тврдења за диететски производ. Во Македонија лажното е новото реално. Новите учебници со нови сознанија за историјата и политиката, нераскажаните теории за настанувањето на еден народ и држава, за нашиот прием во европското семејство, и приказните за илјадниците километри патишта, за економските успеси и енергетските дострели на власта помагаат да се креира алтернативна реалност, во која треба да веруваме. Ако сакате да живеете во храбриот нов свет на лагите на оваа власт, откажете се од вашата навика да преиспитувате сè. Да се биде рационален веќе не е доблест. Тоа се застарени работи. Не сомневајте се во зборовите на наследниците на Заев, како што не се сомневавте во неговите зборови. Лагите на оваа власт се претворија во „уметнички“ перформанс на забеган ум со однапред дефинирана цел. Тоа треба да ве направи да се чувствувате среќно и задоволно. Ако не се чувствувате така, не е до власта, до вас е.